Јосиф Јанчулев ― македонски редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Животопис Јанчулев бил роден на 17 октомври 1902 година во Битола. По потекло бил од Прилеп. Кога бил две години, неговите родители се преселиле во Солун каде завршил средно училиште (во фран­цус­ки­от лицеј „Mission Laique Francaise”). Студирал хемија на фило­зоф­ските факултети во Хајделберг, Фрајбург и Грајфсвалд (Германија). Предавања слушал кај врвни про­фесори од тоа време: Ленар, Курстиус, Фројденберг, Штаудингер, Хикел (некои од нив биле добитници на Нобеловата награда во своите области). Дипломирал во 1930 година, и веднаш почнал да работи врз својата докторска дисертација Die Hydrie­rungs­pro­duk­te des α- und β-Hydrin­dons (Производи на хидрогенација на α- и β-хидриндони). Во 1933 година, под ментор­ство на професорот Валтер Хикел, во Грајфсвалд, тој ја одбранил тезата и се здобил со научен степен доктор на науки. мини|Насловна страна од доктроска дисератација одбранета во 1933 г. По докторирањето, дошол во Скопје и уредил своја приватна лабораторија за испитување минерални и растител­ни масла, бои, опиум итн. За време на окупацијата, тој не бил во државна служба. Во 1947 година, тој бил назначен како хемичар во Фабриката за алкалоиди во Скопје. Рако­водел со Одделението за екстракција и испитување на крајните производи. Во овој период е избран и за хонорарен предавач на Филозоф­скиот факултет во Скопје. Од 1948 година, тој бил во редовен работен однос на Факултетот. Во 1951 година, тој бил избран за доцент. На Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1958 година, бил преизбран во истото звање. За вонреден про­фе­сор бил избран во 1959, а за редовен во 1965 година.

Во текот на својот работен век за студентите на групата за хемија изведувал настава по органска хемија и стереохемија, како и по биохемија. Држел посебни курсови по органска хемија за студентите биолози и физичари. Три години предавал органска хемија и на Вишата педа­гош­ка школа. Предавал органска хемија и на Техничкиот факултет. Професорот Јанчулев објавил поголем број научни трудови. Повеќепати, во 50-тите и 60-тите години, бил на студиски престои на универзитетите во Загреб, Минхен, Хајделберг и Берлин. Синтезата и својствата на тетраке­тоните, еден од про­блемите со кои се зафатил, и денес сè уште тековни за испитување.

Би можело сло­бодно да биде кажано дека тој е осново­по­лож­ни­кот на органската хемија во Македонија. Ја организирал работата во лабораториите по органска хемија на Филозоф­скиот, При­родно-математичкиот и Техничкиот факултет во Скопје. Помогнал во набавката на инстру­мен­тација и списанија. Објавил над 20 трудови во научни списанија.

Бил еден од плане­ри­те на сегашниот Институт за хемија (тогаш Хемис­ки институт). Бил член на управата на Друштвото на хемичарите и технолозите на СРМ и негов претседател. Долго време бил в.д. шеф на Катедрата за органска хемија при Технич­киот факултет во Скопје. Во октомври 1975 година, тој бил пензиониран. Починал во октомври 1985 година.

Наводи

Категорија:Луѓе од Битола Категорија:Луѓе со потекло од Прилеп Категорија:Родени во 1902 година Категорија:Починати во 1985 година Категорија:Починати во Скопје Категорија:Професори на Природно-математичкиот факултет - Скопје Категорија:Македонски хемичари Категорија:Југословенски хемичари