Фран Левстик (28 септември 1831 – 16 ноември 1887) бил словенечки писател, политички активист, драматург и критичар. Тој бил еден од најистакнатите експоненти на политичкото движење на Младите Словенци.

Животопис Левстик е роден во 1831 година во Долње Ретје (сега дел од општината Велике Лашче) во Долењска (тогаш дел од Австриската империја, денес во Словенија) во сиромашно селско словенечко семејство. Релативно доцна го започнал своето образование. Се запишал во гимназијата во Љубљана, каде првите години престојувал во католичкиот конвикт. Поради болест не ја положил матурата и поради недовршената гимназија не можел да добие никаква службеничка работа во Австроунгарската монархија, а тој бил премногу горд за да моли за работа и така се пробивал сам низ животот, постојано селејќи се од едно во друго место. Сепак, за сето тоа време, напорно работел, вклучувајќи се во словенечкиот културен и политички живот. Иако самоук, тој се здобил со големо образование, а некое време престојувал во Виена, каде студирал словенска филологија. Таму се запознал со Вук Караџиќ, го научил српскиот јазик и ги читал српските народни песни, меѓутоа, останувајќи без пари, морал да го напушти градот и да се врати пеш во татковината. Тогаш, започнал отворена борба против туѓинската власт, поради што бил наречен словенечки Спартак. Без постојана служба, тој работел како домашен учител, како секретар на Словенската Матица, како библиотекар и како соработник на повеќе весници.Вукица Станчевска, „Предговор за делото „Мартин Крпан“ од Фран Левстик“, во: Фран Левстик, Мартин Крпан. Македонска книга и Наша книга, Скопје, 1975, стр. 21-22. Левстик бил еден од главните експоненти на „Младите Словенци“, прогресивна и радикална политичка групација слична на „Младите Чеси“ во Чешка, која го оспорил тогаш преовладувачкото влијание на конзервативците, предводени од Јанез Блајвајс, во рамките на Словенечкото национално движење. Во доцните години, тој се приближил на панславистичките идеали. Починал од Брајтовата болест (нефритис) во Љубљана по период на сериозна ментална болест, која вклучувала заблуди од религиозна природа. Погребан е на поранешните гробишта Свети Кристофер во областа Бежиград во Љубљана.

Творештво Левстик претставува централна личност во словенечкиот културен и политички живот по смртта на Франце Прешерн, надополнувајќи ја неговата реформска дејност и создавајќи ги првите драмски и прозни дела во словенечката книжевност. Меѓу неговите најпознати дела се кратката приказна Мартин Крпан, кое станало класично дело на словенечката литература и патописот „Патување од Литија до Чатеж“, чија главна цел е литературен манифест. Во критичкиот есеј „Грешки во словенечкото пишување“ (словенечки: Napake slovenskega pisanja), тој ги изложил своите ставови за развојот на словенечкиот литературен јазик.

Левстик бил поет, прозаист и книжевен критичар. Неговиот придонес во позеијата не е голем: во патриотските песни, тој тагува поради тешкотиите на народот, а неговите љубовни песни се инспирирани од љубовта кон две жени; покрај тоа, пишувал и поезија за деца, полна со ведрина и со хумор и до појавата на Отон Жупанчич и на Кете важел за најдобриот словенечки поет за деца. Неговиот главен придонес кон словенечката книжевност е во прозата, иако неговиот опис не е обемен.Вукица Станчевска, „Предговор за делото „Мартин Крпан“ од Фран Левстик“, во: Фран Левстик, Мартин Крпан. Македонска книга и Наша книга, Скопје, 1975, стр. 22.

Левстик и неговата книжевна програма имале големо влијание врз идните генерации словенечки автори на национални либерални погледи, особено врз Јосип Јурчич, Јосип Стритар, Јанко Керсник, Антон Ашкерц, Јанез Трдина и Иван Тавчар.

По него е именувана наградата „Левстик“ која се додлеува за достигнувања во литературата за деца.

Наводи

Категорија:Словенечки драматурзи Категорија:Починати во 1887 година Категорија:Родени во 1831 година Категорија:Словенечки поети Категорија:Словенечки писатели Категорија:Словенечки есеисти