Александар Цане Скерлевски (Брусник,1925 - Битола, 2003) е македонски партизан, комунист и просветен работник.

Животопис Александар Цане Скерлевски е роден на 25-ти февруари 1925 година во битолското село Брусник во работничко семејство. Татко му Томе бил воденичар и печалбар во Америка, додека мајка му Анча била домаќинка.

Основно училиште учи во Брусник, а гимназија во Битола. По завршувањето на Втората светска војна, дипломира на Вишата педагошка школа и работи како наставник по македонски јазик. Во три мандати од по 5 години е директор на ОУ Стив Наумов - Битола.

Избран е за пратеник во Собранието на СР Македонија во Просветно-културниот собор во 1967 и 1969 година, како и член на Комисијата за општествен надзор на Собранието на СР Македонија во 1971 година.

Се пензионира како директор на Сојуз на возачи на Македонија. За работата во институцијата во 1982 година добива:

Златна плакета за придонес во развитокот на организацијата од Сојуз на возачи на Македонија; Плакета за заслуги во унапредувањето на безбедноста и превентива во сообраќајот од Републички совет за безбедност во сообраќајот;

Умира во 2003 година.

Втора светска војна, НОБ и ЈНА Бугарската окупација на Битола го затекнува на 16 години. На антифашистичкиот отпор се приклучува со четвртата група скојевци од Брусник, од кои на 22 април 1942 година е формиран партизанскиот одред „Пелистер“.

Од 1950 година е резервист во ЈНА со чин заставник, а унапредуван е во поручник 1962 и капетан во 1970 година. Одликуван е со:

Медал за храброст (1 ранг на медали) во 1961;

Медал заслуги за народ (2 ранг на медали);

Орден на трудот со сребрен венец (33 ранг на одликувања) во 1961;

Орден на трудот со златен венец (25 ранг на одликувања) во 1978.

Залагање за родното Брусник Во текот на целиот живот се залагал за развој и подобрување на условите на неговото родно село. Меѓу позначајните се:

изградбата и отворањето на новата зграда на училиштето во 1963 година; изградбата на селското игралиште; реализација на прославата по повод јубилејот „600 години Брусник“ во 1992 година. Притоа е претседател на одборот кој организира манифестација на која присустува претседателот на државата, Киро Глигоров. Настанот е проследен и со настап на Тале Огненовски и промоција на книгата „Брусник, 600 години од создавањето“ од Александар Стерјовски.

Наводи