мини|Лука де ла Торе, 2025 Лукас Даниел де ла Торе (роден на 23 мај 1998, во Сан Диего) е американски фудбалер, на Сан Диего, на заем од Селта Виго, и на американската репрезентација.
Биографија Лука де ла Торе е роден во Сан Диего, од родители научници во истражувачки институти во областа на градот Сан Диего. Неговиот татко е шпанец, што му овозможило да добие шпански пасош и да го напушти САД на 15 години. Тој не знаел шпански додека не пристигнал во Селта Виго, но потоа удобно давал интервјуа и комуницирал со своите соиграчи.
Додека играл за Селта, имал прекар El Pulpeto, поради суеверие да јаде галициски октопод („pulpo“) по секоја победа на клубот.
Клупска кариера Почетоци и Фулам Роден и израснат во Сан Диего, Калифорнија, де ла Торе започнал да игра фудбал во Номадс и Сан Диего Сурф, пред да се пресели во Англија во академијата на Фулам во 2013 година.
Де ла Торе го направил своето деби за Фулам на 9 август 2016 година, во првото коло на Лига купот против Лејтон Ориент, започнувајќи го натпреварот и играјќи до 88-мата минута на Бризбејн Роуд каде Фулам победил со 3–2. Неговиот прв првенствен настап го имал во натпревар од Чемпионшип против Болтон Вондерерс на 28 октомври 2017 година, влегувајќи како замена за Томаш Калас во последните моменти од натпреварот кој завршил нерешено 1–1.
Тој го постигнал својот единствен гол за Фулам во натпреварот од Лига купот против Милвол на 25 септември 2018 година.
Играјќи четири години за Фулам (2016-2020), тој успеал да запише само 14 настапи и еден гол за првиот тим, по што го напуштил клубот во потрага по поголема минутажа.
Хераклес На 6 август 2020 година, де ла Торе потпишал двегодишен договор со холандскиот клуб Хераклес Алмело. Тој запишал асистенција на своето деби во Ередивиси на 13 септември 2020 година, во победата со 2-0 над АДО Ден Хаг. Тој се нашол во Ередивиси Тимот на месецот за март 2021 година, откако го постигнал својот прв гол на 7 март, што бил доцен победнички погодок во успехот со 2-1 на домашен терен над ПЕК Зволе. Својата прва сезона со Хераклес ја завршил со 32 настапи и еден постигнат гол. Следната сезона, тој остварил идентичен учинок од 32 настапи и еден постигнат гол во Ередивиси и тоа одново против Зволе, во домашната победа со 2-0 на 26 февруари 2022.
Селта Виго На 7 јули 2022 година, де ла Торе потпиша четиригодишен договор со шпанската екипа од Примера Дивисион, Селта Виго. Тој бил вториот играч од американска националност кој заиграл за клубот, по итало-американецот Џузепе Роси. Тој го направил своето деби на 20 август во поразот на домашен терен со 4-1 од Реал Мадрид, играјќи ги последните три минути на местото на Ренато Тапија.
Имајќи само неколку настапи како замена под раководството на тренерот Едуардо Коудет, де ла Торе почнал да има поголема улога во тимот по пристигнувањето на Карлос Карваљал. На 22 декември, тој влегол од клупата на гостувањето кај Герника во второто коло на Купот на Шпанија и го постигнал својот прв гол десет минути подоцна за да ја заклучи победата од 3–0. Во следното коло на натпреварувањето, на 3 јануари 2023 година, тој го направил својот прв старт во почетната постава на Селта, иако тимот загубил со 3–1 од Еспањол по продолженија. Првата сезона во Селта ја завршил со вкупно 30 настапи помеѓу првенството и купот и еден постигнат гол.
Следната сезона, де ла Торе ја започнал играјќи како стартер во првите неколку натпревари од Примера Дивисион, забележувајќи две асистенции. На 28 септември 2023, тој го добил првиот црвен картон во кариерата, откако бил санкциониран со два жолти картони во ремито 1-1 на домашен терен против Алавес. Тој го постигна својот прв гол во Примера Дивисион, на 4 февруари 2024 година, во победата со 3-0 на гости против Осасуна.
Непосредно пред почетокот на сезоната 2024-2025, де ла Торе претрпел повреда поради која ги пропуштил првите неколку натпревари. Во септември 2024, било потврдено дека има посериозна повреда на глуждот на десната нога поради која ќе отуствува од терените околу три месеци. Тој се вратил во акција, на 3 декември, влегувајќи како замена за Уго Сотело во победата со 7-0 на гостувањето кај Саламанка во Купот на Шпанија. Три дена подоцна, го забележал првиот настап за сезоната во Примера Дивисион, појавувајќи се одново како замена во домаќинската победа со 2-0 над Мајорка. Со оглед на тоа дека во јануари ја напуштил Селта, тоа бил и неговиот последен настап за галицискиот клуб.
Сан Диего На 21 јануари 2025, де ла Торе му се приклучил на новиот тим во МЛС лигата, Сан Диего, на позајмица од Селта со право на откуп. Задволен од можноста да игра за клубот од својот роден град де ла Торе изјавил: „тоа е нешто за што навистина не размислував порано, но навистина е посебно да можеш да играш за твојот град од каде што си. Тоа не е нешто што секој добива шанса да го направи.” Дебитирал за клубот на 24 февруари 2025, играјќи како стартер до 63-тата минута во победата со 2-0 над Лос Анџелес Галакси.
Репрезентативна кариера Млади Де ла Торе бил дел од американската репрезентација под 17 години на КОНКАКАФ првенството под 17 години 2015 и Светското првенство под 17 години 2015.
Тој, исто така, бил дел од репрезентацијата на САД под 20 години со која го освоил КОНКАКАФ првенството за играчи под 20 години, постигнувајќи гол во победата со 4–1 во натпреварот од групната фаза против Хаити, и бил еден од прецизните изведувачи на удар од белата точка за време на пеналите во финалето против Хондурас. Тој, исто така, бил член на репрезентацијата на САД која стигнала до четвртфиналето на Светското првенство за играчи под 20 години, постигнувајќи гол во ремито 3-3 во групната фаза против Еквадор и асистирајќи за победничкиот гол на Џош Сарџент во следниот натпревар против Сенегал, како и за голот на Лагос Кунга во победата со 6–0 во осминафиналето над Нов Зеланд.
Сениори На 2 јуни 2018 година, де ла Торе го направил своето деби за сениорската репрезентација на САД, влегувајќи како замена во пријателскиот натпревар против Ирска.
Откако учествувал во неколку натпревари од квалификациите за Светското првенство 2022, помагајќи САД да се квалификуваат за првенството по претходно пропуштеното во 2018, де ла Торе се нашол на официјалниот список од 26 играчи на селекторот Грег Берхалтер за завршниот турнир во Катар. Американците стигнале до осминафиналето на турнирот, но тој не бил вклучен во игра во ниту еден натпревар.
Во јуни 2023 година, тој бил во составот на САД за завршницата од КОНКАКАФ Лигата на нации 2022-2023, во Парадајс, Невада. Де ла Торе се појавил како замена и во полуфиналето и во финалето, во кои американците ги победиле соодветно Мексико (3-0) и Канада (2-0) и го освоиле натпреварувањето за вторпат во нивната историја.
На 7 септември 2024 година, де ла Торе го постигнал својот прв гол за репрезентацијата во поразот со 1-2 од Канада во пријателски натпревар одигран во Канзас Сити.
Хронологија на репрезентативните настапи
Статистика Клупска статистика Статистиката е ажурирана на 9 март 2025.
Сезона Клуб Првенство Национален куп Континентален куп Останати купови Вкупно Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Наст Гол 2016-2017 ФЛЧ 0 0 ФАКуп+ЛК 0+3 0+0 - - - - - - 3 0 2017-2018 ФЛЧ 5 0 ФАКуп+ЛК 0+0 0+0 - - - - - - 5 0 2018-2019 ПЛ 0 0 ФАКуп+ЛК 0+2 0+1 - - - - - - 2 1 2019-2020 ФЛЧ 2 0 ФАКуп+ЛК 1+1 0+0 - - - - - - 4 0Вкупно Фулам 7 0 7 1 - - - - 14 1 2020-2021 Хераклес Алмело Е 32 1 КХ 1 0 - - - - - - 33 1 2021-2022 Е 32 1 КХ 2 0 - - - - - - 34 1Вкупно Хераклес Алмело 64 2 3 0 - - - - 67 2 2022-2023 Селта Виго ПД 28 0 КШ 2 1 - - - - - - 30 1 2023-2024 ПД 31 1 КШ 4 2 - - - - - - 35 3 2024-јан. 2025 ПД 1 0 КШ 1 0 - - - - - - 2 0Вкупно Селта Виго 60 1 7 3 - - - - 67 3 2025 МЛС 3 0 УСКуп 0 0 - - - - - - 3 0Вкупно во кариерата 134 3 17 4 - - - - 151 7
Репрезентативна статистика
РепрезентацијаГодинаНастапиГолови САД201810202130202280202380202441Вкупно241
Титули Репрезентативни САД 20 КОНКАКАФ првенство за играчи под 20 години : 1 2017
САД КОНКАКАФ Лига на нации : 1 2022-2023
Наводи
Надворешни врски
Лука де ла Торе на soccerway Лука де ла Торе на transfermarkt Лука де ла Торе на espn Лука де ла Торе на whoscored
Категорија:Американски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Фулам Категорија:Фудбалери на ФК Селта Виго Категорија:Фудбалери на ФК Сан Диего Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1998 година