Херб Алперт (англиски: Herb Alpert; роден на 31 март 1935 година) ― американски трубач, пијанист, композитор, продуцент, музички извршен директор и филантроп. Се вбројува меѓу најуспешните инструменталисти во популарната музика, особено со групата Herb Alpert & the Tijuana Brass, а заедно со Џери Мос бил соосновач на издавачката куќа A&M Records. Неговата кариера опфаќа повеќе од шест децении, во кои освоил бројни награди, вклучувајќи ги Греми, Тони и Национален медал за уметност.

Алперт продал околу 72 милиони снимки. Добил многу признанија, меѓу кои и: награда Тони, осум Греми награди како и Греми награда за животно дело. Во 2006 година бил примен во Куќата на славните на рокенролот. Во 2012 година, американскиот претседател Барак Обама го наградил Алперт со Национален медал за уметност.

Живот и кариера Херб Алперт е роден на 31 март 1935 година во Лос Анџелес.Неговите родители биле еврејски имигранти од Радомишл (денешна Украина) и Романија. Неговите родители биле музичари: татко му свирел на мандолина, а мајка му била учителка по виолина. Алперт започнал да свири труба на 8-годишна возраст.

Во 1950-тите студирал на Универзитетот во Јужна Калифорнија каде две години бил член на марширачки бенд. За време на Корејската војна бил дел од американската армија каде свирел во воениот оркестар.

Во 1957 година, Алперт заедно со Роб Вертс, уште еден надежен текстописец, станал текстописец за Keen Records. Во текот на следните две години напишал многу песни кои станале Топ-20 хитови, вклучувајќи ја и „Wonderful World“ од Сем Кук. Во 1960 година, под името Доре Алперт, почнал кариера како пејач во RCA Records. Во 1962 година, Алперт и неговиот нов деловен партнер Џери Мос ја основале издавачката куќа A&M Records.

Прв хит на A&M Records била "The Lonely Bull", инструментална песна инспирирана од маријачи-музиката која Алперт ја слушнал при борбите со бикови во Тихуана, Мексико. Групата Tijuana Brass (во која првично членувал само Алперт со сесиски музичари) станала феномен во 1960-тите.

Албумот на Алперт од 1965 година Whipped Cream & Other Delights бил толку популарен  што станал најпродаван албум во 1966 година, чија продажба ги надминала албумите од Битлси, Френк Синатра и Ролинг Стоунс; Алперт морал да ја претвори групата Тихуана Брас во вистински ансамбл за турнеи. Неговите албуми Going Places (1965) и What Now My Love (1966) стигнале до прво место на Billboard 200. Познати инструментални хитови од овој период биле: „A Taste of Honey" (Греми за снимка на годината во 1966), „Spanish Flea" (користена како тематска песна во ТВ-емисијата „The Dating Game") и „Tijuana Taxi".

Во 1966 година, бил издаден краток анимиран филм од Џон и Фејт Хабли под наслов „A Herb Alpert and the Tijuana Brass Double Feature“; ја освоил наградата Оскар за најдобар анимиран краток филм во 1967 година. Исто така во 1967 година, Тихуана Брас ја извеле насловната нумера од првата филмска верзија на Казино Ројал.

Во 1968 година Алперт го снимил неговиот единствен сингл кој се искачил на прво место на Billboard Hot 100. Тоа била песната „This Guy’s in Love with You“, напишана од Барт Бачарах и Хал Дејвид.

По неколкугодиншна успешна кариера, Алперт имал креативна криза во 1969 година, изјавувајќи „трубата е мој непријател“. Тој ја распуштил групата Тихуана Брас и се повлекол од јавноста.

Се вратил во 1979 година со инструменталниот хит „Rise“ кој се искачил на прво место на Billboard Hot 100 откако бил постојано користен во сапунската опера Општа болница (англ. General Hospital).

Во 2013 година, Алперт го издал Steppin' Out, кој освоил Греми за најдобар поп инструментален албум. Оттогаш објавил неколку други албуми.

Кон крајот на 2024 година, Алперт објавил дека основа нова група Тихуана Брас и дека ќе направи турнеја во 2025 година, за да го прослави историскиот албум Whipped Cream and Other Delights. Турнејата била насловена како „Herb Alpert & the Tijuana Brass & Other Delights“.

A&M Records A&M Records станала една од најуспешните независни издавачки куќи, потпишувајќи договори со многу популарни изведувачи од тоа време.

На 11 октомври 1989 година, филијалата на Philips, PolyGram, го објавила купувањето на A&M Records за 500 милиони долари. Алперт и Мос подоцна добиле дополнителни 200 милиони долари поради прекршување на условите од договорот од страна на PolyGram.

Наводи

Надворешни врски

Дискографија на Херб Алперт/Тихуана Брас

Категорија:Музичари од Лос Анџелес Категорија:Добитници на Греми Категорија:Американски денс музичари Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1935 година Категорија:Американски филантропи Категорија:Американски музички продуценти Категорија:Еврејски џез-музичари Категорија:Американски трубачи Категорија:Американски џез-композитори Категорија:Американски текстописци Категорија:Американски џез-трубачи Категорија:A&M Records