Медарка или медоносна пчела (латински: Apis) — инсект од родот ципокрилци (Hymenoptera), клад Anthophila. Тоа се високо развиени инсекти, со потекло од Африка, Европа и Блискиот Исток, и се поделени на африкански, ориентални и европски подвидови. Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од пчелите и пронајдени се многу историски извори кои зборуваат токму за овие мали суштества. На пример, Египќаните мислеле дека пчелите се создадени од солзите на Ра, богот на Сонцето, а Грците велеле дека пчелите го чувале Зевс кога бил млад и го хранеле со мед.
Бидејќи им припаѓа на членконогите, телото на пчелата е направено од хитин и се состои од глава, граден кош и абдомен. На градите има три пара нозе и два пара тенки крилја. Кога пчелата ќе полета, нејзините крилја се преклопуваат, што го олеснува летањето. Пчелите собираат растителен нектар и полен летајќи од цвет до цвет и го носат во улиштето. Нејзината уста е составена од два дела: преден дел со кој гризе и заден дел кој всушност е пробосцисот со кој пчелата вшмукува течност. Пчелата има бапка (кошница) на нозете, т.е. вдлабнатина со влакна каде што складира нектар.
Со петте очи над устата пчелата може да разликува некои бои, додека други не може да ги види. Имено, гледа сина и жолта светлина, како и ултравиолетова, што луѓето не можат да ја видат.
За разлика од слабиот вид, пчелите успеале да развијат извонредно чувство за мирис. Со помош на мирисот, пчелите меѓусебно се разликуваат, бидејќи секоја заедница има поинаков мирис. Сетилните клетки за мирис се наоѓаат на врвот на антените. Со опити научниците утврдиле дека чувството за вкус кај пчелите не е многу развиено бидејќи тие собираат сладок раствор дури и кога нема добар вкус. Абдоменот се состои од девет прстени и има восочни жлезди кои лачат супстанца за градење саќе. Задниот дел завршува со назабено жило (осило), што всушност е единствената одбрана на пчелата. Откако пчелата ќе убоди, осилото не може да се извади, па затоа се крши и пчелата умира. Најотровната состојка на отровот што се ослободува за време на убодот е мелитин и е многу опасна за луѓето кои се алергични на него. Пчелната заедница е едно од најорганизираните општества во природата. Многу е слично на човечкото општество во средниот век - има кралица и нејзини поданици. Всушност, во една пчелна заедница има три вида пчели: матица, пчела работничка и трут.
Видови медарки и нивните производи Вид на пчела Потекло Мед Восок Полен Прополис Кралски млеч Пчелин отровApis mellifera Европа, Африка xx xx xx xx xx xx Apis cerana Азија xx xx x x x x Apis dorsata Азија xx xx x x x x Apis florea Азија xx xx x x x x Apis meliponinae тропски области xx xx x x
x = собрани или произведени пчелни производи xx = производи за комерцијален пазар
Европски подвидови на медарки
Крањската пчела (Apis mellifica var. carnica Pollm), сивата пчела или „домашната пчела“, со црно тело покриено со сивкавосребрени влакна, спаѓа во групата на темни пчели. Работничките имаат исклучителен нагон да собираат храна во природата. Матицата е многу плодна (2.000 јајца дневно) и отпорна на болести. Постојат неколку подвидови: алпски, панонски и медитерански (некои автори го нарекуваат и „јадрански“). Италијанската медоносна пчела (Apis meliffica var. ligustica) е пчела по потекло од Апенинскиот Полуостров, со жолтеникава боја, навикната на долготрајна паша и блага клима. Има многу блага нарав, со слаб нагон за размножување. Заедницата се развива силно во текот на летото и есента, матицата е многу плодна. Често влетува во туѓи кошници, па затоа не е омилена кај пчеларите. Поради тоа што живее во блага клима, го одржува леглото до доцните есенски денови, зимува во многубројни и силни заедници при што троши многу храна. Се одликува со послаб нагон за собирање прополис и нектар, меѓутоа, има одлична способност за користење на слаби паши. Кавкаската пчела (Apis mellifica var. caucasica), по потекло од грузиските планини, изгледа донекаде како крањската пчела. Има подолга муцка и е вреден работник на сите пчелни паши. Одлично се брани од натрапници, но е склона да влетува во туѓите кошници, на грабеж. Бавно се развива во пролет. Постојат два вида: сива и жолта. Има слаб нагон за роење и брзо се приспособува на нови паши. Има одлична способност за собирање прополис. Темната европска медоносна пчела (Apis mellifica var. mellifica L.) најчесто се одгледува во Германија. Има крупна градба со тапа муцка, краток јазик и темносива речиси црна боја. Отпорна е на долги и студени зими, па се одржала во Северна и Јужна Америка, како и во Сибир. Во текот на сезоната се развива во заедници со средна снага, развојот на заедницата трае долго во есен и презимува во силни, бројни заедници. Приносите од прополис се умерени, отпорна е на болести и произведува помалку мед од италијанската и крањската пчела.
Генетски код Во 2006 година бил објавен генетскиот код на медоносната пчела Apis mellifera. Сло тоа, пчелата е третиот инсект чиј геном е целосно дешифриран, по мувата и комарецот. Во ДНК-та на пчелите, научниците откриле изненадувачки сличности и врски меѓу пчелите, цицачите и луѓето. Како и луѓето, пчелите преминале на европскиот континент од Африка. Се поделиле на две генетски одвоени популации. Откриено е дека пчелите се повеќе слични на цицачите отколку на мувите поради биолошкиот часовник што го носат во себе. Овој часовник регулира голем број активности, вклучувајќи ја навигацијата, мерењето на времето и пчелниот танцов јазик што се користи за известување за наоѓалишта на храна. Научници од Универзитетот во Илиноис идентификувале 36 гени на мозокот на медарката, од кои 33 претходно веќе биле познати. Во соопштението се наведува дека пчелата има околу 10.000 гени помалку од комарецот или мувата. Кај пчелите, има повеќе гени кои го одредуваат мирисот, но помалку кои го одредуваат вкусот.
Број на излетнички Бројот на пчели излетнички во заедницата, работнички кои собираат храна, вода, прополис и други работи потребни за развој и одржување на заедницата зависи од вкупниот број на пчели во заедницата. Во табелата е дадена големината на заедницата, бројот на излетнички како и нивното процентуално учество во заедницата. Големина на заедницата Број на излетнички Учество во заедницата 15.000 2.300 15% 20.000 5.000 25% 25.000 7.500 30% 40.000 20.000 50% 50.000 30.000 60% 60.000 39.000 65% Според горенаведените податоци, може да се заклучи дека бројот на излетнички не расте сразмерно на бројот на пчели во заедницата.
Презимување на пчелите Кога ќе пристигнат зимските денови, треба да се обезбеди мир во кошницата и да се избегнува непотребно вознемирување на пчелите.
Кога пчелите се вознемирени во зима, тие ќе реагираат со земање дополнителни залихи на храна. Ова непотребно ги оптоварува органите за варење, па неретко заради тоа и многу заедници страдаат. Ако грижата за пчелните заедници била добра, што е должност на пчеларот, нема потреба да се вознемируваат. Ако не е добра, не може да се поправи во зима, затоа повторно, не треба да се допираат кошниците непотребно. Пчелите ги исправиле сите помали грешки што можеби биле направени, а сите поголеми грешки обично значат губење на заедницата. Единствена и неизбежна зимска задача на медарот е да го обезбеди мирот на пчеларникот и евентуално да се исчисти кошницата по зимските врнежи, како што е снегот. Снегот се чисти само од полетиштето на кошницата за да може свеж воздух да влезе во кошницата. Снегот не треба да се чисти од самата кошница, бидејќи служи како нејзин дополнителен природен изолатор. Повремено, пред да се зголемат температурите, пред кошницата на снегот треба да се фрли малку слама, или нешто слично, за пчелите да не слетуваат на студениот снег по летот, што може да биде кобно за нив.
Подготовката на пчелите за зимата предизвикува вознемиреност кај пчеларите секоја година: дали пчелите ќе презимат или не, дали оние што ќе презимат ќе бидат доволно силни за брз пролетен развој до првата сериозна пчелна паша. Важно е да се влезе во зимата со доволно силни заедници. Слабите заедници во клопчето трошат премногу храна и енергија за да произведат топлина, па затоа пред зимата треба да се спојат со здрави и силни пчелни заедници (или со средно силни), со цел да се добие една силна заедница. Ппчеларите кои ги презимиле своите заедници барем една зима знаат дека силната заедница, доволната храна и проветрувањето на кошницата се важни елементи за добро и правилно презимување.
Влажниот воздух спроведува топлина подобро од сувиот воздух, пчелите само посредно ја загреваат кошницата со загревање на клопчето, ладниот воздух влегува низ сите отвори на кошницата, особено во лето. Ова се сите чинители што не треба да се забораваат при подготовка на пчелните заедници за презимување. Многу пчелари прават грешка практично оневозможувајќи ја циркулацијата на воздухот во кошницата кога ги загреваат своите кошници пред претстојната зима. Правилно зимски опремената кошница треба да има циркулација на воздух речиси исто толку добра како во лето. Колку е важно самото затоплување на кошницата станува очигледно кога матицата почнува да ги положува своите први јајца кон средината или крајот на јануари. Тогаш дополнителната изолација го намалува ефектот на разликите помеѓу пониските ноќни и повисоките дневни температури.
Температури Послабите заедници, со помал број пчели, зимското клопче го образуваат порано. Така, клопчето се образува:
за јадра - на 13 °C за средни заедници - на 10 °C за силни заедници - на 8 °C
Во самата зимска кошница со пчели, температурата е 9-10 °C на периферијата на клопчето и 20-30 °C во средината на пчелното клопче.
Пчелно роење Роењето претставува поделба на една заедница на две нови и целосно независни заедници. Роењето е природен нагон на пчелите во нивната борба за зачувување на видот. Самото роење веројатно делумно произлегува од нагонот за селење што денес сè уште се среќава кај некои инсекти. За пчелите да почнат да се ројат, неопходни се неколку предуслови, како што се: соодветна температура и медење на медоносните растенија.
Видови пчели во пчелната заедница Во нормална пчелна заедница живеат и работат три вида пчели, кои ги разликуваме според полот, изгледот, обликот, големината и работните задачи. Ова се матицата, трутот и работничката.
Матица Матицата е единствената полово зрела женка во пчелната заедница, чија задача е да положува јајца и на тој начин да се грижи за заедницата, како и да ја одржува пчелната заедница во кошницата преку феромоните што ги лачи. Оплодените јајца се развиваат во женки (пчели работнички или матици), додека неоплодените јајца се развиваат во мажјаци (трутови). Една пчелна заедница може да има само една матица. Ако се изведат повеќе матици, ќе има поделба на општеството преку природно роење. Матицата ја оплодуваат трутови. Во текот на својот живот, матицата ја напушта кошницата само еднаш, за време на парењето, а исклучително и ако дојде до роење. Оплодената матица положува јајца во клетките на саќето. Работничките клетки се потесни и додека таа положува јајца, нејзините клетки го притискаат нејзиното тело и ги активираат половите органи. Клетките на трутовите се широки и нема активирање на одредени хормони и настанува трут. Работничките се изведуваат од најголемиот број јајца, трутовите се изведуваат од мал број јајца, а матиците се изведуваат од неколку посебно изградени матичници. Матицата се изведува од оплодена јајце клетка, а дали ќе преживее зависи од нејзината исхрана. Матицата може да положи од 2.500 до 5.000 јајца дневно. Матицата се разликува од пчелата работничка и по изгледот. Нејзиното тело е многу пошироко, нозете се подолги, а грбот е без влакна. На задните нозе, нема бапка (кошница) за оставање цветен прав (како работничките), а обликот на осилото е различен од оној на работничката. Матицата се движи во кошницата во правец на Сонцето. Наутро е во источниот дел од кошницата, напладне е помеѓу средишните рамки, а навечер на западната страна.