мини|315x315пкс|Охридски чун каков што се користел за полагање и извлекување на влакот, изложен во НУ Музеј на Македонија Пештански влак — средство за риболов, што се употребувало само на брегот на Охридското Езеро и тоа само во с. Пештани. Наменет бил за лов на летницата.

Целиот маневар на полагање и извлекување на влакот се вршел на дрвени чунови, а подоцна на кајчиња и тоа секогаш на „вежѓи“ како ја означуваат рибарите зоната каде што престанува вегетацијата на 18 до 20 м длабочина.

Опис Градбата на пештанскиот влак е сложена и неговата големина се мери со „сажни“, еден сажен е еднаков на 1,80 м. Основниот облик на пештанскиот влакот е елипсовиден и краевите на неговите крилја се високи 9 сажни (16,2 м), додека неговата средина каде што се наоѓа конусното ќесе, досега висина од 22 сажна (39,6 м). Вкупната должина на влакот изнесува околу 56 сажни (100,8 м). Во состав на крилјата и на ќесето влегуваат поголем број делови од различна големина и со различно големи окца. Горниот и долниот раб на влакот се обезбедени со јажиња (горни и долни) составени од одделни делови. Горното јаже по целата должина носи вкупно 25 парчиња плута, од кои средната најголемата се вика „мана“. На долното јаже овде-онде се врзуваат камења од отприлика 2 кг („шенци“), а средниот меѓу нив се вика „манаташ“. По овие јажиња следува јажето „сталига“ на кое се врзува големото јаже за влечење.

Постапка за влечење на влакот Влечењето на влакот се врши со долги ортоми од брегот и со два чуна кои во текот на извлекувањето се доближуваат еден кон друг и ги привлекуваат краевите на мрежата со што мрежата сè повеќе се затвора во круг. Рибарите кои влечат од брегот тоа го прават со „оркана“ - која личи на некој дебел плетен колан ставен на половина на кој се става ортомата со која се влече влакот. Тој се извлекува со одредени сигнали зашто рибарите се поделени на две групи и се наоѓаат на две различни места. Кога на првата група рибари ќе им дојде сигналот, тоа го соопштуваат на другата група со зборовите „литар“ или „прашта“. За да продолжи извлекувањето, треба да се слушне сигналот и од другата група, а тоа гарантира и добар лов. Извлекувањето на влакот се врши на самите кајчиња (чамци). Целиот маневар со пештанскиот влак трае приближно околу еден час. Тој најмногу се употребува на просторот меѓу селата Трпејца и Пештани.

Поврзано Летница Охридски чун

Наводи

Категорија:Риболовна опрема Категорија:Охридско Езеро