мини|345x345пкс|Занесот на Света Тереза (1647–1652) Џан Лоренцо Бернини Барокно вајарство или барокна скулптура — скулптура поврзана со барокниот стил од раздобјето помеѓу почетокот на 17-тиот и средината на 18-тиот век. Во барокната скулптура, групите фигури добиле ново значење, а постоело и динамично движење и енергија на човечките облици - се вртеле спирално околу празен средиштен вртлог или се протегале нанадвор во околниот простор. Барокната скулптура честопати имала повеќе идеални агли на гледање и одразувала општо продолжување на ренесансниот преод од релјеф кон скулптура создадена во круг, дизајнирана да биде поставена во средината на голем простор - раскошните фонтани како што е Фонтаната на четири реки (Рим, 1651) на Џан Лоренцо Бернини или оние во Версајските градини биле барокна специјалност. Барокниот стил бил совршено приспособен за скулптурата, а Бернини бил преовладувачки лик на тоа време со дела како што е „Занесот на Света Тереза“ (1647–1652). Голем дел од барокната скулптура додавала екстра-скулпторски елементи, на пример, скриено осветлување или фонтани, или споена скулптура и архитектура за да создаде преобразувачко искуство за гледачот. Уметниците се сметале себеси за дел од класичната традиција, но се восхитувале на хеленистичката и подоцнежната римска скулптура, наместо на онаа од „покласичните“ раздобја како што се гледа денес.

Барокната скулптура ја следела ренесансната и маниристичката скулптура, а била наследена од рококо и неокласичната скулптура. Рим бил најраното средиште каде што се образувал стилот. Стилот се проширил во остатокот од Европа, а особено во Франција која му дала нов правец кон крајот на 17 век. На крајот се проширил надвор од Европа до колонијалните поседи на европските сили, особено во Латинска Америка и Филипините.

Протестантската реформација довела речиси до целосен прекин на верската скулптура во поголемиот дел од Северна Европа, и иако секуларната скулптура, особено за бисти и надгробни споменици, продолжила, холандското златно време нема значајна скулпторска компонента освен златарството. Делумно како непосредна реакција, скулптурата била подеднакво истакната во католицизмот како и во доцниот среден век. Католичката Јужна Холандија доживеала процут на барокната скулптура почнувајќи од втората половина на 17 век, со многу месни работилници кои произведувале широк опсег на барокна скулптура, вклучувајќи црковен мебел, надгробни споменици и мали скулптури изработени од слонова коска и јако дрво како што е чемпресот. Фламанските скулптори ќе играат значајна улога во ширењето на барокниот идиом во странство, вклучително и во Холандската Република, Италија, Англија, Шведска и Франција.

Во 18 век, голем дел од скулптурата продолжила да се гради во барокен стил - фонтаната Треви била завршена дури во 1762 година. Рококо стилот бил посоодветен за помали дела.

Потекло и одлики десно|мини|344x344пкс|Грабнувањето на Сабињанките од Џамболоња (1581–1583), Пјаца дела Сињорија, Фиренца Барокниот стил произлегол од ренесансната скулптура, која, потпирајќи се на класичната грчка и римска скулптура, го идеализирала човечкиот облик. Ова било изменето од маниризмот, кога уметниците се стремеле да им дадат на своите дела единствен и личен стил. Маниризмот ја вовел идејата за скулптури што прикажуваат силни спротивности; младост и старост, убавина и грдотија, мажи и жени. Маниризмот, исто така, ја вовел фигурата серпентина, која станала главна одлика на барокната скулптура. Ова бил распоред на ликови или групи ликови во растечка спирала, што му давало леснотија и движење на делото.

Микеланџело вовел серпентина во „Робот на умирачка“ (1513–1516) и „Генијот победник“ (1520–1525), но овие дела требало да се гледаат од една единствена гледна точка. Кон крајот на 16 век, делото на италијанскиот скулптор Џамболоња, „Грабнувањето на Сабињанките“ (1581–1583) вовел нов елемент. Ова дело било наменето да се гледа не од една, туку од неколку гледни точки и се менувало во зависност од гледната точка. Ова станало многу честа одлика во барокната скулптура. Делото на Џамболоња имало силно влијание врз мајсторите од барокната ера, особено врз Бернини.

Друго важно влијание што довело до барокниот стил била Католичката црква, која барала уметничко оружје во борбата против подемот на протестантизмот. Трентскиот собор (1545–1563) му дал на папата поголеми овластувања да го води уметничкото творештво и изразил силно неодобрување на доктрините на хуманизмот, кои имале водечко значење за уметноста за време на ренесансата. За време на понтификатот на Павле V (1605–1621), црквата почнала да развива уметнички доктрини за да се спротивстави на Реформацијата и вклучила нови уметници да ги спроведат.

Бернини и римската барокна скулптура Лик кој преовладувал во барокната скулптура бил Џан Лоренцо Бернини (1598–1680). Тој бил син на фирентински скулптор, Пјетро Бернини, и бил повикан во Рим од папата Павле V. Младиот Бернини ги создал своите први самостојни дела на петнаесетгодишна возраст, а од 1618 до 1625 година добил голема нарачка за статуи за вилата на кардиналот Скипион Боргезе. Неговите дела, многу драматични, направени да се гледаат од повеќе точки на гледање и спирално нагоре, имале огромно влијание врз европската скулптура. Тој продолжил да преовладува во италијанската скулптура преку своите дела на римски фонтани, Балдахинот на Свети Петар и гробницата на папата Александар VII во базиликата Свети Петар, како и неговиот олтарски ансамбл за црквата Санта Марија дела Виторија во Рим. Својата последна нарачка ја добил за изработка на фонтански скулптури за „Фонтаната на слонот“ (1665–1667), по што следела низа ангели за мостот Сант Анџело во Рим (1667–69).

Бернини починал во 1680 година, но неговиот стил извршил големо влијание врз скулпторите низ цела Европа, особено во Франција, Баварија и Австрија.

Мадерно, Моки и другите италијански барокни скулптори Дарежливите папски нарачки го направиле Рим магнет за скулпторите во Италија и низ цела Европа. Тие украсиле цркви, плоштади и, специјалитет на Рим, популарните нови фонтани создадени низ градот од страна на папите. Стефано Мадерна (1576–1636), по потекло од Бисоне во Ломбардија, му претходел на делото на Бернини. Тој ја започнал својата кариера правејќи копии во намалена големина на класични дела во бронза. Неговото главно дело од големи размери била статуата на Света Сесилија (1600), за црквата Света Сесилија во Трастевере во Рим. Телото на светицата лежи испружено, како да е во саркофаг, предизвикувајќи чувство на патетика.

Друг важен римски скулптор од раните години бил Франческо Моки (1580–1654), роден во Монтеварки, во близина на Фиренца. Тој направил прославена бронзена коњаничка статуа на Александар Фарнезе за главниот плоштад во Пјаченца (1620–1625) и живописна статуа на Света Вероника за базиликата „Свети Петар“, толку активна што се чини дека ќе скокне од нишата.

Други значајни италијански барокни скулптори биле Алесандро Алгарди (1598–1654), кому прва голема нарачка му била гробницата на папата Лав XI во Ватикан. Го сметале за соперник на Бернини, иако неговите дела биле слични по стил. Неговите други поголеми дела вклучуваат голем вајан барелјеф од легендарната средба помеѓу папата Лав I и Атила Хунот (1646–1653), на која папата го убедил Атила да не го напаѓа Рим.

Фламанскиот скулптор Франсоа Дикеноа (1597–1643) бил уште еден важен лик на италијанскиот барок. Му бил пријател на сликарот Пусен, а бил особено познат по неговата статуа на Света Сузана во Санта Марија де Лорето во Рим и неговата статуа на Свети Андреј (1629–1633) во Ватикан. Тој бил именуван за кралски скулптор на Луј XIII од Франција, но починал во 1643 година за време на патувањето од Рим до Париз.

Меѓу главните скулптори во доцното раздобје бил и Николо Салви (1697–1751), чие најпознато дело е дизајнот на Фонтаната Треви (1732–1751). Фонтаната, исто така, содржела алегориски дела од други истакнати италијански барокни скулптори, вклучувајќи ги Филипо дела Вале, Пјетро Брачи и Џовани Гроси. Фонтаната, во сета своја величественост и раскош, го претставува последниот чин на италијанскиот барокен стил.

Франција мини|300x300пкс|Франсоа Жирардон, Нимфи го служат Аполон, Версајски дворец (1666) Поголемиот дел од француската барокна скулптура имал за цел да ја прослави не Црквата, туку француските монарси, Луј XIII, Луј XIV и неговиот наследник, Луј XV. Иако барокната скулптура се појавила во 1630-тите во Франција со уметници како Жак Саразен и Филип де Буистер, голем дел од неа ја создале скулпторите на новата Кралска академија за сликарство и скулптура, основана во 1648 година, а подоцна внимателно надгледувана од Жан-Батист Колбер, кралскиот министер за финансии. Француските скулптори тесно соработувале со сликари, архитекти и пејзажни дизајнери како што е Андре Ле Нотр за да ги создадат скулпторските ефекти што се наоѓаат во Версајскиот дворец и нејзините градини, другите кралски резиденции и статуите за новите градски плоштади создадени во Париз и другите француски градови. Колбер, исто така, ја основал Француската академија во Рим за да можат француските скулптори и сликари да ги изучуваат класичните модели.Article by Uwe Geese in L'Art Baroque – Architecture, Sculpture, Peinture, (2015) H.F. Ullmann, pp. 302–315

Во раното барокно раздобје, француските скулптори, како Пјер де Франквил, биле во голема мера под влијание на уметници од Фландрија и Холандија, особено од маниризмот на Џамболоња. Но, скулпторите Симон Гијен (1581-1658) и Жак Саразен (1592-1660) дел од своето образование го поминале во Италија кога барокниот стил добивал на популарност, пред да се вратат во Франција. Самиот Бернини, на врвот на својата слава, дошол во Париз во 1665 година за да му го претстави својот план за Лувр на Луј XIV. На кралот и неговите министри не им се допаднало делото на Бернини, а планот бил отфрлен, иако Бернини изработил прекрасна биста на Луј XIV, на која многу и се восхитувале и сега е изложена во Версајскиот дворец.Paul Fréart de Chantelou, Diary of the Cavaliere Bernini’s Visit to France, 1985, ed. Anthony Blunt

Најдобрите француски скулптори биле ангажирани да изработат статуи за фонтаните и градините на Версајскиот дворец и другите кралски резиденции. Меѓу нив биле Пјер Пиже, кој бил активен во Италија пред да работи за Луј XIV, Жак Саразен, Франсоа Жирардон, кој ја создал големата мермерна група Аполон дворен од нимфи, за Версајските градини во 1666 година, Жан-Батист Тиби, Антоан Коазевокс, кој направил неколку бисти и коњанички статуи на Луј XIV и Никола Кусту. Во 18 век, Гијом Кусту, помладиот брат на Никола, создал особено позната група коњи за градините на замокот Марли, познати како Марлиеви коњи.

Некои важни француски скулптори биле главно активни во Италија, особено во Рим, како Никола Кордие во раниот 17 век, а подоцна во истиот век Пјер Ле Гро Помладиот и Пјер-Етјен Моно, кои усвоиле поберниниевски стил.

Во подоцнежните години од барокната ера, Жан-Батист Пигал (1714-1785) и Жан-Батист Лемојн (1704–1778), директор на Француската академија во Рим, биле сметани за најдобри рококо скулптори, заедно со Робер Ле Лорен, Мишел-Анж Слодц, Ламбер Сигисбер Адам, Етјен Морис Фалконе и Клодион. Делото на Едме Бушардон означува рана транзиција помеѓу рокајот и построг класицизам, додека ученикот на Лемојн, Жан-Антоан Удон, го предводеше преминот на француската скулптура од барок во неокласицизам.

Наводи

Литература Boucher, Bruce, Italian Baroque Sculpture, 1998, Thames & Hudson (World of Art),

Redondo, José Ignacio Hernánez, Baroque Sculpture in Spain, from Baroque Art - Architecture - Sculpture Painting, H.F. Ullmann, Cologne, 2015. () Hugh Honour and John Fleming, A World History of Art, 1st edn. 1982 (many later editions), Macmillan, London, page refs to 1984 Macmillan 1st edn. paperback.

Надворешни врски

Категорија:Барокно вајарство