„Насон прочитана книга“ — роман од македонска поетеса и писателка, Соња Манџук. Романот е објавен е во 2019 година во Скопје од издавачката куќа „Арс ламина“, откако во истата година е награден со книжевната награда „Пегаз“.
Осврт кон делото Романот е приказна за човекот. Во ова време на технолошки и дигитален развој, човекот се чувствува отуѓен, а во овој роман пронаоѓа приказни каде што се присутни луѓе. Па така, читајќи, човекот никогаш не е сам. Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува онирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како појава, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Авторката Соња Манџук во овој роман, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин – стои во образложението на жири-комисијата за доделување на наградата „Пегаз“, составена од : Димитар Башевски, Иван Шопов и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс ламина“).
Технички одлики Романот „Насон прочитана книга“, со обем од 133 страници и со димензии од 21 см, каталогизиран е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-259-650-1. Издаден е во 2019 година во Скопје, од издавачката куќа „Арс ламина“. Издавањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура.
Наводи
Поврзано Соња Манџук Награда „Пегаз“ Македонска книжевност Хорхе Луис Борхес
Надворешни врски Насон прочитана книга „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук ја доби наградата „Пегаз“ Свечено доделување на наградата „ПЕГАЗ“ и промоција на „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук вечерва во Музеј на Град Скопје
Категорија:Македонски романи Категорија:Книги од 2019 година Категорија:Појавено во 2019 година во Македонија Категорија:Македонски дела од 2019 година Категорија:Дела на Соња Манџук Категорија:Изданија на Арс Ламина - публикации