„Кој го уби Едгар Алан По“ — роман од македонскиот писател и поет Владо Јаневски. Издаден е во 2024 година во Скопје, од издавачката куќа „Или-или“. Ликовните прилози во книгата и илустрацијата на корицата се дело на Јаневски. Романот бил финалист за наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

Содржина „Кој го уби Едгар Алан По“ се состои од 6 дела (и 69 глави):

Протнување низ иглени уши Барање помош Што е најстрашно Должината на мојата черга Таков е животот Што можев друго да сторам

Во романот владее атмосфера на магичен реализам со повеќе слоеви и теми, едната од нив е и темата за смртта на Едгар Алан По. Романот е посветен на животот на младиот писател и сликар, Феликс Рејнолдс, кој и самиот објавил роман за смртта на Едгар Алан По. Станува збор за два романа, игра на роман во романот, или на вистина во една друга поинаква вистина што ја крие и играта на животот. Во одреден момент и самиот писател, Феликс, во романот на Владо Јаневски не може да знае дали пишува за тоа што го живее, или го живее тоа што го пишува. Нема граница, иако се чини дека постојано се обидува да ја најде: каде завршува реалното во неговиот живот, до каде има смисла, каде започнува илузијата, реалистичното, лудилото, бесмислата. Феликс доаѓа дотаму што еден ден почнува да се сомнева дека многу „личности“ од неговиот живот се всушност плод на неговата имагинација, желба, потреба да бидат таму, како и самиот тој, кој тешко разбира дали е дел од книгата што некој друг писател ја напишал, или ја напишал самиот за себе, мислејќи дека е некој друг кого постојано има потреба да го најде. Самиот наслов, „Кој го уби Едгар Алан По“, интригира и фрла сенка врз смртта на еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот, По — дали тој починал од природна смрт или можеби е убиен? — чин што и ден-денес е завиткан со мистериозност. Се знае само дека По бил пронајден во пијана состојба откако неколку денови лежел на некоја клупа во парк, носејќи туѓи алишта и, според некои тврдења, последните зборови му биле повторување на името „Рејнолдс“. Дали е можно тоа да е истиот Рејнолдс, ликот на писателот Феликс Рејнолдс од романот на Јаневски, кој живее во дваесет и првиот век? Во романот се среќаваме со ликови кои се обидуваат да го докажат тоа. Се сретнуваме и со психијатарот на писателот Феликс, во чија канцеларија, сместена во замок како излезен од делата на Кафка, оживуваат критични моменти од комплексниот живот на писателот и се испреплетуваат цела низа на ликови, времиња и судбини. Писателот Феликс е под постојана опсервација на т.н. „Кафкависти“, со улога на егзистенционалисти кои се грижат за функционирањето на светот. Тие се доволно моќни да бидат насекаде и во секое време и да ја одредуваат судбината на луѓето, вклучително и таа на писателот лично. Останува да се види кој ќе биде покажан со прст како убиец на Едгар Алан По и, дали благодарение на моќта на „Кафкавистите“, ќе биде осуден и ќе заврши во затвор.

Осврт кон делото Во освртот на Анета Тасова, меѓу другото се вели – да се биде писател и да се одбере патот по кој тој оди не е лесно, особено затоа што повикот е неотповиклив и затоа што тоа и не е нешто што можеш да го избереш или да не го избереш. Сите предизвици што ги носи оваа, за некого професија, за некого благослов, но за некого и проклетство, може најдобро да се разберат читајќи го романот на Владо Јаневски каде има многу интересно претставување на луѓето што го опкружуваат главниот јунак, Феликс, кој и самиот е писател — ја искористуваат неговата несигурност и го злоупотребуваат неговиот талент и успех. Стилот наликува како да раскажува самиот Кафка, кој сега се бори против „Кафкавистите“ на модерното, новото време. Тоа го прави овој роман особено привлечен и несомнено ќе ја збогати македонската литературна ризница. Во „Кој го уби Едгар Алан По“ постои жесток и испреплетен судир помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го нарекуваат лудило, а всушност е само секојдневно бегање од животот и борба со смртта. Ова го гледаме постојано и насекаде, во нас и луѓето околу нас, но изгледа дека станува сè потешко да се најде излезот или да се биде победникот. За секој љубопитен читател „Кој го уби Едгар Алан По“ е интересно патување во еден магичен лавиринт на умот и предизвик да се открие дали крајот на романот дава надеж и можност за спас.

Технички одлики Романот „Кој го уби Едгар Алан По“, со обем од 462 страници и со димензии од 20 сантиметри, каталогизиран е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-261-125-9. Издаден е во 2024 година во Скопје, од издавачката куќа „Или-или“. Издавањето на романот финансиски е помогнато од Министерството за култура. Ликовните прилози во книгата и илустрацијата на корицата се дело на Владо Јаневски.

Наводи

Поврзано Владо Јаневски Награда „Стале Попов“ Награда „Роман на годината“ Едгар Алан По Франц Кафка Македонска книжевност

Надворешни врски Психолошки роман со магична реалистичност Running away from life, fighting death Reviewed book: Who Killed Edgar Allan Poe Финалисти за наградата „Стале Попов“ Кој го уби Едгар Алан По Осум романи во игра за „Роман на годината“ за 2024 Промоција на „Кој го уби Едгар Алан По“ – новиот роман на Владо "Кој го уби Едгар Алан По" — поткаст-интервју со писателот Владо Јаневски

Категорија:Македонски романи Категорија:Дела на Владо Јаневски Категорија:Македонска книжевност Категорија:Книги од 2024 година Категорија:Македонски дела од 2024 година Категорија:Појавено во 2024 година во Македонија Категорија:Изданија на Или-или