Donkey Kong (македонски: Донки Конг, ) — компјутерска игра во жанрот платформер, развиена и издадена од компанијата Nintendo во 1981 г. за аркадни автомати. Подоцна, играта била портирана за многу играчки конзоли и домашни сметачи. Играчот управува со ликот наречен Скокачот (англ. Jumpman), кој трча и скока по платформите и се качува по скали за да ја спаси Полин од џиновска горила по име Донки Конг. Ова е првата игра во серијалот Donkey Kong, како и прво појавување на Марио во некоја видеоигра.

Играта Donkey Kong била развиена од Nintendo во обид да создаде успешен проект што би можел да му парира на Pac-Man од 1980 г. и да ѝ помогне на компанијата да успее на северноамериканскиот пазар. Тогашниот претседател на Nintendo, Хироши Јамаучи, му ја доверил работата на играчкиот дизајнер почетник, Шигеру Мијамото. Вдахнат од различни дела како „Убавицата и Ѕверот“, како и од ликовите од класичните американски филмови од 1930-тите години, како Попај Морнарот и Кинг-Конг, Мијамото го разработил сценариото и дизајнот на играта заедно со главниот инженер Гунпеи Јокои. Тие отвориле нов пат во развојот на игрите, користејќи ја графиката за да ѝ дадат карактер на играта, вклучувајќи анимирани сцени за развој на заплетот, како и повеќестепен играчки процес.

И покрај тоа што американските вработени во Nintendo на почетокот биле претпазливи кон играта, Donkey Kong постигнал и критички и трговски успех во Северна Америка и Јапонија, каде што станала најдоходната игра во 1981 и 1982 г. Играта била портирана за Game & Watch и била продадена во 8 милиони примероци, додека Nintendo ја лиценцирал играта на компанијата Coleco (развивач на аркадни портови за домашни конзоли), која продала 6 милиони касети. Вкупно, низ целиот свет биле продадени повеќе од 15 милиони примероци. Други компании создавале клонови на играта за да избегнат плаќање хонорари. Ликовите на Мијамото започнале масовно да се рекламираат во многу производи, вклучувајќи житарки за појадок, играчки и анимирани серии. Филмската компанија Universal Studios поднела тужба, тврдејќи дека Donkey Kong го нарушува нивниот заштитен знак Кинг-Конг, но на крајот го загубила случајот.

Успехот на Donkey Kong ѝ обезбедил на Nintendo доминација на пазарот од 1981 г. до крајот на 1990-тите. Во играта за првпат се појавил Марио, кој станал талисман на Nintendo и еден од најпрепознатливите ликови во светот. Donkey Kong поставил стандарди за жанрот платформер уште пред да се појави самиот поим и станала една од најважните игри на златната доба на компјутерските аркадни игри, како и една од најпопуларните аркадни игри на сите времиња.

Играчки процес мини|Првото ниво. Кадар од аркадната верзија на играта.|311x311пкс|лево По играта Space Panic од 1980 г., Donkey Kong се смета за еден од раните претставници на жанрот платформер, дури и пред да се појави самиот поим. Во американскиот печат, за игрите со платформи и скали се користел терминот „игра со качување“ (англ. climbing game). Како прв платформер во кој се воведени скоковите, Donkey Kong го принудува играчот да скока преку бездни, препреки или непријатели што се приближуваат, со што го поставува шаблонот за идниот жанр. Со четири уникатни нивоа, Donkey Kong била најсложената аркадна игра во тоа време и една од првите аркадни игри со повеќестепен играчки процес, следејќи ги игрите како Phoenix, Gorf и Scramble.

Покрај целта да се стигне до Полин и да се спаси, надминувајќи пат полн со препреки, играчот има и бројач на поени. Поени се добиваат за следниве дејства: скокање преку препреки; уништување предмети со помош на бонусен чекан, кој дава неповредливост; собирање предмети како чадори, капи и чанти; отстранување на нитни од платформите; и поминување на секое ниво во согласност со постепено намалувачкиот бонусен бројач. Играчот ја започнува играта со три животи, а дополнителен живот се добива за 7000 поени. Живот се губи кога Марио ќе допре кој било непријателски објект или Донки Конг, кога ќе падне од голема височина, како и ако дозволи бонусниот бројач да достигне нула. Кога сите животи се изгубени, играчот е поразен.

Играта има бесконечен број циклуси на игра, кои се поделени на 4 различни нивоа. Секое од четирите нивоа претставува 25 метри од конструкцијата на која се качил Донки Конг: 25, 50, 75 и 100 метри. Првото ниво вклучува качување на Марио по градилиштето составено од криви греди и скали, притоа тој мора да ги прескокнува или да ги крши со чекан бочвите што ги фрла Донки Конг. На второто ниво, наречено „Фабрика за цемент“, играчот треба да се качи по петкатна конструкција од подвижни ленти по кои се движат садови со цемент. Третото ниво вклучува возење на играчот со лифтови, избегнувајќи ги пружините што скокаат. На последното четврто ниво, Марио треба да исфрли осум нитни од платформите на кои стои Донки Конг, по што Донки Конг паѓа, а јунакот се соединува со Полин.

По секој циклус на игра, нивоата се повторуваат со зголемена тежина. На пример, Донки Конг започнува побрзо да фрла бочви и понекогаш дијагонално, а брзината на огнените топки се зголемува. Тежината на нивоата го достигнува својот врв на 5-тиот циклус и потоа не се менува. 22-риот циклус неофицијално се нарекува „екран на смртта“ (англ. kill screen), бидејќи поради програмска грешка, Марио загинува по неколку секунди, што го прави поминувањето на нивоата невозможно и фактички ја завршува играта.

Поредокот на нивоата во американската верзија се разликува од изворната јапонска (ако нивото на екранот се разликува од вистинското, тоа е наведено во загради):

+ Циклус Нивоа (американска верзија) Нивоа (јапонска верзија) 1 25 м, 100 м (50 м) 25 м, 50 м, 75 м, 100 м 2 25 м, 75 м (50 м), 100 м (75 м) 3 25 м, 50 м, 75 м, 100 м 4 25 м, 50 м, 25 м (75 м), 75 м (100 м), 100 м (125 м) 5-21 25 м, 50 м, 25 м (75 м), 75 м (100 м), 25 м (125 м), 100 м (150 м)

Рекорди и достигнувања Документарниот филм од 2007 г., „Кралот на Конг“, ги прикажува обидите на Стив Вибе да го собори светскиот рекорд за најголем број освоени поени во Donkey Kong, кој во тоа време се сметало дека му припаѓа на Били Мичел.

Во почетокот на 2010-тите години, Хенк Чиен поставил рекорд од 1.138.600 поени. Четири години подоцна, тој бил надминат од Роби Лејкман. На 11 јануари 2021 г., рекордот на Лејкман бил соборен од Џон Мекарди со резултат од 1.272.700 поени. Лејкман ја вратил титулата светски рекордер само пет месеци подоцна, на 8 јуни истата година, постигнувајќи само 100 поени повеќе од Мекарди.

Во 2018 г., организацијата Twin Galaxies му ги одзела рекордите на Мичел и му забранила да поставува нови резултати, откако дошла до заклучок дека Мичел користел емулатори за своите постигнувања. Twin Galaxies забранува употреба на емулатори бидејќи тие овозможуваат неказнето мамење. Меѓутоа, во 2020 г., Гинисовата книга на рекорди ја поништила својата одлука и ги вратила претходните светски рекорди на Били Мичел, врз основа на нови докази.

Покрај највисокиот резултат, во Donkey Kong постојат и други категории на светски рекорди. Една од најпопуларните е „Без чекан“ (англ. No Hammer Challenge), каде што играчите се обидуваат да освојат најмногу поени без да го користат чеканот. Важечкиот светски рекорд во оваа категорија бил поставен од Џеф Вулф на 8 јули 2013 г. со резултат од 735.100 поени. Други категории вклучуваат најголем број поени на различни нивоа и најмал број поени.

Приказна Donkey Kong се смета за една од првите видеоигри во кои заплетната линија визуелно се развива на екранот. Дејството се одвива на градилиште во Њујорк, каде што истоимениот лик Донки Конг ја има улогата на главниот злобник. Главниот јунак е столар, кој првично во јапонската аркадна верзија немал име, подоцна го добил името Скокачот (Jumpman), а потоа Марио. Донки Конг ја грабнува пријателката на Марио, која прво се викала Леди, а подоцна била преименувана во Полин. Играчот треба да ја преземе улогата на Марио и да ја спаси. Ова се смета за прва употреба на раскажувачкиот потег „девојка во неволја“ (англ. damsel in distress) во видеоигрите, што поставило шаблон за безброј игри издадени подоцна.

Во играта се користат графика и анимација за да се создадат ликовите. На пример, Донки Конг се насмевнува кога Марио ќе загине. Полин има розов фустан и долга коса, а облачето за говор гласи „ПОМОШ!“ Марио, прикажан во црвен комбинезон и капче, е обичен лик што е вообичаен тип ликови во Јапонија. Неговиот дизајн е условен од графичките ограничувања и ниската резолуција на малите спрајтови. Мустаќите ја сугерираат устата, капчето ја елиминира потребата да се анимира косата, а комбинезонот во боја ги истакнува движењата на рацете. Уметничката изработка на аркадните автомати и промотивните материјали ги прави овие цртани ликови уште поочигледни. На пример, Полин е прикажана како растреперена, слична на Феј Реј од филмот „Кинг-Конг“ од 1930-тите години, во искинат фустан и на високи потпетици.Ray, Sheri Graner. Gender Inclusive Game Design: Expanding the Market (англ.). — 2004. — P. 19—20. — 193 p. — ISBN 1584502398. — ISBN 9781584502395.

Donkey Kong има меѓусцени (кратки анимирани секвенци), исто како и играта Pac-Man (1980), но новитетот е во промовирањето на целосен заплет. Играта започнува така што горилата се качува по скалите на врвот на градилиштето, придружена со варијација на музичка тема. Донки Конг ја турка Полин надолу и, тропајќи со нозете, ги искривува челичните греди. Потоа се преместува на својата крајна положба и се насмевнува. Звучи мелодија и нивото започнува. Оваа кратка анимација ја поставува атмосферата и додава контекст на играчкиот процес — нешто што дотогаш не било видено во видеоигрите. На крајот на нивоата, се појавува срце помеѓу Марио и Полин, но Донки Конг ја грабнува девојката и се качува повисоко, поради што срцето се крши. Раскажувањето завршува кога Марио ќе го помине последното ниво со нитни. Тој и Полин повторно се соединуваат, и настапува кратка пауза.Kohler, Chris. Power-Up: How Japanese Video Games Gave the World an Extra Life (англ.). — 2016. — 336 p. — ISBN 0486801497. — ISBN 9780486801490.

Наводи

Надворешни врски

Donkey Kong Donkey Kong (1983)

Категорија:Аркадни игри Категорија:Игри за Amiga __СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__ Категорија:Игри за NES