„Месечина и огнови“ (италијански: La luna e i falò) — краток роман на италијанскиот писател Чезаре Павезе, напишан во септември-ноември 1949, а објавен во 1950 година. Романот е посветен на големата љубов на авторот, манекенката и глумицата Констанс Даулинг.Čezare Paveze, Mesec i kresovi. Plato, Beograd, 2025, стр. 5.
Содржина Романот се состои од 32 глави, а дејството претежно се одвива едно мало место во Пиемонт, пред и по Втората светска војна: Раскажувачот, човек на четириесет години кој живее во Џенова, доаѓа во селото Гаминела во кое го минал детството. Кога бил бебе, една девојка го оставила пред влезот на катедралата во Алба, така што не ги познава своите родители. По престојот во болницата, тој бил посвоен од сиромашното семејство на Падрино и Вирџилија, кое за неговото издржување добивало мала парична помош. На 13-годишна возраст, неговиот старател го продава имотот и се сели во соседниот град, така што тој бил принуден работи како слуга на имотот на Матео во Мора. Таму, тој работел вредно и напредувал, така што најпосле почнал да добива и плата. Несреќен поради големата сиромаштија, почнал да прави планови да го напушти местото во потрага по подобар живот. Истовремено, за време на престојот во Мора, тој постојано им се восхитувал на двете ќерки на Матео, Силвија и Ирена кои имале бројни неуспешни љубовни врски. Ирена заболела од тифус, но успеала да преживее, додека Силвија останала бремена и наскоро умрела по тајниот абортус, а Матео се парализирал. Една година по нејзината смрт, Ирена се омажила, а нејзиниот сопруг го растурил имотот. Неколку години подоцна, тој заминал на отслужување на воениот рок во Џенова, каде започнал љубовна врска со Тереза. Откако неговите другари биле уапсени, тој морал да побегне и така, на 20-годишна возраст заминал во Калифорнија. Таму, некое време живеел во Фрезно, заедно со девојката Розен која сонувала да стане позната, но без успех, како и во Оукленд, а подоцна успеал да се збогат.
По доаѓањето во Гаминела, тој го посетува најдобриот другар од детството, Нуто, кој тогаш бил музичар, а сега е дрводелец. За Нуто го врзуваат драги спомени, зашто тој бил малку поголем и постојано му давал драгоцени животни совети. Раскажувачот ги посетува куќата во која израснал, имотот на кој слугувал и околните места, сеќавајќи се на некогашните луѓе и настани. Се дружи со куцото дете Чинто чиј татко, Валино, е сопственик на имотот во Мора. За време на неговиот престој, во околината се пронајдени мртвите тела на двајца фашисти кои за време на Втората светска војна биле убиени од партизаните. Месниот свештеник приредува свечен закоп и држи говор против комунистите. Така, раскажувачот дознава дека народот страдал за време на војната од меѓусебните борби на фашистите и партизаните, како и од бројните банди. Еден ден, во миг на очај, Валино ги убива својата снаа и бабата, ја пали куќата и потоа се обесува. Во разговорот со Нуто, раскажувачот дознава и за судбината на најмалата ќерка на газдата Матео, убавата Сантина, која по смртта на мајка ѝ се преселила во блискиот град, каде се дружела со криминалците и со фашистите. Во 1943 година, по една средба со Нуто, таа почнала да соработува со партизаните (за кои работел и Нуто), а потоа им се придружила. Меѓутоа, партизаните откриле дека Сантина продолжила да соработува со фашистите, предизвикувајќи големи материјални и човечки загуби. Поради тоа, партизаните ја стрелале и го запалиле нејзиното мртво тело.Čezare Paveze, Mesec i kresovi. Plato, Beograd, 2025.
За делото Според Милан Вурдеља, романот „Месечина и огнови“ е најдоброто дело на Павезе со кое тој го зацврстил статусот на еден од водечките претставници на италијанската и на европската проза која пишувала за пустошот по Втората светска војна. Во делото, безимениот раскажувач се соочува со еден вид инверзија на одисејското искуство на враќањето во родниот крај. Притоа, враќајќи се во родното село, раскажувачот го започнува патувањето низ времето, потсетувајќи се на минатото. Притоа, ликовите од неговата младост се избришани или, пак, опстојуваат притиснати од последиците на колективното и интимното страдање. Авторот го прикажиува самоспознавањето на човекот лирски силно и патетично, но без сентиментални вишоци. На тој начин, романот делува на читателот како отрезнувачко свидетелство, но и како утешен збор во кој се верува.Čezare Paveze, Mesec i kresovi. Plato, Beograd, 2025.
Наводи
Категорија:Дела на Чезаре Павезе Категорија:Италијански романи Категорија:Книги од 1950 година Категорија:Книги кои се одвиваат во Италија Категорија:Книги на италијански јазик