Балканска мрена, црна мрена или поточна мрена () — вид слатководна риба широко распространета во Југоисточна Европа. Тешко е да се разликува на терен од на пример Barbus carpathicus и Barbus petenyi.

Опис Балканската мрена има вретеновидно тело. На грбот телото ѝ е светло до темнокафеаво, од страните е посветло, а стомачниот дел е изразито бел. По телото, особено по грбот, а и по страните и сите перки се наоѓаат многубројни мали црнокафеави неправилни дамки. На стомачниот дел нема дамки. Дамките се најдобриот показател по кој најлесно се разликува балканската (црната) од белата мрена. Усните ѝ се меснати, горната усна е испакната пред долната. Има два пара мустаќи. Едниот пар се наоѓа над горната усна, а другиот пар на краевите на горната усна. Истражувањата покажуваат дека во Република Македонија живеат повеќе видови мрени кои некогаш го носеле единственото име „црна мрена“. Денес рибите кои ги населуваат водите на реката Вардар, а некогаш се означувале како „црна мрена“ ги означуваме како „балканска мрена“, со што се прави разлика од рибите кои ги населуваат водите на струмичкиот слив и преспанско-охридскиот, односно сливот на реката Црн Дрим, а некогаш исто така се означувале како „црна мрена“.

Распространетост Балканската мрена е распространета во водите на сливот на Јадранското и Егејското Море, и тоа: во сливот на Јадран во базенот на Соча (во Италија и Словенија), во сливот на Дунав во Сава, Крупаја, Власинско Езеро и сливот на Нера. Во сливот на Егејското Море се сретнува во Република Македонија и во Грција во сливовите на реките Вардар, Галик, Колудеј и Бистрица.

Основни биолошки одлики Балканската мрена ги населува средните и долните текови на сите водотеци по сливот на Вардар. Бара средно течечки планински водотеци со песочно и чакалесто дно. Живее во помали и поголеми јата на дното на речното корито. Полово созрева во третата односно четвртата година од животот. Се мрести во долг временски период, од крајот на мај, па до почетокот на август. Балканската мрена во реката Вардар нараснува до 20 см должина и постигнува маса до 200 г, многу ретко и повеќе. Во исхраната на мрената преовладуваат разните видови на ларви, полжави, школки, како и храната од растително потекло. Посебност кај балканската мрена е што може да се храни со храна која се наоѓа под камењата и е недостапна за другите видови риби.

Значење Балканската мрена нема стопанско значење, но има извонредно големо значење од гледна точка на рекреативниот и спортскиот риболов. Таа е една од најчесто ловените риби во сите водотеци во Република Македонија каде што живее. Месото ѝ е многу вкусно и се приближува до вкусот на пастрмката. Икрата на балканската мрена е отровна и при нејзино јадење може да предизвика грчеви, дијареја и поблаги облици на труење.

Наводи

Категорија:Мрена Категорија:CS1: долга вредност за volume Категорија:Незагрозени видови според МСЗП