Dungeon Keeper (македонски: Чувар на зандани, скратено DK) — компјутерска игра во жанрот симулатор на бог, развиена од компанијата Bullfrog Productions и издадена од Electronic Arts во 1997 г. за компјутери соодветни за PC.

Лајтмотивот на играта е: „Злото е добро“ (англ. Evil is good).

Играчот треба да ја преземе улогата на зол чувар на зандани, освојувајќи земји и борејќи се за нив со светлите сили (Хероите) и другите Чувари. Покрај стратешкиот елемент, во играта има и економска компонента (ископување, производство, вклучително и можност за продажба на изработената продукција).

Посебна одлика на играта е волшепството за вселување (англ. possession, буквално „опседнување“). Со негова помош, може да се вселите во кој било од вашите поданици и да ја видите вашата зандана со поглед од прво лице. Дополнително, во овој режим може директно да го користите оружјето, вештините и волшепството на суштеството — на тој начин, во играта е вметнат и елемент на 3D-пукач.

Играчки процес

Режими и особености Во Dungeon Keeper се предвидени неколку режими на игра. Освен обука и повеќеиграчка игра, како и во секоја стратегија, постои кампања со приказна. Таа се состои од потиснување на отпорот на добрите херои и другите Чувари кон освојувачките стремежи на играчот, чија задача е да ја постигне заветната цел на секој злобен владетел: да го заземе и пороби сѐ околу себе.

Кампањата е поделена на мисии, а преминот меѓу нив се врши со помош на картата на светот. Непоминатите области се прикажани како зелени региони што цветаат (кога ќе се сосредоточите на таа област, се слуша пеење на птици), додека освоените се облеани со крв и зафатени со пожари (се слуша завивање на кучиња и ѕвона). Освен тоа, советникот („гласот зад кадарот“) зајадливо ја коментира благосостојбата на неосвоените делови, а по завршувањето на мисијата победнички го опишува опустошувањето и разорувањето на регионот. Картата на светот е поделена на местоположби, од кои на секоја ѝ одговара една зандана (подземје). Во некои региони е можно да се поминат дополнителни (тајни) мисии, кои обично се од комичен карактер.

Главен противник на Чуварот е Аватарот — збирен лик на позитивен херој што се бори против злото. Некои карактеристични црти на овој херој наведуваат на мисла дека овој лик е пародија на главниот херој од серијата игри Ultima, Ричард Гериот (Lord British).

Особености на играта Од особеностите на играта, можат да се издвојат следниве:

Играчот не може да дава јасни упатства на суштеството (т.н. „посредно влијание“), туку може само да го премести суштеството во потребната област во рамките на неговите поседи и да го мотивира за понатамошни дејства. Целото заемодејство се врши со помош на „раката на злото“ (англ. hand of evil), огромна дланка што виси во воздухот, која може да пренесува суштества и предмети, да ги плеска или да избира можности. На играчот му е дадена можност да ги наградува и казнува своите поданици. Тие можат да се засипуваат со злато, да се хранат, да се плескаат за побрзо да работат, а исто така да се фрлаат во комори за мачење и затвор. Секое суштество има своја индивидуалност, има потреба од храна, одмор, пари, има свое мислење за чуварот; освен тоа, некои видови суштества имаат свои природни непријатели (на пример, мувите и пајаците се мразат меѓусебно и секоја нивна средба завршува со тепачка). Со градење или заземање затвор, може да се вклучи режим во кој суштествата поразени во битка не умираат веднаш. Во текот на некое време, тие сѐ уште можат да бидат спасени од имповите на играчот или заробени од имповите на противникот, со тоа што нивните онесвестени тела ќе ги одвлечкаат во Логорот или во Затворот, соодветно. Ако загинат во затвор, тие се претвораат во скелети, а во комората за мачење — даваат информации, умираат станувајќи духови или преминуваат на страната на играчот. Освен одаи, можат да се градат и разновидни замки, врати и мостови.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за DOS Категорија:Стратегии во реално време __СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__