„Дали андроидите сонуваат електрични овци?“ (англиски: Do androids dream of electric sheep?) — научнофантастичен роман на американскиот писател Филип К. Дик од 1968 година. Книгата е посветена на Мери Огаста Берград.Filip K. Dik, Da li androidi sanjaju električne ovce? Kontrast izdavaštvo, Beograd, 2022, стр. 5.
Содржина Романот се состои од 22 глави: 1-7 глава: Дејствието на романот се одвива на почетокот на јануари 1992 година, во Сан Франциско. По конечната светска војна, површината на Земјата е загадена од радиоактивна прашина и повеќето жители се преселиле на други планети, а еден дел од нив дегенерирале. Исто така, најголемиот дел од животинскиот свет е изумрен, така што животните се реткост и се продаваат по многу високи цени. Голем дел од луѓето се следбеници на религијата на Вилбур Мерсер, а покрај него, голема популарност ужива и забавувачот Друштвениот Растурач. Рик Декард работи за полицијата, како ловец на одметнати андроиди. Тој има вештачка, електрична овца, но посакува да има вистинско животно. Џон Изидор, пак, е еден од луѓето со дегенерирани гени, кои се обележени како посебни при што тие се стерилизирани, не смеат да емигрираат и имаат помалку права од регуларните луѓе. Тој живее сам во напуштена зграда, но еден ден открива дека во неа се доселил една девојка која се претставува како Прис Стратон. Бидејќи главниот ловец на андроиди е ранет, полицијата го испраќа Рик во фабриката за андроиди во Сиетл, каде ја запознава Рејчел Розен за која открива дека, исто така, е андроид.Filip K. Dik, Da li androidi sanjaju električne ovce? Kontrast izdavaštvo, Beograd, 2022, стр. 11-78. 8-14 глава: Рик во последен миг го убива андроидот Полоков, кој е преправен во руски полицаец, а по таа случка, Рејчел му нуди помош во борбата против новиот тип усовршени андроиди. Потоа, во обидот да провери дали е андроид оперската пејачка Луба Луфт, Рик е уапсен од еден полицаец кој го носи во полициска станица за која тој не знае дека постои. Таму открива дека шефот на полициската станица, Гарланд, е андроид кој се наоѓа на списокот за ликвидација. Во мигот кога Гарланд сака да го убие Рик, него го спасува полицаецот Фил Реш кој е ловец на андроиди. Така, Рик дознава дека во градот е уфрлена група андроиди која има своја тајна полициска станица. Рик и Фил ја убиваат Луба Луфт, но тогаш Рик првпат чувствува емпатија кон андроидите. Прис Стратон е андроид и таа е дојдена од Марс, заедно со уште неколку андроиди, меѓу кои е брачниот пар Рој и Ирмгард Бејти. Од нив, Прис дознава дека останатите членови на нивната група се убиени и дека и нив ги гонат ловците. Тогаш, Изидор им нуди помош и андроидите се вселуваат во неговиот стан, подготвувајќи се за одбрана.Filip K. Dik, Da li androidi sanjaju električne ovce? Kontrast izdavaštvo, Beograd, 2022, стр. 79-145. 15-22 глава: Рик паѓа во депресија поради својата работа, но добива налог од шефот да ги убие преостанатите тројца андроиди кои се кријат во напуштената зграда. Знаејќи ги способностите на новиот тип андроиди, тој се плаши и ја повикува Рејчел Розен во еден хотел. Од полицискиот извештај, тој дознава дека Рој Бејти е водачот на групата од осум андроиди кои убиле луѓе и побегнале од Марс. Рејчел е вознемирена поради тоа што Прис Стратон е иста како неа, но сепак му ветува на Рик дека ќе ја убие Прис. Таа и Рик водат љубов во хотелската соба, а потоа, Рик посакува да ја убие, но се премислува. Во меѓувреме, Друштвениот Растурач (кој е андроид, но луѓето не го знаат тоа) во својата емисија објавува дека мерсеризмот (религијата на Вилбур Мерсер) е измама. Во својот стан, Изидор наоѓа жив пајак кого андроидите го убиваат, а тоа предизвикува голема потиштеност кај него. Тогаш, во зградата пристига Рик, но Изидор одбива да му каже каде се кријат андроидите. Меѓутоа, Рик има визија на Вилбур Мерсер кој го предупредува на опасноста, а потоа ги убива Прис и брачниот пар Бејти. Кога се враќа дома, сопругата му кажува дека Рејчел Розен ја отепала нивната коза и тој веднаш тргнува во потрага по неа. Меѓутоа, патем застанува на еден пуст рид, каде има визија дека се претворил во Мерсер. Таму, наоѓа крастава жаба и со голема возбуденост ја носи дома. Неговата жена открива дека жабата е вештачка, но одлучува да не му каже на Рик, кој цврсто заспива, исцрпен од напорниот ден.Filip K. Dik, Da li androidi sanjaju električne ovce? Kontrast izdavaštvo, Beograd, 2022, стр. 147-211.
За делото „Дали андроидите сонуваат електрични овци?“ е едно од најпознатите дела во историјата на научната фантастика, кое го обработува клучното егзистенцијално прашање: Што е тоа човечност?, односно дали е потребно нешто повеќе од месо и коски за да се биде човек? Имено, во ловот на андроидите, главниот лик, Рик Декарт, неизбежно се преиспитува, поставувајќи си ги горните прашања. Во 1982 година, врз основа на романот, Ридли Скот го снимил филмот „Блејд ранер“.Filip K. Dik, Da li androidi sanjaju električne ovce? Kontrast izdavaštvo, Beograd, 2022.
Наводи
Категорија:Дела на Филип Дик Категорија:Научнофантастични романи Категорија:Дистописки романи Категорија:Американски романи Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во САД Категорија:Книги од 1968 година