Мергур (Pachychilon macedonicum) — вид слатководна зракоперкаста риба која припаѓа на семејството Leuciscidae, кое ги вклучува и косите, евроазиските ситни рипки и сродни видови. Овој вид се среќава во Македонија и Грција.
Таксономија Pachychilon macedonium првпат бил формално опишан како Leuciscus (Leucos) macedonicus во 1892 година од страна на австрискиот ихтиолог Франц Штајндахнер, а неговата типска локација е дадена како Дојранско Езеро во Македонија. Сега е класифициран како валиден вид во родот Pachychilon во рамките на потсемејството Leuciscinae од семејството Leuciscidae.
Етимологија Pachychilon macedonium е член на родот Pachychilon, име кое ги комбинира зборовите pachys, што значи дебел, со chilon, латинизација на cheilos, што значи усни, што се однесува на дебелите усни на рибите од овој род. Специфичното име, macedonicus, значи припадност на Македонија.
Опис и распространетост Мергурот има вретенесто тело благо странично сплескано. Бојата му е темносивомаслинеста на грбниот дел и светла по страните и долниот дел од телото. На средината на телото вдолж страничната линија има карактеристична темна линија, која завршува со темна дамка на коренот на опашната перка. По ова се разликува од неговиот близок сродник P. pictum кој ги населува водите на Охридското Езеро. Го населува средниот и долниот тек на реката Вардар и притоките, Дојранското Езеро, а се среќава и во повеќе водотеци во Грција. Ова е неспорен ендемски вид за средишниот дел на Балканскиот Полуостров. Отсуствува во соседните сливови со кои сливот на Вардар има многу сличности.
Основни биолошки одлики Имајќи предвид дека мергурот има скромни димензии и речиси никакво значење постојат многу малку податоци за неговата биологија и општи одлики. Се знае дека ги населува бавнотечечките води, а се среќава и во стоечките води од Вардарскиот Слив. Се мрести во раздобјето мај до јуни како и повеќето претставници на семејството Cyprinidae и достигнува должина до 13 см.
Наводи
Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Слатководни риби Категорија:Риби опишани во 1892 година Категорија:Риби на Македонија Категорија:Риби на Грција