Селското востание во Бугарија во 1900 година претставува серија масовни протести и немири на бугарските селани против воведувањето на десетокот во натура (даночна обврска да се предава една десеттина од жетвата директно на државата).

Во 1900 година во Бугарија настапи финансиска криза. За остварувањето на некои внатрешни општествени претпријатија, владата на д-р Васил Радославов заклучи внатрешен заем од чиновниците и селаните (од чиновништвото во определена вноска, а од селаните по 10% од едногодишниот житен производ). Владата на д-р Радославов заедно со доверливото лице на Фердинанда, Тодор Иванов, кој беше и член на владата, воведувајќи десеток направија и државни амбари. Но кога се пристапи кон прибирањето на десетокот, селаните се спротивставија и не ги дадоа определените дажби. Тогаш владата во согласност со дворот испрати многубројна војска и полиција, објавувајќи воена положба во неколку округа, ограничувајќи го печатот и воведувајќи терор. Селаните беа решиле да не отстапуваат од своите интереси и се покажаа како добри борци, но не беа организирани, поради кое дадоа многу жртви. Тоа беше стихија која селаните ја платија со крв. Во селата Трстеник, Дуранкулак и Шабла војската и полицијата уби многу луѓе. Цела селска Бугарија пламна од возбуда. Селаните покажаа херојска сила, ама ја изгубија борбата, бидејќи немаа своја организација.

По овие клања, идната година, тие почнаа да се организираат и само во тек на една година цела Бугарија беше опфатена од организирани селски земјоделски дружби. Организацијата израсна и доби масовен карактер, а под името Б.Н.З.С. (Бугарски народен земјоделски сојуз), на чело со легендарниот селски трибун водач Александар Стамболиски.

Категорија:Масакри во Бугарија