Painkiller (македонски: Убиец на болката) — пукачка игра од прво лице развиена од полското студио People Can Fly, а објавена од DreamCatcher Interactive во април 2004 г. за Microsoft Windows, со верзија за Xbox во 2006 г. Приказната во едноиграчка кампања следи мртов човек во чистилиштето, на кого му е понуден договор да ги порази силите на војската на Луцифер, во замена за влез во рајот. Играта била особено добро прифатена поради нејзиното повеќеиграчко доживување и била дел од две сезони на светската турнеја на Cyberathlete Professional League. Ново издание со истиот наслов, кое претставува целосна обнова на серијалот, било објавено во октомври 2025 г. Играчки процес Играта е вдахната од класичните пукачки игри како Quake, Doom и Serious Sam, со главен нагласок на убивање на огромен број чудовишта. Целиот наслов е поделен на пет поглавја, секое со по околу пет нивоа. Целта на играчот е да стигне од почетокот до крајот на нивото, пробивајќи се низ стотици непријатели. Борбите често се одвиваат во облик на масовни битки; играчот се наоѓа во голема просторија каде што излезите се затвораат, почнува да ечи хеви-метал музика, а тој мора да одбие напад од цел рој непријатели. По битката, се поминува низ „контролна точка“ што го зачувува напредокот, излезите се отвораат, а музиката се враќа во помирна нота.

Еден од најважните аспекти на играта е нејзината разновидност — секое ниво нуди ново место со различен графички стил и тема, вклучувајќи замоци, манастири, опера, гробишта и многу други. Чудовиштата се исто така уникатни и скоро на секое ниво се појавуваат нови видови. Постојат и пет посебни нивоа со босови, каде играчот се соочува со огромни и моќни противници.

Играта нуди можност за извршување посебни задачи на секое ниво, за што играчот е награден со „тарот-карта“ — редок и тешко достапен бонус. Секоја опремена карта дава различни придобивки за краток временски период (30 секунди), како што се засилено оружје или забавено време.

Повеќеиграчкиот режим овозможува играње преку месна мрежа (LAN) или на интернет, со класични модови како детмеч и фаќање на знамето. Иако официјалната поддршка за Xbox-верзијата згаснала во 2010 г., таа денес е повторно достапна преку алтернативните опслужувачи на Insignia.

Приказна Возејќи се со својата сопруга кон ресторан на дожд за да го прослават нејзиниот роденден, Даниел Гарнер во маглата не забележува камион што со огромна брзина доаѓа од спротивната насока. Во несреќата и двајцата загинуваат. По 30 години, пред духот на Даниел се појавува архангелот Самаил и му соопштува дека е заглавен во чистилиштето (местото помеѓу рајот и пеколот). За да стигне до рајот кај својата сопруга, тој мора да ги уништи четворицата генерали на Луцифер. По кратко размислување, Даниел прифаќа. Самаил му дава карта за следење на движењата на војските и напивка што му овозможува да ги впива душите на непријателите.

По победата над првиот генерал, Даниел ја среќава Ева. Таа му открива дека демоните влегуваат во чистилиштето користејќи ги гробовите како порти кон својот свет. Таму тој не може да умре, но ако демоните го поразат, неговата душа ќе заврши во пеколот. По вториот генерал, Даниел дознава каде се војските од демонот Асмодеус, кој претходно му го спасил животот. Ева е изненадена што Даниел нашол заеднички јазик со демон.

По третиот генерал, Даниел го соочува Самаил со тешки прашања: зошто е таму, зошто не е во рајот и каков грев направил? Самаил одговара дека неговата душа е нечиста, но одбива да каже зошто. Даниел во бес пука во него, но не му нанесува штета. Самаил го праќа по четвртиот генерал и десната рака на Луцифер — Аластор, кого Даниел навидум го убива.

Меѓутоа, се појавува Асмодеус и се преобразува во самиот Луцифер. Тој признава дека неговата војска сѐ уште е преслаба за напад врз рајот, ја грабнува Ева и ја носи во пеколот. Самаил му вели на Даниел дека го поминал испитот и може да оди во рајот, но Даниел одбива — тој знае дека Луцифер ќе се врати и решава да го заврши започнатото. Тој влегува во пеколот, го поразува Луцифер и ја спасува онесвестената Ева. Но по патот му застанува Аластор со својата војска; излегува дека Даниел само го протерал назад во пеколот, а не го убил. Аластор го остава Даниел опколен од чудовишта, подготвувајќи се за нова војна.

Наводи

Надворешни врски

Матична страница

Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за Xbox Категорија:Пукачки игри од прво лице Категорија:Видеоигри од Полска Категорија:Видеоигри за демони