Тетовски чинар — најголемото и најстаро дрво во Тетово, прогласено за природна реткост.
Местоположба Чинарот се наоѓа веднаш над „Арабати баба теќе“ на патот од десната страна на муслиманските гробишта во Тетово. Околината на ова дрво е заградена со метална ограда и претставува дел од подигнат споменик од 2001 година. Местоположбата каде што се наоѓа платанот е со високо ниво на подземни води (во непосредна близина на платанот се наоѓа стар бунар длабок 5 м) како и куќи.
Опис Горниот дел од крошната има полутопчест облик, а долниот (до 15 м висина) густо валчест облик. Овој облик е заради човековото влијание, дрвото често било кастрено до самото дебло до висина од 15 м. На оваа висина, крошната се разгранува на три големи и дебели гранки во различни правци. Самото дрво е високо 27 м, стеблото е високо 2 м, а висината на крошната е 25 м. Обемот на крошната е 61 м, а ширината мерена кон: север 9,5 м, исток 10,0 м, југ 6,2 м, запад 91,1 м.
Во основа кореновиот врат на стеблото има обем од 8,5 м, пречник 2,7 м, а обемот на градна височина е 6,3 м, пречник 2 м.
Кората по деблото е релативно мазна, доста излупена на ситни неправилни многуаголни плочки со темносива до темнокафена боја. По целото дебло и крошна, северната страна и засенчените гранки се препокриени со многу мов. По гранките кората е тенка и испукана и се лупи, маскирно ишарана со сивопепелава до сивожолтеникава боја.
Проценка на староста Официјални податоци за староста на овој чинар не постојат.
За утврдување на староста (возраста) на чинарот, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) над „ Арабати баба теќе“, Тетово, во 2021 година, се користела методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите, па староста е проценета на приближно 447 години.
Поврзано Арабати баба теќе
Наводи
Категорија:Поединечни дрва во Македонија Категорија:Чинари Категорија:Тетово Категорија:Природни реткости во Македонија Категорија:Појавено во 16 век во Македонија