Papaver laevigatum — вид цветно растение од фамилијата афиони (Papaveraceae).
Опис
Едногодишно растение, високо 40–60 см, голо или со многу ретки и долги четинести влакна. Стеблото е вертикално, неразгрането или во горниот дел слабо разгрането, во основата со долги, ретки, четинести и груби влакна. Базалните листови се со дршки, лисната ламина плитко пересто насечена, запците на подолните листови тапи, на горните заострени, а некои од нив плитко всечени. Сегментите се линејно копјести и на врвот заострени.
Листовите се голи или со многу ретки четинести влакна по работ на долниот дел на листот или пак по должината на главната жила. Цветовите поединечни, а цветните дршки се долги и со прилегнати влакна. Пупките имаат форма на овално јајце. Чашкините ливчиња се две на број со сивозелена боја и тие брзо паѓаат голи или со неколку четинести влакна. Венечните ливчиња се четири на број и имаат форма на обратно јајцевидни и се со должина од 15–25 mm со темнорозова боја и најчесто со црна дамка во основата.
Прашниците се темновиолетови и со светловиолетови антери, а кутијката има цилиндрична форма со должина од 12–15 mm и ширина од 6–7 mm, и се отвора со 4–8 кружлести отвори. Дискот е со 4–8 радијално поставени жига, семките се кафеави во бубреговидни форми и со мрежовидни вдлабнатини. Цветење: април и мај.
Распространетост
Расте во Јужна Европа (Грција, Бугарија, Македонија, ,Романија, Украина, Русија, Турција во Европа), Западна и Средна Азија (Иран, Казахстан, Киргистан, Оман, Саудиска Арабија, Таџикистан, Закавказја, Турција, Туркменистан, Узбекистан, Јемен) .
Во Украина, видот расте на песок и на полиња во степата, на југ и во Крим.
Papaver laevigatum растат на потоплите делови од Македонија, и тоа по тревести места. Тоа е многу ретко растение. Во Македонија е најзастапено во Жеденската Клисура, Таорската Клисура, клисурата на река Бабуна и покрај Преспанско Езеро помеѓу селата Стење и Коњско.
Наводи
Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Европа Категорија:Афион (род) Категорија:Флора на Македонија