мини Шумска незаборавка или шумско споменче (Myosotis sylvatica) — вид цветно растение од семејството Boraginaceae, по потекло од Европа. Ова пролетно цветно растение и неговите подвидови, обично со сини цветови, се познатите незаборавки во градините.

Подвидови Видот е поделен на следниве подвидови: Myosotis sylvatica cyanea - распространет во Македонија. Myosotis sylvatica elongata Myosotis sylvatica pseudovariabilis Myosotis sylvatica subarvensis Myosotis sylvatica sylvatica

Опис Шумската незаборавка е двегодишно до повеќегодишно тревесто растение, високо до 55 см. Стеблото ѝ е вертикално или подигнато, често многу разгрането, во долниот дел со полустрчести или стрчести четинести влакна, во погорните делови, особено на оската на соцветието, со свртени нагоре прилегнати влакна. Базалните листови се собрани во розета, елиптични до издолжено лопатовидни, во основата стеснети во лисната дршка, долги 15–85 мм, широки 5–20 мм, од двете страни со прилегнати или полустрчести четинести влакна. Стеблените листови се елиптични, копјести до јајцевидни, приседнати, долги од 15 до 60 мм, широки од 3 до 12 мм, со слична влакнавост како и базалните листови. Цветовите се собрани во збиени срповидни соцветија по врвовите на гранчињата, кои при образување на плодот се издолжуваат. Цветните дршки се долги од 1,5 до 2,7 мм, а при образување на плодот се долги од 3 до 8 мм, косо поставени под агол од 45о или под прав агол во однос на оската на соцветието, додека пак најдолните може лачно да се свиткани. Чашката е yвончевидна, при цветањето е долга 1,5 до 2,5 мм, а при образување на плодот се издолжува до 3–5 мм, отворена, всечена до половината или до 2/3 на 5 линејни или издолжено-триаголни запци, со поретки или густи кукесто свиткани влакна, како и со куси прилегнати влакненца, не отпаѓа. Проширениот дел од венчето рамен со пречник од 4 до 7 мм. Венчето е светло- до темносино. Оревчињата се јајцевидни или тесно јајцевидни, долги 1,6 до 1,9 мм, широки 0,9–1,2 мм, темнокафеави до црни.

Одгледување Широко одгледувана низ целиот умерен свет, особено е поврзан со пролетни шеми за садење леи кои вклучуваат други пролетни цветни растенија, особено нарциси, лалиња, ползавци и јаглики. Типично, семето се сее една година за да цвета наредната. Иако се краткотрајни, растенијата лесно се размножуваат сами во погодни услови. Растенијата го одржуваат растот на листовите во текот на зимата.

Од Myosotis sylvatica исто така произлегуваат бројни сорти во нијанси на розова, сина и бела боја.

Живеалиште На влажни засенчени места, во влажни долови, во букови шуми, по планински пасишта на длабока почва, покрај грмушки, шумски патишта, на надморска височина од 700 до 2650 м.

Распространетост Распространета е скоро во цела Европа освен на југозапад и на крајниот север.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Европа Категорија:Градинарски растенија Категорија:Незаборавка