Џиперс Криперс () — филм на ужасите од 2001 г. во режија на Виктор Салва. Филмот е заедничко производство на Германија и САД. Главните улоги ги толкуваат Џина Филипс, Џастин Лонг и Џонатан Брек. Подоцна биле снимени неколку продолженија, како и обнова на серијалот.

Во центарот на дејството е приказната за борбата на двајца млади луѓе, Дери и неговата сестра Триш, со крвожедно чудовиште што се храни со луѓе, познато како „Плашилото“, кое излегува на лов секоја 23-та пролет.

Претпремиерното прикажување на филмот се одржало на 20 јули 2001 г. на меѓународниот кинофестивал во Минхен. Во САД филмот започнал со прикажување на 31 август. За производството биле потрошени 10 милиони долари, а вкупната заработка во светот изнесувала повеќе од 59 милиони долари. Филмот бил објавен на ДВД на 8 јануари 2002 г. Финалето на филмот претрпело измени поради кратење на буџетот за еден милион долари; завршната сцена била снимена во скратен формат и не онака како што првично предвидел режисерот.

Содржина Дери и неговата сестра Триш патуваат со автомобил на распуст кај својата мајка. Неочекувано, нивниот автомобил го престигнува камион што силно им свири и ги преплашува. Поминувајќи покрај една напуштена црква, тие го забележуваат истиот камион, а покрај него фигура на човек во темен мантил и шапка што фрла големи окрвавени предмети во една цевка. Сфаќајќи дека е забележан, непознатиот човек влегува во својот ’рѓосан камион и почнува да ги гони исплашените Дери и Триш. Откако Дери скршнува во едно поле, гонителот ги остава на мира. Заинтригиран, Дери ја убедува сестра си да се вратат кај црквата за да дознаат што фрлал човекот во цевката. Тие се враќаат и додека Дери се обидува да погледне во подрумот низ цевката, Триш се исплашува од стаорци, го испушта брат си и тој се лизга долу низ цевката. Дери паѓа во темен подрум покрај еден од предметите, кој неочекувано почнува да се мрда. Тој го отвора и гледа млад дечко што му умира на рацете.

Во подрумот, Дери гледа стотици осакатени човечки трупови прикачени на таванот и ѕидовите. Многу од телата се исечени и нивните делови се повторно зашиени едни со други во најгрозоморни начини. На еден од ѕидовите забележува момче и девојка што ги познава од порано, чии тела се зашиени во поза на вљубен пар. Дери наоѓа скали, излегува од подрумот во силен шок, влегува во автомобилот и заедно со сестра му брзо заминуваат. Стигнуваат до еден мал ресторан покрај патот, каде бараат од келнерката да повика полиција. Одеднаш телефонот ѕвони, Дери крева и слуша женски глас што веднаш го изговара неговото име и името на сестра му. Гласот му вели дека се во опасност и дека треба да очекуваат зло во мигот кога ќе ја слушнат песната Jeepers Creepers.

Пристигнува полицијата. Дери го сослушуваат, но полицаецот не му верува. Келнерката ги прекинува и тие излегуваат од ресторанот, каде Дери гледа дека неговиот автомобил е отворен, а работите расфрлани. Келнерката раскажува дека некој маж стоел до колата и алчно ги мирисал неговите алишта. Полицајците решаваат да одат до напуштената црква, но преку радиоврска добиваат известување дека црквата е зафатена од пожар. Додека возат, на радио почнува истата песна од телефонскиот разговор. Неочекувано, врз покривот на полициското возило се појавува непознатиот човек, ги убива полицајците и ја принудува Триш да застане. Дери и Триш гледаат како нивниот гонител ја крева отсечената глава на еден од полицајците и со заби му го извлекува јазикот. Тие бегаат и застануваат кај првата куќа за да побараат помош. Таму живее старица со многу мачки. Наеднаш гасне светлото, животните чувствуваат опасност, а сопственичката забележува дека на нејзиниот имот стои „плашило“ што не е нејзино. Таа пука во него со пушка, но суштеството скока врз покривот и влегува во куќата. По неколку истрели, убиецот ја исфрла мртвата старица од тремот. Дери и Триш пред себе го гледаат насмеаното чудовиште со сива кожа и остри заби. Триш успева со автомобилот да го прегази чудовиштето неколкупати и тие заминуваат по ноќниот пат барајќи полициска станица.

Во полициската станица ги пречекува Жизел, жената што се јавила во ресторанот. Таа имала видение во кое еден од нив вреска во темнината. Им раскажува за суштеството што ги гони — древен монструм што се храни со човечко месо и излегува на лов секоја 23-та година. Суштеството ги наоѓа во станицата, каде ги убива полицајците и ги обновува своите изгубени делови од телото јадејќи еден од затворениците. Монструмот ги фаќа Дери и Триш во собата за испрашување и се обидува да избере еден од нив според мирисот. Ги раширува крилјата на својот грб и одлетува низ прозорецот носејќи го Дери со себе. На крајот, монструмот го убива Дери, чии остатоци ги остава во своето ново дувло во напуштена фабрика.

Улоги

| Џина Филипс || Патриша (Триш) Џенер |- | Џастин Лонг || Дариус (Дери) Џенер |- | Џонатан Брек || Плашилото |- | Ајлин Бренан || старицата со мачките |- | Патриција Белчер || Жизел Геј Хартман |- | Брендон Смит || наредник Дејвис Табс |- | Џон Бешара || полицаецот Роберт Гидеон |- | Авис-Мари Барнс || полицајката Наташа Вестон |- | Том Тарантини || Роуч

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Американски хорор-филмови Категорија:Филмови од 2001 година Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Германски филмови Категорија:Филмови за демони