Валандовски чинар — платан во градот Валандово прогласен за природна реткост под името „Платаново стебло – Платан, во центарот на Општина Валандово“. Со природната реткост управува Општината Валандово, а во име на општината, градоначалникот на Општина Валандово..
Местоположба Валандовскиот чинар се наоѓа во средиштето на градот Валандово, во урбана зона. Стеблото е опфатено со ниско шестаголно парапетче високо 15 см. На 5 м од чинарот се наоѓа стара руинирана куќа, а во неговата непосредна близина се наоѓаат и неколку кафулиња, стоматолошка ординација и црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.
Опис Крошната на платанот е силно разгранета со пет главни и дебели гранки со пречник и до 0,7 м. Самото дрво е високо 21,0 м, деблото е високо 3,0 м, а висината на крошната е 18 м. Обликот на крошната е широко заоблен, полутопчест. Обемот на крошната е 86,9 м, а ширината мерена кон: Север 12,5 м Исток 13,7 м Југ 10,9 м Запад 13,1 м
Во основа кореновиот врат на деблото има обем од 7,0 м, пречник на кореновиот врат 2,2 м, обемот на градна височина е 5,5 м, пречник на градна височина 1,75 м.
Кората по деблото е со ситно испукани многуаголни плочки со големина од 2 до 3 см. Гранките се мазни до слабо лушпести со зеленосива боја, маскирно прошарани.
Проценка на староста Официјални податоци за староста на овој чинар не постојат.
За утврдување на староста (возраста) на чинарот, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) во Центар Валандово, Општина Валандово“, во 2021 година, била користена методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите, па староста на чинарот била проценета на приближно 647 години.
Состојба на чинарот На чинарот има појава на суви гранки. По деблото и гранките нема појава на ситни карпофори (габи), и не е забележена појава на платанов молец (алохтон инсект) кој во последниве години прави големи штети (некроза на листовите) по платановите стебла во некои делови на Македонија.
Нема други позначајни оштетувања од абиотски и биотски чинители.
Поради фактот што ова дрво се наоѓа во средиштето на градот, истото е подложено на повеќе влијанија на урбанизација. Стеблото е опфатено со метална стега на кое се прикачени рефлектори. Под самото стебло се поставени контејнери за отпад, па целиот простор околу дрвото изгледа несреден.
Наводи
Категорија:Поединечни дрва во Македонија Категорија:Чинари Категорија:Валандово Категорија:Природни реткости во Македонија Категорија:Појавено во 14 век во Македонија