Тријада () — вид злосторнички организации во Кина и кај кинеската дијаспора. Тријадата никогаш не претставувала една единствена, обединета организација.
За сите тријади се карактеристични заеднички верувања и ритуали, како на пример, верувањето во мистичното значење на бројот 3, од каде што потекнува и нивното име. Според друга верзија, во основата на името лежи традиционалната кинеска структура на работните бригади — еден претпоставен и двајца негови подредени. Водачите на две ќелии на тријадата исто така му се потчинуваат на едно повисоко лице, а тоа, пак, во пар со друго лице со ист статус, има свој претпоставен и така натаму. Во мирновременски услови, повеќето вакви друштва дејствувале како братства за заемна помош, но истовремено многу од нив биле тесно поврзани со злосторнички дејности.
Историја Според шемата на тријадите, првично биле организирани тајни партизански одреди против манџурскиот цар од династијата Чјинг. Се смета дека тријадите настанале на островот Тајван, каде што пребегнале остатоците од поддржувачите на претходната кинеска династија Минг, кои биле поразени од Манџурците во копнена Кина.
Тријадите зајакнале за време на Тајпиншкото востание (1850 — 1864). Боксерското востание претставувало обид на тајните друштва да ја ослободат Кина од западното и христијанското влијание. Во наредните години, други тајни друштва му пружиле поддршка на кинескиот државник Сун Јат Сен во неговиот стремеж да стави крај на старото царско владеење и да воспостави република.
По доаѓањето на власт во 1949 г., комунистите набрзо си поставиле задача да ги ликвидираат тајните друштва, чие членство во копнена Кина и денес се казнува со смртна казна. Што се однесува до другите земји, тријадите станале нераздвоен придружник на кинеската имиграција. Дејноста на тријадите има глобален карактер, иако тие се најактивни во Азија. Огромното мнозинство од членовите на овие злосторнички групи потекнуваат од НР Кина.
Денес, тријадите се познати главно како злосторнички организации од мафијашки тип, распространети во Тајван, САД и други центри на кинеската имиграција, каде што се специјализирани за трговија со дрога и други злосторнички дејности.
Поврзано Јакуза Мафија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Злосторнички организации Категорија:Историја на Кина