мини|Портрет на Жан Тусен од Сезар Хелеу Жан Тусен (1887–1976) била француска златарка и модна дизајнерка родена во Белгија, која значително влијаела врз дизајнот на накит откако Луј Картие ја назначил за директорка на одделот за фин накит во 1933 година. Таа е запаметена по нејзините дизајни во форма на пантер, кои првпат се појавиле како декорација за часовник Картие во 1914 година и станале тема на неколку креации за војвотката од Виндзор, вклучувајќи ја и нараквицата од оникс во 1952 година. Тусен, исто така, се специјализирала за креации инспирирани од накитот на Могулите и Махараџите.

Ран живот Родена во Шарлроа, Белгија, на 13 јануари 1887 година, Жан Розин Тусен била ќерка на Едуар Виктор Тусен (1837–1894) и неговата сопруга Мари Луиз моминско презиме Елегер. Заедно со својата постара сестра Шарлот, таа растела во семејство кое се занимавало со изработка на тантели, па уште од детството била опкружена со светот на модата и елеганцијата. По смртта на нејзиниот татко, додека сè уште била многу млада, нејзината мајка започнала врска со Германец кој живеел со нив и помагал во семејниот бизнис, но истовремено ги малтретирал двете сестри. Поради тоа, тие одлучиле да заминат од домот — Шарлот се преселила во Париз, а Жан, на петнаесетгодишна возраст, побарала помош и заштита од францускиот аристократ Пјер де Кинсон, кој престојувал во Брисел за да ја избегне воената служба. Тој сакал да се ожени со неа и ја одвел во Париз, но неговото семејство не го одобрило бракот. И покрај тоа, ѝ обезбедил стан во центарот на градот и ѝ овозможил влез во високото француско општество. Наскоро таа се зближила со Коко Шанел, илустраторот Жорж Барбие и, најзначајно, со Луј Картие.

Кариера Картие бил воодушевен од Тусен и нејзиниот вкус за мода. Во 1913 година, ја ангажирал да ги координира модните додатоци кои ги дизајнирала неговата компанија. До 1920-тите, успешно дизајнирала чанти за богати личности од високото општество, вклучувајќи ги Марџори Мериведер Пост и Дејзи Фелоус. Таа започнала пријателство со баронот Пјер Ели д’Оасел, просперитетен бизнисмен со кого се омажила во 1954 година. Откако првично била унапредена во раководител на одделот за сребро на Картие во 1918 година, во 1933 година Луј Картие ѝ ја доверил целосната одговорност за уметничкиот дизајн, област која дотогаш ја раководел самиот. Како прва жена во бизнисот со накит со толку важен мандат, таа продолжила да ја држи функцијата за време на Втората светска војна додека Картие се преселил во Соединетите Држави каде што починал во 1942 година. Иако Луј Картие имал романтична врска со Тусен, тој не можел да се ожени со неа поради нејзиното семејно потекло.

Тусен е запаметена по нејзината долгогодишна поврзаност со пантерите. Во нејзиниот стан имало пантерски кожи а таа носела блескаво палто направено од пантерско крзно. Картие со љубов ја нарекувал „Мојата мала пантерка“. Поврзаноста се проширила и на нејзините дизајни, почнувајќи со изработка на рачен часовник во 1914 година а потоа со инспирирање на изработка на накит и модни додатоци. Во 1940-тите, Тусен се префрлила од својата претходна вклученост во Ар Деко на тродимензионални скулпторски дела, честопати фокусирајќи се на пантери украсени со дијаманти, смарагди и оникс. Од 1948 година, таа создала неколку од нив специјално за војвотката од Виндзор. Ова резултирало со поширок интерес во Европа и Северна Америка за прстени, обетки и привезоци инспирирани од пантерите. Таа, исто така, создала дела во вид на вилински коњчиња, бубамари, рајски птици, лавови и тигри и импресивен брош од фламинго, нарачан од војводата од Виндзор за неговата сопруга во 1940 година. Друга нејзина специјалност бил накитот инспириран од Могулите и Махараџите од Индија. Како признание за нејзиниот придонес во накитот и дизајнот, Тусен била наградена со Големиот крст на Легијата на честа во 1955 година.

Жан Тусен се пензионирала од Картие во 1970 година и починала во Париз на 7 мај 1976 година.

Наводи

Литература

Категорија:Носители на Големиот крст на Легијата на честа Категорија:Починати во 1976 година Категорија:Родени во 1887 година Категорија:Модни дизајнери