мини|Зимска градина во градот Стадсканал, Холандија мини|Зимска градина во општината Дојвен, Холандија мини|Зимска градина како продолжение на дневната соба, г. Бергфелде (Германија), 2002 г. мини|Зимска градина мини|Внатрешен поглед на зимска градина мини|Друг внатрешен поглед Зимска градина (позната и како застаклена веранда) — доградба на зграда или самостоен објект, чиј покрив и странични ѕидови во поголемиот дел се изработени од стакло. Добро конструираната зимска градина го користи ефектот на стаклена градина (да не се меша со атмосферскиот ефект на стаклена градина) наместо конвенционалните техники за греење, со цел да се постигне собна температура што овозможува презимување на одредени растенија. Пасивното искористување на сончевата светлина, дури и при минимално сонце или расеана светлина, води до значително затоплување на воздухот во просторијата во споредба со надворешниот воздух. За да се зголеми овој ефект, поголемиот дел од стаклената фасада треба да биде свртен кон југ.
Историја Зимската градина, во обликот во кој е позната денес, ги има своите корени во Англија. Во текот на XVIII век таму се појавиле бројни раскошни доградби на куќите што биле достапни само за побогатите семејства. Претходниците на зимската градина можат да се најдат уште во антиката, кога исто така се граделе објекти за одгледување растенија и овошни дрвја донесени од прекуокеанските колонии.
Траен развој на стилот на зимските градини се случува во викторијанската епоха, кога стаклените градини уживале сѐ поголема популарност насекаде. Конструкциите од стакло и челик биле богато украсувани во тогашниот стил и станале дел од еден архитектонски облик што обележил цела епоха и се проширил низ целиот европски континент. Застаклените оранжерии и градините за палми станале карактеристична одлика на ботаничките градини и дале нови импулси за развој на архитектурата.
Во викторијанската епоха, зимските градини за првпат се претвориле во простории каде луѓето го поминувале своето време и се дружеле. Тие веќе не биле само изложбени простори, туку опремени со маси, столови и клупи, кај луѓето создавале едно ново чувство за станбен и животен простор.
По 1880 г., зимските градини станале модерни и во Германија како дел од граѓанските куќи и летните вили. До 1930-тите години, класичниот стил на зимски градини бил исклучително популарен во Германија. Денес, меѓутоа, тие веќе не се израз на носталгичен поглед кон минатото, туку носители на нови архитектонски форми. Како последица на нафтените кризи во 1973 и 1979/80 г. и зголемената еколошка свест, како и на други чинители, сончевата светлина се претворила во извор на енергија, а заедно со тоа стаклото било одново откриено за архитектурата.
Ран облик на зимските градини се оранжериите. Тие биле, а делумно и сѐ уште се изградуваат како објекти долепени до куќата.
Топлински режим Ако зимската градина во текот на денот не ја користи сончевата светлина за греење, тогаш трошоците за топлинска енергија ќе бидат значително повисоки отколку кај традиционалните ѕидови и ќе бараат три до четири пати поголема моќност за греење. Напротив, големото количество на искористена соларна енергија (сончева топлина), како и расеаната светлина, ќе доведат до драстично намалување на деновите кога е потребно вештачко греење. Голем дел од соларната енергија може да се искористи за затоплување на соседните простории, така што годишните трошоци за греење на целата корисна површина нема значително да се зголемат. Доколку зимската градина не користи соларна енергија за греење и не се користи како простор за живеење (температура пониска од 19 °C), тогаш таа мора да се одвои од куќата со помош на врати и на тој начин ќе служи како тампон-зона.
Употребата на подно греење, на радијатори (како што е случај кај старите објекти), на топлина од камини и слично, има свои негативни страни во поглед на расипувањето на енергијата и пониската ефикасност. Затоа, најдобар начин за греење на зимските градини останува природната сончева светлина. Важен е и изборот на растенија што можат да презимаат во овој вид градина.
За складирање на сончевата топлина можат да се користат, на пример, теракотни плочки за подот или да се изгради масивен ѕид од тули што ќе ја собира топлината.
Прекумерното затоплување на зимската градина или проблемите со проветрувањето на просторијата можат да се избегнат преку таканаречениот „хипокаустичен систем“, при кој топлиот воздух во градината ја претвора водата во пареа, пареата се всисува на највисоката точка на градината и преку хипокаустични цевки се враќа до подот, каде водената пареа кондензира, ослободува топлина и го затоплува подот.
Видови градини Во однос на применетата техника, се разликуваат три вида зимски градини.
Студена зимска градина: ова е застаклена просторија што се користи за презимување на растенија отпорни на студ. Таа не се грее или се грее до 12 °C.
Умерено топла зимска градина: тука температурата се движи помеѓу 12 и 19 °C во согласност со стандардните прописи.
Топла зимска градина (соодветна за живеење): таму во текот на целата година владее пријатна клима, особено погодна за тропски растенија со високи барања. Кај овој вид градини важат строгите правила за енергетска ефикасност кај објекти со стаклени покриви и фасади.
Во однос на поставеноста во споредба со главниот станбен објект, се разликуваат три вида зимски градини.
Самостоен објект: зимската градина се изградува како посебен објект во дворот или градината, без непосредна врска со главното живелиште.
Дограден објект: зимската градина се изградува долепена до некој од ѕидовите на станбениот објект (обично на јужната страна). Во најголем број случаи, во ѕидот на живелиштето се прави врата што служи како влез во зимската градина.
Вградена зимска градина: релативно поретко застапен вид, каде овие простории се вградуваат во самата куќа. Во овој случај, зимската градина нема самостоен надворешен ѕид, туку му обезбедува стаклен покрив на главното просториско јадро.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Архитектонски елементи Категорија:Соби