Макс Пејн () — неоноарски акционен филм од 2008 г. заснован на истоимениот серијал видеоигри развиен од Remedy Entertainment и објавен од Rockstar Games. Во режија и сопроизводство на Џон Мур, а по сценарио на Бо Торн, во филмот главните улоги ги толкуваат Марк Волберг како насловниот лик, Мила Кунис како Мона Сакс, Лудакрис како Џим Бравура и Бо Бриџис како Б.Б. Хенсли. Филмот се врти околу одмазда, центрирајќи се на еден њујоршки полициски детектив додека патува низ злосторничкото подземје на Њујорк, обидувајќи се да ја дознае вистината зад убиството на неговата сопруга и дете.

Снимањето се одвивало во пролетта 2008 г. Во многу сцени од филмот биле користени интензивни визуелни ефекти. Макс Пејн бил премиерно прикажан на 16 октомври 2008 г., во Австралија, еден ден пред датумот на издавање во САД. Филмот добил претежно одречни одзиви и заработил 85,8 милиони долари наспроти продукцискиот буџет од 35 милиони долари.

Содржина Макс Пејн е детектив во Единицата за нерасчистени случаи при Полицискиот оддел на градот Њујорк (NYPD). Тој ги изгубил сопругата Мишел и малата ќерка Роуз во свирепо убиство; од тој ден, Макс е опседнат со желбата да го пронајде убиецот на своето семејство. Тој станува осомничен во NYPD откако Наташа, познаничка на еден од информаторите на Макс, е жестоко убиена, а паричникот на Макс (кој таа претходно го украла) е пронајден на местото на злосторството. Поранешниот партнер на Макс, Алекс Болдер, е убиен во својот дом откако го известил Макс за можна врска помеѓу смртта на Наташа и убиството на неговото семејство. Макс е наместен како убиец, а поручникот Бравура од Внатрешната контрола е задолжен да го приведе.

Макс и Мона Сакс, слободен платен убиец и сестра на Наташа, го посетуваат салонот за тетоважи на Наташа, каде што тетовирачот го открива значењето зад тетоважата што ја имала Наташа: таа ги претставува крилјата на Валкирија, кои во скандинавската митологија се суштества што ја одредуваат судбината на воините во битка. Макс тајно оди да земе дел од личните работи на Мишел од складиштето и открива дека документите од времето кога таа работела во корпорацијата „Есир“, голем фармацевтски производител, исчезнале. Макс го испрашува поранешниот претпоставен на Мишел, Џејсон Колвин, во неговата канцеларија во „Есир“ и дознава дека Мишел била вклучена во развојот на „Валкирија“, лек што компанијата го произведувала под воен договор во обид да создаде супервојници. За жал, само неколку субјекти покажале позитивни резултати; останатите доживувале халуцинации и на крајот полуделе, принудувајќи ја „Есир“ да го прекине проектот и да ја прикрие својата вмешаност. Џејсон се согласува да сведочи против своите работодавци, под услов Макс да го заштити. Макс се согласува, но потоа полицајци на SWAT (маскирани изведувачи на „Есир“) ја напаѓаат канцеларијата, го убиваат Џејсон и го привлекуваат вниманието на Бравура.

По интензивна пресметка со огнено оружје, Макс бега со доказите и ѝ покажува на Мона видео во кое се објаснува проектот „Валкирија“ и се појавува Џек Лапино, поранешен морнарички пешадинец што бил еден од успешните субјекти на „Есир“. Лапино во видеото објаснува дека додека го зема лекот, се чувствува непобедлив и не чувствува никакви несакани дејства. Макс се соочува со Лапино, сега моќен гангстер вклучен во шверцот на „Валкирија“ како дизајнерска дрога, во неговото засолниште во складиште, и двајцата мажи се борат сѐ додека Лапино не ја преземе контролата. Поразот на Макс се чини неизбежен сѐ додека Б.Б. — шефот на обезбедувањето на „Есир“ и татковска фигура за Макс — не пристигне и не го убие Лапино. Тој потоа го онесвестува Макс и го носи на градското пристаниште.

Б.Б. објаснува дека тајно ја продавал дрогата „Валкирија“ за лична добивка и признава дека ја убил Мишел откако таа открила компромитирачки докази што можеле да го разоткријат. Тој се обидува да го удави Макс во лажирано самоубиство, но Макс се ослободува и нурнува во ледената река. Тој речиси се дави, но го слуша гласот на сопругата што му вели дека сѐ уште не е време да умре. Плива до брегот и, за да спречи хипотермија, ги консумира ампулите со „Валкирија“ што Б.Б. му ги ставил во џебовите, што предизвикува интензивни халуцинации, но го прави и речиси непобедлив. Макс го следи Б.Б. назад до седиштето на корпорацијата „Есир“. Помогнат од Мона, тој се пробива низ обезбедувањето на зградата, на крајот соочувајќи се и убивајќи го Б.Б. на хелиодромот на зградата. Неговата одмазда е целосна и тој паѓа на колена, подготвен да умре. Гледа видение на сопругата и детето како му се смешкаат и одеднаш се освестува, додека сонцето ги пробива облаците, а екипата на SWAT го опколува.

Сцената по одјавната шпица ги прикажува Макс и Мона во бар. Мона му покажува на Макс весник со сликата на извршната директорка на „Есир“, Никол Хорн, на насловната страница. Макс и Мона потоа се погледнуваат еден со друг со разбирање и обновена цел.

Улоги

|Марк Волберг || Макс Пејн |- |Мила Кунис|| Мона Сакс |- |Бо Бриџиз|| Б.Б. Хенсли |- |Лудакрис || Џим Бравура |- |Крис О’Донел|| Џејсон Колвин |- |Донал Лог || Алекс Болдер |- |Амори Ноласко|| Џек Лапино |- |Кејт Бертон|| Никол Хорн |- |Олга Куриленко|| Наташа |- |Ротафорд Греј || Џо Сал |- |Џоел Гордон|| Овен Грин |- |Џејми Хектор || Линколн Денаф |- |Ендру Фридман|| Тревор |- |Маријанти Еванс|| Мишел Пејн |- |Нели Фуртадо || Криста Болдер |- |Џејмс Макафри|| тетовирачот

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Американски филмови Категорија:Канадски филмови Категорија:Канадски акциони филмови Категорија:Американски акциони филмови Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Филмови снимени во Торонто Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Њујорк