Alyssum kavadarcense — вид повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Кирил Мицевски. Alyssum kavadarcense е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Alyssum kavadarcense (Alyssum kavadarcensis) има силно разгранета и задрвенета основа, со многу цветни стебленца и бројни вегетативни гранчиња при нивната основа. Стебленцата се вертикални со височина до 40 см, најчесто црвеникави и покриени со густи прилегнати нежни ѕвездести влакна. Листовите при основата брзо паѓаат при цветење и формирање плодови, па стебленцата најчесто остануваат без листови. Понекогаш во пазувите на листовите се развиваат вегетативни гранчиња. Листовите на стеблото се обратно-јајцевидни до копјести, тапи на врвот, во основата преминуваат во дршка; горната страна е зелена, долната сиво-бела од густи влакна; горните листови се потесни; кај гранчињата листовите се обратно-јајцевидни или долгнавести, од двете страни сребрено-бели од влакна со 16-20 зраци и пречник 0,4-0,5 мм. Соцветието е штитовидно, големо и густо; долните гранчиња имаат долги дршки, а кон врвот стануваат покуси. Цветовите се долги 2,5-3 мм. Цветните дршки се долги 2-2,5 мм, а плодните околу 3 мм. Чашкините ливчиња се долгнавести, долги 1,3-1,75 мм, зеленикави или жолтеникави, со ретки влакна и тесен ципест раб. Венечните ливчиња се 2-2,2 мм, обратно-јајцевидни, широки во основата, со ретки влакна на долната страна. Израстокот на филаментите кај долгите прашници е околу 1/4 сраснат со филаментот, а на врвот има две запчиња. Шушменчињата (плодовите) се долги 3,5 мм и широки 2,75 мм, речиси округли, обратно-јајцевидни или поретко елиптични, со врв округол или малку вдлабнат, основа округла или клиновидна, покриени со ѕвездести влакна; влакната може да се допираат или да бидат оддалечени, широки 0,20-0,30 мм со 12-18 зраци; зраците се тенки, нежни и брадавичести. Капачињата на шушменчињата се рамни. Столпчето е долго 0,75-1,2 мм и нема влакна.

Се среќава на силикатни камењари и крај патишта. Забележан во Кавадарци, околината на с. Мрежичко и меѓу селата Мрежичко и Мајден. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Ендемска флора на Македонија