Alyssum scardicum— вид повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Ричард фон Ветштајн. Alyssum scardicum припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Сиво-зелено растение, високо 5-20 см, силно разгрането во основата, со повеќе цветни стебленца и кратки или долги вегетативни гранчиња. Стебленцата се вертикални, во основата полукружно свиткани, зелени или црвенкави, со ретки прилегнати ѕвездести влакна и листови по должината. Базалните листови се елиптично-копјести, тапи на врвот, постепено стеснети во кратка дршка, со ретки ѕвездести влакна (0,4-0,6 мм, 6-10 краци), што им дава зелена боја. Стеблените листови се линејно-копјести или линејни, заострени на врвот; вегетативните листови се елиптично-копјести и сиво-зелени. Цветовите се во густи гроздовидни соцветија што при прецветување малку се издолжуваат. Цветните дршки имаат мали прилегнати ѕвездести влакна и распрснати еднокраки, двокраки или повеќекраки влакна. Чашкините ливчиња се долги 2,5-3,5 мм, широко-елиптични, жолто-зелени или жолти, со ретки ѕвездести влакна и тесен мембранозен раб, понекогаш со 1-2 четинести влакна на врвот. Венечните ливчиња се долги 5-6 мм, горе широки околу 4 мм, надолу нагло стеснети, во средината повторно проширени и кон основата клиновидно стеснети, со неколку ѕвездести влакна одоздола. Подолгите прашници имаат крилест израсток со 1-2 запчиња, целосно сраснат со филаментот; покусите имаат линеен израсток, сраснат само во долниот дел. Шушменчињата (плодниците) се елиптични до круглести, на врвот вдлабнати, од двете страни подуени (едната поиспакната), со рамни рабови и тенки ѕвездести влакна со допрени краци. Столпчето е долго 3-4 мм. Семките се темнокафеави, со тесен крилест раб. Плодните дршки достигнуваат до 10 мм должина.

Расте на варовнички и силикатни карпи, камењари и точила, на височини од 2.000 до 2.764 м. Варијабилност Alyssum scardicum var. scardicum - Шушменчињата му се елиптични. Познат за Шар Планина и Кораб. Alyssum scardicum var. elongatum - Шушменчињата му се округли. Познат за Шар Планина и Кораб. Галерија

Наводи

Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа