Alyssum skopjense — вид повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Кирил Мицевски. Alyssum skopjense (Alyssum skopjensis) припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.

Опис и распространетост Растението е силно разгрането при основата, со многу вертикални стебла и базални вегетативни гранчиња. Стеблото е високо до 40 см, обично неразгрането или ретко разгрането, покриено со густи прилепени ѕвездести влакна со 16–25 зраци. Листовите на стеблото се обратно-јајцевидно-копјести или копјести, врвот остар, основата постепено стеснета; горната страна сиво-зелена, долната бела поради густите ѕвездести влакна. Листовите на вегетативните гранчиња се густи и збиени, од двете страни бели поради густите влакна; влакната со дијаметар 0,4–0,5 мм. Соцветието е штитовидно. Цветовите се долги околу 3 мм. Цветните дршки долги 2 мм, со густи прилепени влакна; плодните дршки долги 3 мм. Чашкините ливчиња зелени, долги 2 мм, со ретки влакна и тесен ципест раб. Венечните ливчиња жолти, долги 3 мм, обратно-јајцевидни, кон основата клиновидно стеснети, со ретки влакна одоздола. Израстокот на филаментот кај долгите прашници е назабен, понекогаш целосен, и околу 3/4 сраснат со филаментот. Шушменчињата се елиптични, основата и врвот се клиновидно заострени, долги 3–4 мм и широки 2–2,5 мм, покриени со густи влакна; влакната се широки 0,26–0,30 мм, со 12–25 зраци што се допираат; зраците се дебели, цврсти и брадавичести. Капачињата на шушменчињата се сплеснати или едното малку подуено. Столпчето е голо и долго 1,5–1,75 мм. Семките најчесто имаат тесно крило, широко 0,15–0,20 (до 0,30) мм, кафеаво. Шушменчињата најчесто содржат само една семка.

Расте на ситен серпентински камењар или нанос. Познат за Скопје: Жеденска Клисура - кон с. Рашче; Скопска Црна Гора - помеѓу с. Бразда и с. Горњани (Групче). Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Ендемска флора на Македонија Категорија:Флора на Европа