Скопје 70 — трет фестивал на забавни мелодии од серијата Скопски фестивал, одржан на 12, 13 и 14 ноември 1970 година во Универзалната сала во Скопје. Организатор на фестивалот била Радио-телевизија Скопје.
На фестивалот биле изведени 19 композиции во две верзии, а учествувале околу 40 вокални солисти и вокално-инструментални состави од повеќе југословенски центри. Музичката придружба ја изведувал Големиот ревиски, односно забавен оркестар на Домот на ЈНА од Белград, а фестивалските вечери директно ги пренесувале Радио Скопје и Телевизија Скопје.„На 12, 13 и 14 ноември во Универзалната сала во Скопје — Фестивал на забавни мелодии ‘Скопје 70’“, весникарски исечок, 1970.
Позадина
Скопскиот фестивал бил основан во 1968 година во организација на Радио-телевизија Скопје. Третото издание, „Скопје 70“, било најавувано како најголема манифестација на забавната музика во СР Македонија и како фестивал со пошироко југословенско учество.„Вечерва почнува фестивалот ‘Скопје 70’“, потпис Г. М., весникарски исечок, 1970.
Во претфестивалските најави било истакнувано дека во Скопје ќе настапат познати изведувачи од Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана и други југословенски центри. Меѓу најавените имиња биле Тереза Кесовија, Радојка Шверко, Вице Вуков, Мишо Ковач, Миро Унгар, Лео Мартин, Звонко Шпишиќ, Зафир Хаџиманов, Диме Поповски, Сашка Петковска, Драган Мијалковски и други.
Конкурс и избор на композиции
Радио-телевизија Скопје распишала конкурс за избор на композиции за фестивалот „Скопје 70“. Според конкурсните пропозиции, текстот на композициите морал да биде на македонски јазик, а музиката требало да биде инспирирана од македонското поднебје и од македонскиот фолклорен мелоритам. Композициите се испраќале во два примерока, под шифра, со текст и хармонски симболи. Рокот за пријавување бил 31 мај 1970 година.„Конкурс за избор на композиции за фестивалот ‘Скопје 70’“, весникарски исечок, 1970.
На конкурсот пристигнале 87 композиции. Жирито за избор на композициите, со кое претседавал композиторот Благоја Ивановски, првично избрало 20 песни. Во жирито членувале и Марио Ријавец, Миленко Печник, Александар Лековски и Благоја Иванов.Б. Петровски, „Избрани композициите за фестивалот ‘Скопје 70’ — Силна конкуренција, добар избор!“, весникарски исечок, 1970.
Во првичниот избор била вклучена и композицијата „Незаборавен роден крај“ од Румен Дучев, со текст од Благоја Стефановски. Подоцна, според тогашниот печат, композицијата била отстранета од фестивалската конкуренција, по што финалната програма броела 19 композиции.„Југословенската елита на ‘Скопје 70’!“, потпис Б. П., весникарски исечок, 1970.
Одржување
„Скопје 70“ се одржал во Универзалната сала во Скопје на 12, 13 и 14 ноември 1970 година. Фестивалот траел три вечери, за разлика од претходните две изданија, и имал два натпреварувачки дена и финална вечер.Б. Петровски, „На 12, 13 и 14 ноември се одржува ‘Скопје 70’ — Три вечери за 19 композиции“, Вечер, 14 октомври 1970.
Со Големиот забавен оркестар на Домот на ЈНА од Белград диригирале Будимир Гајиќ, Бојан Адамич, Александар Џамбазов и Драган Ѓаконовски. Како водители на фестивалот биле најавени Бранка Станковска, Снежана Липковска и Чедо Христов, а режијата била на Вељо Личеновски.
Телевизија Скопје и Радио Скопје вршеле директен пренос од сите три фестивалски вечери, додека финалната вечер ја презеле и други југословенски телевизиски студија.
Програма
На фестивалот биле изведени 19 композиции во две верзии. Во продолжение е дадена програмата според претфестивалските најави и објавените списоци на композиции и изведувачи.„Утре почнува фестивалот ‘Скопје 70’ — Борбата ќе трае три вечери“, весникарски исечок, 1970.
„Сети се“ — музика: Љубомир Бранѓолица; текст: Христо Крстевски; изведувачи: Радојка Шверко и Вишња Корбар. „Скопје сонува“ — музика: Љубомир Бранѓолица; текст: Јозо Бошковски; изведувачи: Вјекослав Јут и Даниела Панчетовиќ. „Блесна како нож“ — музика: Љубомир Бранѓолица; текст: Благоја Стефановски; изведувач: ВИС „Млади леви“. „Пасторала“ — музика: Љубомир Бранѓолица; текст: Ѓоко Георгиев; изведувачи: Џани Маршан и Хрвое Хегедушиќ. „Тој ден ќе дојде“ — музика: Јане Коџобашија; текст: Благоја Стефановски; изведувачи: Сабина Варешановиќ и Далиборка Стојшиќ. „Детска игра“ — музика: Ванчо Димитров; текст: Драган Мијалковски; изведувачи: Аленка Пинтариќ и ВИС „Бис-без“. „Не ми требаш повеќе“ — музика: Трајче Органџиев; текст: Христо Крстевски; изведувачи: Драган Мијалковски и Ева Сршен. „Магдалена“ — музика: Димитар Масевски; текст: Сашо Горски; изведувачи: Мишо Ковач и Вице Вуков. „Дом за нашата љубов“ — музика: Димитар Масевски; текст: Благоја Стефановски; изведувачи: Звонко Шпишиќ и Ивица Перцл. „Скопје, градот мој“ — музика: Димитар Масевски; текст: Сашо Горски; изведувачи: Зоран Милосавлевиќ и Далибор Брун. „За тебе е сè“ — музика: Драган Ѓаконовски; текст: Благоја Стефановски; изведувачи: „Импулси“ и „Мелос“. „Последен ден на разделбата“ — музика: Драган Ѓаконовски; текст: Благоја Стефановски; изведувачи: Зоран Георгиев и Диме Поповски. „Еј, ти“ — музика: Љупчо Константинов; текст: не е наведен; изведувачи: Лидија Кодрич и „Индекси“. „Поздрав на Охридските трубадури“ — музика: Христо Крстевски и Григор Копров; текст: Христо Крстевски; изведувачи: „Про арте“ и „Дубровнички трубадури“. „Никогаш, никогаш“ — музика: Александар Кораќ; текст: Сашо Горски; изведувачи: Боба Стефановиќ и Сашка Петковска. „Да нема разделби“ — музика: Александар Џамбазов; текст: Благоја Стефановски; изведувачи: Лео Мартин и Ладо Лесковар. „Земи момче Македонче“ — музика: Александар Кораќ; текст: Зафир Хаџиманов; изведувачи: Зафир Хаџиманов и Златко Голубовиќ. „Мојата улица, мојот дом“ — музика: Петар Лукиќ; текст: Ѓоко Георгиев; изведувачи: Армен Сурмејан и Аница Зубовиќ. „Охрид и јас“ — музика: Александар Џамбазов; текст: Сашо Горски; изведувачи: Тереза Кесовија и Миро Унгар.
Награди
На завршната вечер биле изведени 12 композиции, по што биле доделени наградите на фестивалското жири, наградата на Друштвото на композиторите на СР Македонија, наградата за најдобар текст и наградите според гласовите на публиката.„Награди за Ѓаконовски, Бранѓолица, Џамбазов, Масевски и Кораќ“, весникарски исечок, 1970.
Фестивалското жири ги доделило следните награди:
Прва награда — „Последен ден на разделбата“, композиција на Драган Ѓаконовски, 3.000 динари. Втора награда — „Сети се“, композиција на Љубомир Бранѓолица, 2.000 динари. Трета награда — „Да нема разделби“, композиција на Александар Џамбазов, 1.000 динари.
Жирито на Друштвото на композиторите на СР Македонија доделило награда од 3.000 динари за композициите „Пасторала“ од Љубомир Бранѓолица и „Охрид и јас“ од Александар Џамбазов.
Наградата за најдобар текст му била доделена на Благоја Стефановски за текстот на композицијата „Дом за нашата љубов“ од Димитар Масевски.
Според гласовите на публиката, првите три композиции биле:
Прво место — „Земи момче Македонче“ од Александар Кораќ, 512 гласа. Второ место — „Никогаш, никогаш“, исто така од Александар Кораќ, 417 гласа. Трето место — „Магдалена“ од Димитар Масевски, 356 гласа.
Во пофестивалскиот извештај како најуспешни пејачи биле наведени Зафир Хаџиманов, Сашка Петковска, Боба Стефановиќ, Мишо Ковач, Вице Вуков, Златко Голубовиќ, Тереза Кесовија и други.
Прием и критики
Во дел од тогашниот печат фестивалот бил оценет како амбициозна, но само делумно успешна манифестација. Во критички осврт објавен во „Нова Македонија — Екран“, фестивалот бил опишан како „фестивал на тралалајски носивости“, со забелешка дека иако дел од песните биле прифатени од публиката, фестивалот не успеал да наметне јасен стил или музика што ќе остане надвор од трите фестивалски вечери.Сл. П., „Што ни донесе ‘Скопје 70’ — Фестивал на тралалајски носивости“, Нова Македонија — Екран, 1970.
Критиката се осврнала и на јазичниот аспект на фестивалот. Организаторот инсистирал изведувачите да пеат на македонски јазик, но кај дел од немакедонските пејачи тоа било оценето како неприродно, со неправилен изговор и акцентирање.
Во истиот осврт биле критикувани и некои интерпретатори поради недоволна подготвеност, доцно пристигнување и непознавање на текстовите. Од друга страна, посебно била пофалена интерпретацијата на Лео Мартин на композицијата „Да нема разделби“.Сл. П., продолжение на критичкиот осврт за „Скопје 70“, Нова Македонија — Екран, стр. 25, 1970.
Критичарите забележале и недоволна професионална организациска структура. Според еден осврт, фестивалот го водел 15-член Организационен одбор, но реално работеле само тројца или четворица членови, без јасна професионална фестивалска управа.
Пофестивалски реакции
Случајот со Христо Крстевски
Еден од пофестивалските спорови бил поврзан со авторот Христо Крстевски. Во напис објавен во „Вечер“ на 21 ноември 1970 година било наведено дека Крстевски, кој бил автор на три текста и коавтор на една композиција, реагирал затоа што неговото име било изоставувано при најавите на композициите „Сети се“ и „Не ми требаш повеќе“.Б. Петровски, „Како на ‘Скопје 70’ беше ‘заборавен’ Христо Крстевски — Грешка постои — а виновникот?“, Вечер, 21 ноември 1970, стр. 8.
Крстевски тврдел дека неговото име било заменувано со имињата на Благоја Стефановски и Драган Мијалковски, и дека таквата грешка можела да влијае врз неговото учество во конкуренцијата за награда за текст. Директорот на фестивалот, Ѓоко Георгиев, изјавил дека станува збор за „груба грешка“, но не можел да објасни како дошло до неа. Снежана Липковска, една од најавувачките, го отфрлила објаснувањето дека грешката ја направиле спикерите, наведувајќи дека тие го читале текстот што им бил даден.
Случајот со „Скопје сонува“
Друг пофестивалски спор се однесувал на композицијата „Скопје сонува“ од Љубомир Бранѓолица, со текст на Јозо Бошковски. Бошковски изјавил дека верзијата што ја пеел Вјекослав Јут не била негов текст, иако била најавена под негово авторство.Б. Петровски, „На фестивалот ‘Скопје 70’ — Направена е пародија на мојата песна!“, весникарски исечок, 1970.
Според Бошковски, верзијата што ја изведувала Даниела Панчетовиќ била текстот што тој го предал за композицијата, додека верзијата на Јут била направена без негова консултација и содржела измени што тој ги сметал за неприфатливи.
Модна и медиумска рецепција
Фестивалот бил коментиран не само од музички, туку и од визуелен и медиумски аспект. Во рубриката „Мини * Миди * Макси“ бил објавен текст на Зорица Тодорова под наслов „Фестивал на елеганција и лошо облекување“, во кој се анализирала сценската гардероба на учесниците.Зорица Тодорова, „Фестивал на елеганција и лошо облекување“, весникарски исечок, стр. 28, 1970.
Во раниот број на „Нова Македонија — Екран“, Диме Поповски во рубриката „Мојот дневник“ го користел „Скопје 70“ како повод за ироничен коментар за фестивалската сцена, нејзината самосвест, јавниот имиџ и односот меѓу музичката интерпретација и сценската појава.Диме Поповски, „Мојот дневник — Коцката е фрлена...“, Нова Македонија — Екран, стр. 27, 1970.
Значење
„Скопје 70“ претставува рано и амбициозно издание на Скопскиот фестивал, во период кога македонската забавна музика настојувала да се позиционира во поширокиот југословенски културен простор. Фестивалот бил значаен поради бројот на композиции, директните медиумски преноси, учеството на познати југословенски изведувачи и обидот да се афирмира македонскиот јазик во забавната музика.
Истовремено, пофестивалските реакции во печатот укажуваат на организациските, јазичните и авторските проблеми што ја следеле една манифестација во процес на професионализирање.
Поврзано
Скопје фест Универзална сала (Скопје) Радио-телевизија Скопје Македонска забавна музика
Наводи
Категорија:Скопје фест Категорија:Музички фестивали во Македонија Категорија:1970 во Македонија Категорија:Култура во Скопје Категорија:Македонска забавна музика