Alyssum strigosum — вид едногодишно растение опишано од ботаничарите Џозеф Бенкс и Даниел Карл Соландер. Alyssum strigosum припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Растение со сиво-зелена боја, силно разгрането при основата, со повеќе вертикални стебленца. Стебленцата се покриени со густи прилепени влакна. Листовите се долгнавести, од обратно-јајцевидни до копјести, врвот е остар, основата постепено се стеснува во кратка дршка; долната страна има погусти влакна со долги краци. Цветовите се групирани во густо гроздовидно соцветие што при формирањето на плодови силно се издолжува. Чашкините ливчиња имаат зелена боја, долги се 1,5 мм, со влакна со долги краци што странично стрчат, особено во горниот дел. Венечните ливчиња се долги 2,5 мм, со засечен врв и стеснета основа; прво жолти, подоцна побелуваат. Подолгите прашници имаат запчест израсток на врвот од филаментот; покусите прашници имаат лушпа долга 3/4 од филаментот, споена до половина. Шушменчињата (плодовите) се долги 3,5–6 мм, со мали влакна, меѓу кои има груби двокраки влакна со долги краци или трокраки со еден краток и два долги расперени краци. Столпчето е без влакна. Семките се светлокафеави. Плодните дршки се долги 2,5–4 мм, со влакна (ѕвездести) со силно расперени краци.
Расте на брдски пасишта, каменливи тревни почви и варовнички карпи, до 1000 метри надморска височина. Се среќава во: Скопје, Куманово, Крива Паланка, Овче Поле, Штип, Делчево, Пробиштип, Велес, Неготино, Охрид, Гевгелија, Валандово и клусурите на реките: Треска, Бабуна, Тополка, Раец, Таорска Клисура и Демиркаписка Клисура. Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа