Шпански жедник () — вид цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Жедник (Sedum) од семејството Дебелци (Crassulaceae). Природно се среќава од јужно-централна и југоисточна Европа до Иран и Арапскиот Полуостров. И покрај неговиот специфичен епитет хиспаникум, ова растение не е автохтоно во Шпанија.
Опис и распространетост Ова е најчесто едногодишно растение, понекогаш двегодишно или повеќегодишно, но тогаш има стерилни гранчиња при основата. Растението може да биде голо, делумно или целосно покриено со жлездести влакна. Стеблото е исправено, достигнува висина до 15 см, може да биде неразгрането или разгрането од основата, покриено со жлездести влакна и густо обраснато со листови. Листовите се со сива, сиво-зелена или црвенкава боја, месести и голи, тесни и полуцилиндрични, долги 5-12 мм, на врвот малку заострени, а во основата имаат кратко торбесто проширување. Цветовите се составени од 6-9 делови, речиси приседнати, собрани во цимозни соцветија со 1-8 цветови; дршките им се многу кратки, голи или покриени со жлездести влакна. Ливчињата на чашката се триаглести до копјести, долги 1,5-2 мм, на врвот остро завршуваат и можат да бидат голи или со жлездести влакна. Венечните листови се долги 4-7 мм, копјести, постепено се стеснуваат и завршуваат со шилест врв, обично бели или светлорозови, со средна жила и две покуси странични жили кои се црвенкави. Има 12-18 прашници, со бели кончести филаменти и розови антери кои подоцна стануваат темновиолетови. Мешунчињата се распоредени како ѕвезда, во основата се многу проширени, бели или розови, покриени со жлездести влакна и имаат долго столпче. Цвета од март до јуни.
Во Македонија расте на карпести и каменливи места, покрај шумски рабови и во ретки шуми, на височини до 1800 метри. Се среќава во Скопје - с. Патишка Река; Скопска Црна Гора, Јакупица - Жеденска Клисура; клисура на р. Треска; клисура на р. Пчиња - с. Кожле; Таорска Клисура; Шар Планина; Бистра; Дешат - Крчин; Мавровско; клисура на Мавровска Река; Стогово; Пелистер; Кожуф; Огражден; Осогово; Плачковица; Демир Хисар - помеѓу с. Железнец и с. Доленци; околината на Охрид; Крушево; Прилеп - Дабничка Планина, Плетвар; Кавадарци - Тиквешко Езеро; Велес - Башино Село; клисура на р. Тополка; Штип - Кумлак и Исар; Кочани - с. Оризари, Кочанска Река; Гевгелија - Богданци.
Галерија
Наводи
Категорија:Жедник Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа