Trifolium physodes — повеќегодишен вид на детелина опишано од Фридрих Август Маршал фон Биберштајн.
Опис Растението е повеќегодишно, без влакна (голо), високо 10–40 см. Стеблото е исправено или приподигнато, најчесто неразгрането или слабо разгрането и не се вкоренува во јазлите. Базалните и стеблените листови имаат многу долги дршки, долги 10–20 мм, кои се подолги од листната плочка, додека пазувните листови се со покуси дршки. Листовите се елиптични до кружести, долги 10–20 мм, со клиновидна основа и заоблен или плитко срцевидно всечен врв. Работ е цел или ситно назабен со шилести запци. Прилисниците се јајцевидно-копјести, со долг, постепено заострен тенок врв.
Соцветијата се јајцевидни или топчести, со пречник од 15–25 мм и составени од 30–50 цветови. Дршката на соцветието е долга до 80 мм и најчесто е подолга од пазувниот лист. Цветовите се долги околу 13 мм. Прицветниците се долги 0,5–1 мм, обично подолги од цветната дршка, бели, лушпести и кожесто-ципести. Цветните дршки се долги 0,4–0,6 мм.
Чашката е тесно ѕвонеста и долга околу 8 мм. Нејзината горна половина е влакнеста, а по прецветувањето се распукува и се надувува, добивајќи топчест облик. Запците на чашката се тенки, линејно-шиловидни, при што двата горни се малку покуси од трите долни. Венчето е розово. Барјачето е долго 8–13 мм и е линејно-копјесто, додека крилцата се копјести и околу 2 мм покуси од барјачето. Лаѓичката е исто така околу 2 мм покуса од крилцата. Плодот е мешунка долга околу 3 мм, која содржи едно до две семиња.
Распространетост во Македонија Trifolium physodes расте по брдски и планински пасишта, камењари, покрај шуми и грмушести состоини на надморска височина до 1500 метри. Растението се среќава по планините Бистра, Дешат (Крчин), Галичица, Клепа и Жеден, во околината на Скопје во Петровец, Катлановска Бања и клисурата на реката Треска на Матка, селото Пчиња, Жеденската Клисура, Таорската Клисура и клисурата на реката Пчиња во Куманово, селото Раштани во Велес, селата Лопатица и Кукуречани во Битола, селото Кладник во Кичево, Штип, селото Лезово во Пробиштип, Маврови Анови и Кожа.
Во 1925 година, Борнмилер посочил дека во селата Морани и Зелениково во Скопје, се среќава T. p. f. sericocalyx – подвид кој се одликува со помали цветови и листови.
Подвидови Видот е поделен на следниве подвидови:
T. p. physodes T. p. psilocalyx T. p. f. sericocalyx
Наводи Zohary,M. & Heller,D., 1984 The Genus Trifolium. Jerusalem. Heywood,V.H. & Ball,P.W., 1968 Leguminosae.In:Flora Europaea Vol.2.ed.Tutin,T.G.et al. Roskov Yu.R., 2005 Editorial scrutiny: Northern Eurasia data Import (unpubl.) Bobrov, E.G., 1941 In:Flora URSS, Vol.11. Mosqua, Leningrad. (Rus) Marschall von Bieberstein,F.A., 1808 Fl.Taur.-Cauc.Vol.2
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија