Sempervivum klepa — вид цветно тревесто растение кое припаѓа на родот чуваркуќа () од семејството дебелци (Crassulaceae). Видот за првпат е опишан од македонскиот ботаничар Кирил Мицевски.
Опис и распространетост Sempervivum klepa е повеќегодишно растение со задебелени и збиени листови кои формираат розета. Розетите имаат дијаметар од 3-4 см и најчесто се јавуваат во збиена група. Цветното стебло достигнува висина од 10-12 см, покриено со кратки и долги жлездести влакна и густо распоредени листови по целата негова должина. Листовите во розетата се ланцетовидни, завршуваат со остар врв, долги 12-15 мм и широки 4-6 мм, зелени со пурпурен врв, по рабовите имаат густи цилии долги 2-4 мм, од двете страни се покриени со кратки жлездести влакна, а на горниот дел од долната страна имаат долги и густи цилии. Листовите на стеблото се поголеми од оние во розетата, достигнуваат до 20 мм должина, со пурпурен врв кој постепено се заострува, од двете страни имаат влакна со различна должина, а по рабовите и задната страна се покриени со долги цилии. Соцветието е цимозно, може да биде еднократно или повеќекратно разгрането, густо покриено со жлездести влакна и долги цилии. Цветните дршки се долги од 1,5 до 4 мм. Цветовите се 11-члени и достигнуваат дијаметар до 20 мм. Чашката е долга 3-4 мм, целосно покриена со жлездести влакна и долги цилии; сегментите се ланцетовидни, остро завршени и долги 3-4 мм. Венечните ливчиња се распоредени во форма на ѕвезда, жолти и тесни, постепено издолжени кон врвот, долги 7-10 мм и широки 1-1,2 мм, со густи жлездести влакна на задната страна и рабовите. Прашниците се долги 4-5 мм; филаментите се светлокремови и во основата имаат жлездести влакна, а антерите се жолти. Карпелите се долги 2-4 мм и нивната површина е покриена со жлездести влакна. Столпчињата се тенки, долги 3-4 мм и најчесто стојат исправено.
Расте на силикатни карпи. Видот е забележан единствено на планината Клепа во близина на Велес.
Галерија
Наводи
Категорија:Чуваркуќа (род) Категорија:Дебелци Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Ендемска флора на Македонија