Spiraea chamaedryfolia, е вид растение кое припаѓа на семејството рози.

Опис Многу разгранета грмушка, до 2 м висока. Гранчињата вертикални, по врвовите слабо свиткани надолу, голи аглести, сивкасти, светлокафеави до црвеникаво-кафеави.

Листовите јајцевидни, јајцевидно-копјести до ромбично-елиптични, до 7 цм долги, 4 цм широки, на врвот заострени, во основата постепено се стеснуваат, клиновидни, во долната третина по работ целокрајни, а во останатиот дел до врвот просто или двојно напилени, голи или на долната страна на листот по жилите или во аглите помеѓу жилите со ретки влакна, лисните дршки куси.

Соцветијата полусферични, прилично крупни, до 4 цм во пречник, се развиваат по врвовите на странични куси гранчиња, цветовите хермафродитни, во голем број, цветните дршки до 1 цм долги, тенки и голи.

Чашкините ливчиња триаглесто-јајцевидни, до 2 мм долги, на внатрешната страна влакнести, а на надворешната голи и свиткани надолу. Венечните ливчиња бели, скоро круглести, 4-6 мм долги. Прашниците подолги од венечните ливчиња, антерите црвеникави. Столпчињата 3 мм долги. Мешунчињата голи, светликави, на стомачната страна подуени.

Распространетост Овој вид е домороден во мешаните шуми и шумските чистини на Југоисточна Европа и Азија (Кина, Јапонија, Кореја, Монголија, Русија и Европа). Може да се најде на надморска височина од 600-100 м надморска височина.

Распространетост во Македонија Spiraea chamaedryfolia во Македонија расте по ретките шумски состоини врз силикатна подлога од 800-900 м надморска височина.

Позната е за планината Дуб (Дојранско) и планината Беласица - над Старо Коњарево до Смоларски Дол.

Наводи

Категорија:Рози Категорија:Флора на Македонија