Potentilla inclinata е вид скриеносемено растение кое припаѓа на семејството Rosaceae.

Неговиот роден опсег е од Европа до рускиот Далечен Исток и Иран.

Опис Повеќегодишно тревесто растение, Цветните стебла вертикални, во основата обично лачно искривени, 10-40 цм високи, во долниот дел црвеникави, по површината со густи прилегнати испреплетени тенки влакна, со долги расперени влакна, а покрај нив и со долги густи прилегнати свиленести влакна. Листовите дланковидни, со 5-7 ливчиња; базалните листови со долги дршки, а стеблените листови со значително покуси дршки; листовите по површината со прилегнати испреплетени влакна и со долги прилегнати свиленести влакна. Lивчињата долгнавесто-обратно-јајцевидни, долгнавести до долгнавесто-ланцетни, 15-40 мм долги, 5-15 мм широки, на врвот заокруглени или заострени, во основата клиновидни, по работ напилени до пересто насечени скоро до средната жила или двојно пересто насечени и обично со помал број запци, поретко до 12 запчиња на секоја страна. Запчињата обично тапи а можат да бидат и заострени, не подолги од широчината, а понекогаш ланцетни или линејни, на горната страна голи и зелени или сиви и со прилегнати свиленести влакна, на долната страна светлозелени до сиви или сиво-бели од густите испреплетени влакна, а покрај нив и долги прилегнати влакна, и тоа главно по жилите и по целата површина. Прилисниците во долниот дел делумно сраснати со лисната дршка, а во горниот дел тие се линејни и кон врвот постепено заострени. Цветовите 10-15 мм, во пречник, во голем број и групирани во соцветија слични на штит; цветните дршки со различна должина, со густи испреплетени влакна, а покрај нив и со долги прилегнати или полурасперени влакна кои некогаш ги нема или се многу ретки. Чашкините ливчиња јајцевидни, со заострен врв и со густи бели прилегнати долги влакна, а во основата се со полурасперени влакна. Ливчињата на епикаликсот линејни и долги колку чашкините ливчиња. Венечните ливчиња жолти, 5-7 мм долги, обратно-јајцевидни, на врвот плитко всечени и подолги од чашкините ливчиња. Цветната ложа влакнеста. Столпчињата кончесто-конусовидни, во долната половина со мали брадавички по површината. Оревчињата кафеави, со посветли и не многу испакнати брчки по површината.

Распространетост во Македонија По брдски и планински пасишта, камењари, ливади и напуштени ниви, грмушести состоини и по работ на шумите до 2.000 м надморска височина.

Наводи

Категорија:Петопрст Категорија:Флора на Македонија