Amaranthus blitum е едногодишен растителен вид од семејство Amaranthaceae. Има голем број на кулинарски намени.

Опис Едногодишно растение. Стеблото прилегнато до вертикално, до 80 цм долго, голо. Листовите последователни, со долги дршки кои може да се подолги од ламината. Ламината ромбично-јајцевидна до круглесто-ромбична, во основата одеднаш стеснета, на врвот заокруглена или вдлабната, гола, со јасно испакнати бели жили на долната страна, по работ честопати набрчкана. Цветовите групирани во цимозни соцветија во пазувите на листовите и во едно терминално неразгрането безлисно класовидно соцветие. Брактеолите јајцевидни, на врвот заострени, ципести, со тенка жила, за 2/3 или 1/2 покуси од перијантот. Машките цветови со 3 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот долгнавести и заострени. Женските цветови со 3 перијантни ливчиња. Ливчињата на перијантот долгнавесто-линејни до лопатовидни, на врвот тапи или заострени. Плодот широко елипсовиден, странично сплеснат, не распукнува со напречна пукнатина, но се отвора со неправилно раскинување, по површината со брадавичести и неправилни брчки. Семката лековидна, темнокафеава до црна, сјајна, со тап раб.

Распространетост во Македонија Расте по ѓубришта, запуштени ниви, дворишта и покрај влажни патишта.

Познато само за Кочани, а се посочува за Струга - с. Вељуса, Штип - с. Софилари, покрај Вардар помеѓу Велес и Демир Капија. Сродни растенија Amaranthus viridis е тесно поврзан и јадлив.

Распространетост и живеалиште По потекло од медитеранскиот регион, натурализиран е и во други делови од светот, вклучувајќи го поголемиот дел од источна Северна Америка, голем дел од тропска Африка, Западна Европа и Јапонија. Во Британија за прв пат е забележан во дивината во 1771 година, кога се појавил во Есекс. Се појавувало почесто на расфрлани локации во јужна Англија во 19 век, но оттогаш се намалило. Во Гернзи и на други места е воспоставено како повремено растение, кое никнува на пуста земја, депонии и обработливи површини, веројатно од отпад од волна, кокосови влакна или семе од птици.

Употреба Иако не се одгледува, ова растение се собира од дивината и се јаде во многу делови од светот. Грците ги јадат листовите и сварените нежни изданоци, послужени со маслиново масло, лимон и сол. Во Либан од младите изданоци се прави прилог. Тие се готват во маслиново масло, кромид, чили и булгур, се зачинуваат со сол и лимон и се јадат со пита.

Наводи

Надворешни врски

PROTA-база на Amaranthus blitum

Категорија:Лиснат зеленчук Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија