Circaea lutetiana — повеќегодишен тревест вид од родот Circaea од семејството ноќничиња опишан од Карл Линеј во 1753 година.
Опис Circaea lutetiana е повеќегодишно тревесто растение, високо 15–60 см, со јак ризом на кој во текот на есента се развиваат тенки подземни столони со густо насадени задебелени врвови. Стеблото е вертикално, тенко, неразгрането или плитко разгрането и обично во долниот дел е покриено со густи лисни израстоци, додека во горниот дел е со густи, плитки искрици. Во средишниот дел на стеблото има најмалку еден пар со густи ресички или влакна. Листовите се наспрамни, јајцевидни до широко-копјести, долги 8–10 см, на врвот заоблени, по работ неправилно и плитко назабени и со жлезди по врвот на запчестата или речиси целокрајната површина. На долната страна се слабо покриени со кратки, прилегнати влакна, додека по рабовите има долги, речиси безбојни влакна. Цветовите се во долго гроздовидно соцветие кое се развива на врвот на стеблото. Цветовите се без брактеи, а оската на соцветието и цветните дршки се покриени со расфрлани долги жлезнести влакна; цветните дршки се распространети и подоцна свиткани надолу. Хипантиумот е 1–1,2 мм долг. Чашкините ливчиња се 2, широко-копјести, густо покриени со ситни влакна, кои понекогаш се распоредени и со жлездести влакна по површината. Венечните ливчиња се 2, долги 2–4 мм, од кои едниот е поширок и обратно-срцевиден, на врвот длабоко засечен на два дела, бел или кремав. Прашниците се 2, 0,8–1 мм долги и се поставени спроти венечните ливчиња. Дискусот е 0,2–0,4 мм долг. Плодот е обратнојајцевиден, долг 3–4 мм, двоок, со по едно семе во секое окце; по површината е густо покриен со долги кукичести влакна.
Варијабилност
Circaea lutetiana f. lutetiana — стеблото и листовите се со куси лачно искривени влакна Circaea lutetiana f. villosa — стеблото и листовите се со густи расперени долги влакна
Распространетост Растението е домородно на Европа, Средна Азија и Сибир. Северноамериканските популации сега се сметаат за посебен вид, Circaea canadensis.
Распространетост во Македонија Circaea lutetiana e широко распространето растение по влажни и засенчени шумски станишта, особено по доловите и планинските потоци од низините до надморска височина од 2.000 метри. Неговите варијабилности застапени во Македонија се среќаваат на различни места:
Circaea lutetiana f. lutetiana — се среќава во Скопје - Градски парк; пл. Јакупица - Мумџица; Маврови Анови; пл. Кораб с. Тануше; Кичево с. Светораче и помеѓу Кичево и с. Цер; пл. Јабланица - с. Горна Белица; Велес помеѓу с. Папрадиште и с. Богомила; пл. Осогово - рудник „Саса“; пл. Беласица. Circaea lutetiana f. villosa — се среќава на планината Јакупица - Мумџица, Кичево кај селото Светораче и Огражден - Суви Лаки.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Circaea Категорија:Ноќничиња Категорија:Лековити растенија Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Сибир