Oxybasis glauca е вид на растение гускино стапало кое потекнува од Европа. Воведено е во Северна Америка, каде што станало инвазивен плевел, и во Северна Кореја, каде што расте во изгазени живеалишта.
Опис Едногодишно растение, до 40 цм високо, вертикално или полегнато, често со надолу странично свртени гранчиња. Листовите навидум тесно јајцевидно-елиптични, елиптични или поретко тесно-ланцетни, во основата постепено се стеснуваат во куса дршка, 2-8 цм долги, 3-6 пати подолги отколку широки, неправилно поплитко или подлабоко назабени, а поретко целокрајни, понекогаш со надолу свиткани рабови. Горната страна на ламината зелена, а долната сиво-зелена од брашнестиот налеп, одн. од густите меурести влакна. Цветовите групирани во групи, а тие пак во метличести или класовидни соцветија во пазувите на листовите и по врвовите на гранчињата. Цветовите со 3-5 перијантни ливчиња, слободни скоро до основата, зелени, на врвот тапи, со широк ципест раб, по средината на ливчињата со слабо развиена грба. Перијантните ливчиња го покриваат плодот само до половината. Прашниците 1-5. Перикарпот лесно се одвојува од семката. Плодникот со 2 куси жига. Плодовите вертикално или странично сплескани. Семките темнокафеави, светликави.
Распространетост во Македонија Ова растение во Македонија расте по ѓубришта, засолени почви, песокливи места по бреговите на реките и езерата и покрај оризишта.
Не многу често растение. Познато за Скопје - Катлановска Бања, Штип, Кочани - с. Оризари, Нов Дојран, Струга.
Се посочува за Скопска Црна Гора - с. Побожје, Кичево - с. Св. Враче, Македонски Брод - с. Модриште.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Chenopodium glaucum info Oak-leaved goosefoot
Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Диволободови Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Македонија