Chenopodiastrum murale (син. Chenopodium murale) е вид растение од фамилијата Amaranthaceae. Ова растение е домородно во Европа и делови од Азија и северна Африка, но е широко распространето низ целиот свет, особено во тропските и суптропските области поради леснотијата на неговото воведување. Често расте како плевел на полиња и покрај патишта.

Опис Едногодишно растение високо до 90 цм. Стеблото вертикално или полегнато, разгрането, а најдолните гранчиња се наспрамни. Целото растение повеќе или помалку препокриено со меурести влакна, но често е и голо и со непријатна миризба. Обликот на листовите доста веријабилен. Листовите последователни, обично подолги отколку широки, јајцевидно-ромбични до триаглести, во основата кусо клиновидни, по работ нерамномерно назабени. Запците заострени, малку кукесто искривени кон врвот на листот. Горната страна на ламината темнозелена, светликава и гола, долната посветла и со густи меурести влакна. Лисните дршки покуси од ламината. Цветовите по неколку во групи, а тие во пазувите на листовите и на врвот на стеблото формираат мали метличести соцветија. Гранчињата на соцветијата расперени. Ливчињата на перијантот 5, елиптично-овални, зелени со тесен бел ципест и ресест раб, по површината со меурести клетки, по средината грбесто надуени и до половината сраснати помеѓу себе. Прашниците 5. Плодникот со 2-3 жига. Перијантот целосно не го обвива зрелиот плод. Перикарпот жолтеникав до кафеав, скоро прилепен кон семката. Семките вертикално сплескани, хоризонтални, црни, светликави и со остер раб. По ѓубришта, покрај селските ѕидови, селските патишта и по градините како коровно растение.

Распространетост во Македонија Познато само за Кочани - с. Оризари.

Се посочува за Струмица - с. Мокриево, Скопско, Штип, Злетово, Струмица, Гевгелија, Дојранско, Валандово, Битола, Охрид, Дебар, Македонски Брод.

Употреба Семките се јадат, а изданоците, стеблата и листовите може да се јадат како зеленчук. Исто така може да се користи на ист начин како спанаќот.

Наводи

Надворешни врски

Chenopodiastrum murale at Tropicos Jepson Manual Treatment USDA Plants profile Flora of North America Treatment Photo gallery

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Лиснат зеленчук Категорија:Јадливи оревести плодови и семки Категорија:Флора на Европа Категорија:Диволободови Категорија:Флора на Македонија