Bassia prostrata е евроазиско растение од потсемејството Camphorosmoideae од семејството Amaranthaceae, донесено во Соединетите Американски Држави како сточна храна и за контрола на пожари.

Опис Многугодишно грмушесто растение до 70 цм високо, од основата силно разгрането, покриено со ретки долги влакна кои по површината се со куси тенки брадавичести израслинки. Стеблото голо или слабо влакнесто. Листовите 5-20 мм долги, линејни до линејно-ланцетни, во основата стеснети, на врвот тапи, со долги скоро прилегнати влакна, зелени до сиво-зелени. Цветовите поединечни или по неколку во пазувите на малите брактеи. Цветните групи оддалечени една од друга и формираат едно ретко класовидно соцветие или пак една слабо разгранета метличка. Ливчињата на перијантот 5, околу 2 мм долги, во долната половина сраснати помеѓу себе, влакнести, со тврди и зелени врвови. Во средината на грбната страна на секое ливче на перијантот се развива по едно наспрамно поставено кожесто криловидно образување, кое по работ е набрано, неправилно назабено и со испакнати црвеникави надолжни жили. Прашниците 5. Столпчето кусо и дебело и со 2 кончести жига. Перијантот кожест, жолто-зеленикав, лесно се раскинува и одвојува од семката. Семките хоризонтални, скоро круглести, околу 2 мм долги, темнокафеави.

Распространетост во Македонија Bassia prostrata расте по суви припечни тревести и каменливи места, покрај патишта и други станишта во потоплите делови на Вардарскиот слив.

Познато за околината на Скопје, клисурата на р. Бабуна, Велес - Градско и помеѓу с. Уланци и с. Енешово, Овче Поле - с. Делисинци, Штип - Исар, Кавадарци - Љубаш.

Се посочува за Градско и Демир Капија, Беласица, Неготино, Велес и Неготино - Криволак, Скопје - Катланово, Кавадарци - с. Дреново, Црна Река, Виница.

Наводи

Надворешни врски

Влез во базата на податоци на USDA PLANTS Куќа, Зора. 2007 година. Грмушката Кохија го запира пожарот во Милфорд Флет - рамно. Солт Лејк Трибјун, 2 август.

Категорија:Штирови Категорија:Флора на Македонија