Suaeda maritima е вид цветно растение од семејството Amaranthaceae.

Опис Едногодишно растение до 50 цм високо, сино-зелено и голо. Стеблото разгрането и со вертикални или прилегнати гранчиња. Листовите во основата наспрамни, а погорните последователни, приседнати, месести, обично линејни, полуцилиндрични, кон основата проширени, на врвот тапи или зашилени, а кај некои врвот е со долго кончесто продолжение. Цветовите хермафродитни, поединечни или до 5 во топчести групи во пазувите на листовите, а тие заедно формираат класовидно или класовидно-метличесто соцветие. Брактеолите 2, мали, ципести. Перијантните ливчиња 5, месести, до половината сраснати помеѓу себе, зелени или црвени, формирајќи еден скоро топчест цвет. Перијантните ливчиња на грбната страна без крилеста грба или само едното ливче е со мала грба. Прашниците 5. Плодот со 2 или 3 кончести жига. Плодникот полутопчест или малку сплеснат. Семките обично хоризонтални, 1-1,5 мм долги, 0,8-1 мм широки, темнокафеави, светликави, мазни, со едвај забележлива мрежеста структура.

Распространетост во Македонија Ова растение на територијата на Македонија расте по засолените почви и тоа само на солончаци. Позната за солените почви на Овче Поле.

Живеалиште Ова растение живее во водни, копнени и мочуришни живеалишта. Сепак главно расте во солени мочуришта и морски брегови, обично под ознаката за највисока вода. Дополнително, Suaeda maritima е способна да собира кал и помага во создавање на мочуришта.

Животен циклус Животниот циклус на Suaeda maritima главно е годишен. Растението го завршува целиот развоен циклус, од ртење на семето, преку цветање, до создавање нови семиња, во рамките на една вегетациска сезона. По завршувањето на циклусот, корењата, стеблото и листовите изумираат, додека преживувањето и преминот во следната генерација се обезбедуваат преку неактивните семиња.

Наводи

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Малта Категорија:Флора на Канада Категорија:Халофити

Категорија:Флора на Македонија