Рафаел "Рафа" Надал Парера ; роден на 3 јуни 1986) е шпански професионален тенисер моментално рангиран на 2. место на АТП листата. Тој е познат како најдобриот играч на земјена подлога во историјата и поради тоа е именуван како "Крал на Земјината подлога." Покрај земјата, тој е подеднакво добар и на останатите подлоги, и поради тоа се смета за еден од најдобрите сестрани играчи во историјата на тенисот, и според многумина – вклучувајќи го и поранешниот Светски бр. 1. Андре Агаси – најдобар тенисер на сите времиња.
Надал има освоено 17 Гренд слем титули, олимписко злато во поединечна конкуренција, рекордни 27 титули од АТП Мастерс 1000 серијата и рекордни 15 титули од АТП 500 серијата. Тој исто така бил дел од победничкиот шпански дејвис куп тим во 2004, 2008, 2009 и 2011. Во 2010, тој станал седмиот тенисер во историјата и најмладиот од четворицата во Опен ерата кој ги освоил сите четири Гренд слем турнири. Тој е вториот тенисер, по Андре Агаси, кој успеал да стигне до златен слем во кариерата. Во 2011, Надал ја добил наградата светски спортист на годината.
Надал и Матс Виландер се единствените двајца играчи во историјата кои освоиле барем две Гренд слем титули на три подлоги - тврда, земја и трева. Со освојувањето на Отвореното првенство на Франција 2014, Надал станал единствениот тенисер кој на еден Гренд слем турнир успеал да освои девет титули и првиот кој десет години по ред освоил барем една титула, со што го соборил рекордот од осум години на Бјорн Борг, Пит Сампрас, и Роџер Федерер. Исто така тој се израмнил со бројот на освоени Гренд слем титули со Пит Сампрас на второто место зад Роџер Федерер кој има освоено 20 титули. Тој го држи рекордот и за најмногу освоени титули на еден турнир, осум на Мастерсот во Монте Карло.
Детство и почетоци Рафаел Надал е роден во Манакор, Балеарските Острови, Шпанија, како дете на Себастијан Надал, стопанственик кој поседува компанија за осигурување, компанија за стакло и прозорци и раководи свој ресторан. Неговата мајка, Ана Марија Парера е домаќинка. Тој има помлада сестра која се вика Марија Изабел. Неговиот чичко, Мигел Анхел Надал, е пензиониран поранешен фудбалер, кој играл за Мајорка, Барселона, и за сениорскиот тим на Шпанија. Надал е навивач на Реал Мадрид и на Мајорка. Во светот на тенисот, Рафаел бил внесен на тригодишна возраст од страна на неговиот друг чичко, Тони Надал, поранешен професионален тенисер, кој го забележал неговиот талент.
На осумгодишна возраст, Надал го освоил регионалното тениско првенство до 12 години а истовремено играл и фудбал. Неговиот чичко кој го тренирал интензивно, го охрабрил Надал да игра со левата рака поради предност на тенискиот терен, откако забележал дека Надал форхенд ударите ги игра со две раце. Тони сметал дека неговиот бекхенд удар ќе има корист од неговата силна десна рака. Тој игра со левата рака, а пишува со десната.
Кога Надал имал 12 години, тој освојувал разни јуниорски титули во Шпанија и Европа во својата возрасна категорија и истовремено играл фудбал и бил напаѓач кој ветува. Меѓутоа, неговиот татко му кажал дека мора да бира помеѓу тенисот и фудбалот, за да не трпи неговото образование. Надал го избрал тенисот.
Две години подоцна, тениската федерација на Шпанија инсистирала Надал да ја напушти Мајорка и да се пресели во Барселона каде би можел повеќе да тренира и да напредува. Семејството на Надал ја одбило оваа понуда, поради тоа што мислеле дека тоа ќе го назадува образованието на Надал, и поради тоа што Тони Надал изјавил: "Не мислам дека треба да отидеш во Америка, или на друго место за да станеш добар спортист. Тоа можеш да го сториш и од дома." Одлуката да остане дома значела дека Надал ќе добива помалку финаниски средства од федерацијата, па така таткото Себастијан морал да ги покрива сите трошоци. Во мај 2001, во егзибиционен натпревар на земја, Надал го победил поранешниот Гренд слем шампион, Пет Кеш.
Надал станал професионалец на 15 годишна возраст, а како јуниор настапил на само два ИТФ турнири, од кои едниот бил Вимблдон во јуниорска конкуренција на кој успеал да стигне до полуфиналето.
Со само 17 години, тој го победил Роџер Федерер на нивниот прв меѓусебен натпревар и станал најмладиот тенисер кој стигнал до третото коло на Вимблдон по Борис Бекер. На 19 годишна возраст, Надал сензационално го освоил Отвореното првенство на Франција, уште на својот прв настап во Париз. Тој успешно ја одбранил титулата и во наредните четири години. Во 2003, тој ја добил АТП наградата за најдобар млад играч. Уште во почетокот на својата кариера, Надал станал познат по својата навика да ги гризе титулите кои ги освоил.
Тениска кариера 2002–2004 Во април 2002, на возраст од 15 години и 10 месеци, рангиран на 762. место на АТП листата, Надал ја забележал својата прва победа на АТП натпревар, победувајќи го Рамон Делгадо, со што станал само деветтиот играч во Опен ерата кој тоа го сторил пред шеснаесеттата година. Следната година, Надал освоил два челинџер турнири и годината ја завршил во најдобрите 50. На својот прв настап на Вимблдон во 2003, Надал станал најмладиот играч кој стигнал до третото коло на турнирот по Борис Бекер во 1984.
Во 2004, Надал стигнал до третото коло на Отвореното првенство на Австралија каде во три сета бил поразен од Лејтон Хјуит. Интересно, доколку победел, тој во второто коло за противник ќе го имал Роџер Федерер. Подоцна во годината, Надал го одиграл својот прв натпревар против Светскиот бр. 1 Роџер Федерер на Мастерсот во Мајами, и победил во два сета, а потоа во следното коло бил поразен од Фернандо Гонсалес. Тој бил еден од шесте играчи кои го победиле Федерер во годината (заедно со Тим Хенман, Алберт Коста, Густаво Куертен, Доминик Хрбати, и Томаш Бердих). Тој го пропуштил поголемиот дел од сезоната на земја, вклучувајќи го и Отвореното првенство на Франција, поради напукнување на зглобот на левата нога.
Надал, на 18 години и 6 месеци, станал најмладиот играч кој забележал победа во финалето на Дејвис Купот за победничката држава. Со победата над Светскиот бр. 2 Енди Родик, тој помогнал Шпанија да ја освои титулата во Дејвис Купот во 2004 со вкупна победа од 3–2 над тимот на САД. Тој ја завршил годината рангиран на 51. место на АТП листата.
2005: Прва Гренд слем титула На Отвореното првенство на Австралија, Надал како и минатата година бил поразен од Лејтон Хјуит кој овојпат стигнал до финалето. Два месеци подоцна, Надал стигнал до финалето на Мастерсот во Мајами, но и покрај тоа што бил на само два бода од победа во три сета, тој на крајот во пет сета загубил од Роџер Федерер. Овие два настапи биле клучни за пробивот на Надал.
Тој бил доминантен во пролетната сезона на Земјина подлога и остварил 24 победи по ред, со што го соборил рекордот на Андре Агаси во победи по ред од страна на тинејџер. Надал го освоил турнирот во Барселона и го победил Гуљелмо Корија во финалињата на Мастерс турнирите во Монте Карло и Рим. Со овие победи, тој се искачил на 5. место на АТП листата и станал еден од најголемите фаворити на престојното Отворено првенство на Франција. На неговиот 19. роденден, во полуфиналето на Отвореното првенство на Франција, Надал го победил Федерер и го обезбедил своето прво Гренд слем финале во кариерата. Тој бил еден од четирите играчи кои успеале да го победат Федерер годината (останатите се Марат Сафин, Ришар Гаске, и Давид Налбандијан). Два дена подоцна, тој го победил Маријано Пуерта во финалето, и станал вториот играч по Матс Виландер кој триумфирал уште на првиот настап. Тој исто така станал првиот тинејџер кој освоил Гренд слем титула по Пит Сампрас кој тоа го сторил на Отвореното првенство на САД во 1990 на 19 години. Со освојувањето на својата прва Гренд слем титула, тој се искачил на 3. место на АТП листата.
Три дена по неговата победа во Париз, неговата серија од 24 победи по ред била прекината на турнирот во Хале на тревна подлога, каде тој бил поразен од германецот Александар Васке. На Вимблдон, тој уште во второто коло бил поразен од Жил Милер.
Веднаш по Вимблдон, Надал го освоил турнирот во Баштад победувајќи го во финалето Томаш Бердих. Следната недела, Надал повторно освоил титула, остварувајќи победа над Гастон Гаудио во финалето на Отвореното првенство на Штутгарт. Тој ја зголемил својата победничка низа на 16 натпревари и ја освоил титулата на следниот турнир на кој настапил, на Роџерс Купот во Монтреал, каде во финалето бил подобар од Андре Агаси. Со освоените три титули, тој се искачил на 2. место на АТП листата.
Надал не успеал да дојде и до четвртата титула по ред, и на следниот турнир, на Мастерсот во Синсинати загубил уште во првото коло од Томаш Бердих. На Отвореното првенство на САД, Надал бил втор носител, но бил изненаден во третото коло од Џејмс Блејк во четири сета.
Во септември, Надал бил подобар од Корија во финалето на Отвореното првенство на Кина и победил на двата свои натпревари во Девис Купот против Италија. Следниот месец, тој стигнал до четвртата АТП Мастерс титула во годината, победувајќи го Иван Љубичиќ во финалето на Мастерсот во Мадрид. Тој го повредил стапалото на ногата и бил приморан да се откаже од последниот турнир во сезоната, Тенискиот Мастерс Куп.
Надал исто како Федерер освоил единаесет титули од кои четири на Мастерс турнирите во годината. Надал го соборил претходниот тинејџерски рекорд на Матс Виландер од девет титули во 1983. Осум тиули тој освоил на земја, а останатите три на тврда подлога. Во сезоната тој имал вкупно 79 победи, две помалку од Федерер. Тој ја освоил наградата „Golden Bagel“ за најмногу добиени сетови без изгубен гем, вкупно единаесет. Исто така, тој станал најдобро пласираниот шпански тенисер на крајот на една сезона и ја добил АТП наградата за играч со најголем напредок.
2006: Втора титула на Ролан Гарос и финале на Вимблдон На почетокот на сезоната, Надал го пропуштил Отвореното првенство на Австралија поради повреда на стапалото. Во февруари, тој стигнал до полуфиналето на својот прв турнир во сезоната, турнирот во Марсеј. Две недели подоцна, тој му го нанел првиот пораз на Федерер во сезоната, во финалето на турнирот во Дубаи (во 2006, Надал и Енди Мари биле единствените кои го победиле Федерер). Надал пролетната сезона на тврда подлога ја завршил на Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами. На првиот, бил поразен во полуфиналето од Џејмс Блејк, а во Мајами уште на стартот бил изненаден од Карлос Моја.
На европската земја, Надал ги освоил сите четири турнири на кои настапил, победувајќи на вкупно 24 натпревари по ред. Тој го победил Федерер во финалето на Мастерсот во Монте Карло во четири сета. Следната недела, тој забележал победа над Томи Робредо во финалето на Отвореното првенство на Барселона. По една недела пауза, Надал го освоил Мастерсот во Рим, победувајќи го Федерер во пет сета, во натпревар во кој спасил две меч топки. Со оваа титула, тој се изедначил со тинејџерскиот рекорд на Бјорн Борг од 16 освоени титули. Надал го соборил 29 години стариот рекорд на Гуљелмо Вилас од 53 победи по ред на земја со победата во првото коло на Отвореното првенство на Франција. Надал повторно стигнал до финалето во Париз но овојпат за противник го имал Роџер Федерер. Надал успеал да ја освои својата втора Гренд слем титула на Отвореното првенство на Франција и станал првиот играч кој го победил Федерер во финале на Гренд слем.