Огражден — планина во Вардарска и Пиринска Македонија. Се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија, северно од планината Беласица, североисточно од Струмица и северозападно од Петрич. Највисок врв на планината е Огражденец, висок 1.744 метри, кој се наоѓа во Македонија.
По оваа планина е наречен и заливот Огражден на островот Ливингстон на Јужните Шетландски Острови на Антарктикот.
Географија
Планината се протега меѓу реката Турија на северозапад, Безгаштевска, Преведенска и Дворишка Река на север и Струмичко-радовишката депресија на југ, а на исток продолжува на територијата на Бугарија до долината на Струма. До границата со Бугарија, планината е долга 25 километри и со површина од 269,6 км2.
Главното било e доста расчленето, но генерално има ист „динарски“ правец на протегање како и самата планина. Од централниот највисок дел на Огражден од истоимениот врв со височина од 1.744 метри, планината се разгранува на два крака: едниот кон југоисток, а другиот кон северозапад.
Планинските страни се наведнати кон југ-југозапад, а водотеците се предиспонирани со раседни линии. Преку еден таков расед, Штучката Река се пробила кон североисток и навлегла длабоко во средишниот дел на Огражден.
Геологија
Огражден претставува типична хорстна планина, дел од Осоговско-беласичката група планини.
Во геолошки поглед, планината е составена од: гнајсеви, микашисти, кристалести шкрилци и гранити. Огражденскиот гранитоиден масив зафаќа површина од околу 150 км2 и од сите страни е опколен со дволискунски гнајсеви. Доминантни геоморфолошки процеси се флувиоденудациските, со бројни, често длабоко всечени и тектонски предиспонирани долини.
Реките што се спуштаат од Огражден имаат голем надолжен пад, со чести мали водопади и плавини во подножјето. На јужните падини се развиени силни денудациски процеси, со најразлични форми во гранитоидните карпи. Геоморфолошки вредности: флувијален релјеф (речни долини, често тектонски предиспонирани, длабоки, со голем пад, посебно кон јужната страна, водопади, плавини во подножјето), денудациски релјеф (остенци со најразличен облик, изданоци, мали денудациски форми).
Авантуристички парк
На Огражден е предвидена изградба на авантуристички парк, детски игралишта и велосипедски парк, како дел од развојот на повеќе туристички места на планината по иницијатива на Центарот за развој на Југоисточниот Регион.
Галерија
Поврзано Струмичко Поле Црвено Поле Беласица Огражден (залив)
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Планини во Македонија Категорија:Планини во Пиринска Македонија Категорија:Географија на Струмица Категорија:Македонско-бугарска граница Категорија:Меѓународни планини во Европа