Перо Антиќ (р. во Скопје) — македонски тековен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија и поранешен кошаркар и член на Македонската кошаркарска репрезентација.

Тој е првиот и единствениот досега македонски кошаркар што играл во НБА-лигата, каде две години го носел дресот на Атланта хокс.

Животопис Антиќ почнал да игра кошарка на 11-годишна возраст, заедно со неговиот брат Александар во младинските школи на "КК Работнички", како и во кадетската и јуниорската репрезентација на Македонија. На возраст од 16 години го направил своето деби во првиот тим на клубот. На 17 години, отишол на колеџ во САД.

Во април 2015 година, Антиќ заедно со својот соиграч Табо Сефолоша биле уапсени рано наутро во њујоршкиот клуб „1 ОАК“, бидејќи ја попречувале полицијата да изврши увид во инцидентот во кој кошаркарот на Индијана Пејсерс Крис Коупленд и неговата сопруга биле нападнати и расечени со нож.„Перо Антиќ уапсен во Њујорк“, Дневник, година XIX, број 5738, четврток-петок, 9-10 април 2015, стр. 27. Професионална кариера Домашна кариера Својата професионална кариера, Антиќ ја започнал во "КК Работнички" од Скопје во 1999 година.

Меѓународна кариера Од 2001 до 2005 година, Антиќ настапувал за „АЕК“ од Атина. Со овој тим во 2001 го освоил Купот на Грција, а во 2002 година, по цели 15 години, клубот станал шампион на Грција). Од 2005 до 2007 година, тој настапувал за „КК Црвена Ѕвезда“ и во 2006 година го освоил Купот на СЦГ. Потоа, кариерата ја продолжил во „КК Лукоил Академик“ од Софија, каде играл од 2007 до 2008 година. Со овој клуб, Антиќ ги освоил купот и првенството на Бугарија, а тој и во двете натпреварувања ги освоил сите награди (МВП, најдобар стрелец и најдобар скокач). Така, тој бил најкорисниот играч на сезоната 2007/2008 во Бугарија, каде имал просек од 23,3 поени и доминантни 9,3 скокови по натпревар. Од 2008 до 2010 година, Антиќ играл за „КК Локомотив“ од Ростов на Дон, а во сезоната 2010 година се вратил во „КК Лукoил Академик“ од Софија и со тој клуб пак ги освоил првенството и купот на Бугарија, а Антиќ бил прогласен за МВП). Истата година, Антиќ потпишал за „КК Спартак“ од Санкт Петербург и со негова помош, клубот по долги години го освоил Купот на Русија, а Антиќ бил прогласен за МВП.

Во 2011 година, непосредно по освојувањето на четвртото место на Евробаскетот во Литванија, Перо заминал во грчкиот клуб „Олимпијакос“ од Атина. Во 2012 година, со овој клуб, Антиќ го освоил грчкото првенство, а станал и шампион на Европа. Следната година, "Олимпијакос" по вторпат станал европски шампион. Веднаш по тоа, Антиќ, како слободен играч, потпишал договор со клубот од НБА „Атланта Хокс“, со што станал првиот Македонец кој заиграл во НБА.

Летото 2015 година, Антиќ ја напуштил екипата на „Атланта“ и потпишал договор со „Фенербахче“. Според истражувањето на американскиот статистичар Марк Поркаро и турскиот новинар Ферсу Јајабејоглу, Антиќ се нашол на 32. место на најплатените кошаркари во Европа, со годишна плата од 1,2 милиони евра.„Перо Антиќ меѓу најскапите играчи во Евролигата“, Дневник, година XIX, број 5874, петок, 25 септември 2015, стр. 20.

Настапи во НБА Сезона 2013-2014 Непосредно по потпишувањето за „Атланта хокс“, Антиќ не добивал можност да заигра. Својот прв настап за „Атланта“ го имал дури во ноември, на натпреварот против „Њујорк Никс“, одигран на домашен терен во „Арената Филипс“, на кој Антиќ одиграл 12 минути и 55 секунди при што постигнал 4 поени, а имал 5 скокови и 2 асистенции. Сепак, на крајот, „Атланта“ го загубила мечот со 91-95.„Антиќ заигра, Хокс загуби од Никс“, Дневник, год. XVII, бр. 5316, петок, 15 ноември 2013, стр. 27.

Подоцна, по повредата на центарот на „Атланта“, Ал Хорфорд, Антиќ добивал поголема минутажа и играл сè подобро, добивајќи место во првата петорка на „Атланта“. Така, на мечот против „Индијана пејсерс“, Антиќ постигнал 16 бода, а на мечот против „Мајами хит“ и рекордни 17 бода. Најпосле, на мечот против „Орландо меџик“, одигран на гостински терен, Антиќ поминал дури 33 минути на паркетот и го забележал првиот „дабл-дабл“ во НБА, остварувајќи 10 поени, 12 скокови и една асистенција. Притоа, Антиќ ги постигнал решавачките четири бода во победата против „Орландо“ (натпреварот завршил со резултат од 112-109 за „Атланта“).„Антиќ со дабл-дабл притиска за ол стар-викендот“, Дневник, год. XVIII, бр. 5373, петок, 24 јануари 2014, стр. 26.

Во првиот дел од сезоната, заклучно со јануари 2014 година, Антиќ покажал солидни остварувања на паркетот: од вкупно 29 настапи во лигата, во просек, постигнувал по 5,8 поени, 3,4 скокови и 1 асистенција по натпревар, а просечно играл 15,5 минути по натпревар. Само во јануари, кога заиграл во првата петорка на „Атланта“, неговиот просек изнесувал 11,4 бода, 5,9 скока и 1 асистенција по натпревар, со прецизност од 49,2% од игра, 43,2% од линијата за три бода и 78,6% од слободни фрлања. Во конкуренција на дебитантите во НБА, Антиќ бил трет најпрецизен шутер на тројки, десетти најдобар скокач и дванаесеттиот најдобар стрелец. Како резултат на одличните игри, Антиќ бил избран за настап на „ол-стар викендот“ (NBA all star weekend), во рамките на таканаречениот „предизвик на ѕвездите во подем“ (rising stars challenge), на кој настапуваат најдобрите дебитанти во НБА лигата и играчите кои втора сезона настапуваат во НБА.„Антиќ лансиран меѓу НБА-ѕвездите“, Дневник, год. XVIII, бр. 5379, петок, 31 јануари 2014, стр. 26.

На почетокот на март 2014 година, по пауза од 17 натпревари, поради повреда на глуждот, Антиќ повторно заиграл за „Атланта хокс“ на гостувањето против „Портланд трејлблејзерс“. Притоа, Антиќ влегол во игра од клупата и на теренот поминал 16 минути, постигнувајќи 10 поени и 4 скокови. Во однос на прецизноста, Антиќ погодил двапати од линијата за слободни фрлања (од два обида), постигнал две тројки (од 4 обида) и еднаш погодил од поле (од еден обид). Сепак, и покрај добрата игра на Антиќ, неговиот тим бил поразен со 78:102.„Антиќ единствена светла точка кај Атланта“, Дневник, година XVIII, број 5409, петок, 7 март 2014, стр. 25. Меѓутоа, по само неколку настапи, кон крајот на март, на натпреварот против „Минесота тимбервулфс“, по еден успешен шут за тројка, Антиќ ја нагазил ногата на својот тренер и повторно се повредил.„Антиќ го шина глуждот“, Дневник, година XVIII, број 5427, петок, 28 март 2014, стр. 29.

Сезона 2014-2015 Втората сезона во НБА-лигата, Антиќ ја започнал во мечот против „Индијана Пејсерс“, кој неговиот тим го добил со 102-92. Притоа, Антиќ одиграл 20 минути и постигнал седум поени и имал еден скок и една асистенција.„Антиќ стартува во сезоната со 7 бода против Пејсерс“, Дневник, година XVIII, број 5607, понеделник, 3 ноември 2014, стр. 22. Во следното коло, во натпреварот одигран на гости против актуелниот шампион „Сан Антонио Спарс“, тимот на Антиќ загубил со 92-94, а тој одиграл нецели 16 минути, постигнувајќи седум поени (од три обиди од игра) и имал три скока.„Атланта поразена од Спарс“, Дневник, година XVIII, број 5611, петок, 7 ноември 2014, стр. 27. Потоа, на натпреварот против „Њујорк никс“, одигран во Атланта, Антиќ играл 17 минути при што постигнал само два поени, а имал и два скока.„Атланта подобра од Њујорк“, Дневник, година XVIII, број 5613, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 22. Во осмото коло, Антиќ настапил во натпреварот против „Јута џез“ во кој неговиот тим победил со 100-97, а Антиќ одиграл 20 минути, постигнувајќи 6 поени и 5 скока.„Перо Антиќ со Атланта влезе во победничка серија“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 14 ноември 2014, стр. 25. Во 20. коло, на натпреварот против „Индијана“, одигран на гостински терен во Индијанаполис, тимот на „Атланта“ ја остварил седмата победа во низа (108-92), а Антиќ остварил учинок од седум поени, два скока и една асистенција, поминувајќи 15 минути на паркетот.„Антиќ и Атланта седум меча не знаат за пораз“, Дневник, година XVIII, број 5638, среда, 10 декември 2014, стр. 22. Потоа, „Атланта“ ја остварил и осмата победа по ред, совладувајќи го тимот на „Филаделфија“ со 95-79, а Антиќ играл 12 минути, постигнувајќи пет поени (од кои, една тројка).„Атланта и Антиќ не попуштаат со победничкиот ритам“, Дневник, година XVIII, број 5640, петок, 12 декември 2014, стр. 26.

По пауза од три натпревари, поради грип, Антиќ се вратил во тимот на „Атланта“ на гостувањето против „Кливленд кавалирс“, кога „Атланта“ победила со 127-98, при што Антиќ играл 13 минути и постигнал 11 поени, а имал и четири скока и две асистенции.„Антиќ се врати во тимот, Атланта го суреди Кливленд“, Дневник, година XVIII, број 5646, петок, 19 декември 2014, стр. 26. Во јануари 2015 година, Антиќ настапил во почетната петорка на натпреварот на „Атланта“ против „Бостон селтикс“, во кој неговиот тим победил со 105-91, што претставувало десетта победа во низа. Притоа, Антиќ одиграл 24 минути и имал учинок од шест поени, пет скока, четири украдени топки и една асистенција.„Атланта и Антиќ во Бостон стасаа до 10. триумф во низа“, Дневник, година XIX, број 5668, петок, 16 јануари 2015, стр. 20. Малку подоцна, со победата против „Индијана“ од 110-91, „Атланта“ поставила нов клупски рекорд, остварувајќи ја 14. победа по ред, во која значаен придонес имал и Антиќ, со своите 12 поени, четири скока и две асистенции, играјќи 18 минути за својот тим.„Атланта со рекордна победничка низа, Антиќ со 12 бода“, Дневник, година XIX, број 5673, петок, 23 јануари 2015, стр. 24.

Во февруари 2015 година, на домашен терен, „Атланта“ го победила тимот на „Њу Орлеанс“ со 105-96, а Антиќ постигнал девет поени и имал шест скока.„Атланта им се врати на победите, Антиќ постигна 9 бода“, Дневник, година XIX, број 5685, петок, 6 февруари 2015, стр. 23. Во следното коло, на гостувањето против „Мемфис Гризлис“, тимот на „Атланта“ загубил со 88-94, а Антиќ играл 15 минути при што остварил учинок од два поени и два скока.„Десетти пораз сезонава за Атланта“, Дневник, година XIX, број 5688, вторник, 10 февруари 2015, стр. 22. Потоа, „Атланта“ загубила на гостувањето против „Бостон селтикс“ со 88-89, а Антиќ имал скромен учинок од едне поен и четири скока.„Бостон со звукот на сирената ја совлада Атланта“, Дневник, година XIX, број 5691, петок, 13 февруари 2015, стр. 22. На гостински терен, „Атланта“ го победила и тимот на „Милвоки бакс“ со 97-86, а Антиќ одиграл 13 минути при што постигнал три поени (сите од слободни фрлања) и имал три скока и една асистенција.„Три коша на Антиќ во триумфот над Милвоки“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 18. Подоцна, на натпреварот против „Далас маверикс“, во кој „Атланта“ победила со 104-87, Антиќ имал два скока и една асистенција, но не успеал да постигне кош, бидејќи бил непрецизен од трите обиди за „тројка“.„Атланта без проблем против Далас, Антиќ остана без бодови“, Дневник, петок, 27 февруари 2015, стр. 23.„Антиќ без бод против Далас“, Утрински весник, година XVI, број 4721, петок, 27 февруари 2015, стр. 24.