Индонезија, службено Република Индонезија, е држава која се наоѓа во Југозападна Азија и Океанија. Индонезија е составена од 17 508 острови и 38 покраини. Со над 260 милиони жители, Индонезија е четвртата најнаселена држава во светот и е земја со најголем број на муслимани. Индонезија е република, со законодавно тело и претседател кои се директно избрани. Главен град на Индонезија е Џакарта. Индонезија копнено се граничи со Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Малезија. Други соседни земји се Сингапур, Филипини, Австралија и индиските Андамански и Никобарски острови. Индонезија е една од земјите-основачи на ASEAN (Асоцијација на земји од југоисточна Азија) и е членка на големите економии Г-20. Индонезиската економија е осумнаесетта во светот според номинален БДП и петнаесетта најголема во светот според паритетот на куповната моќ.

Индонезискиот архипелаг е важен трговски регион уште од 7 век кога империјата Шривиџаја а потоа и Маџапхит тргувале со Кина и Индија. Локалните владетели постепено примиле од странските културни, религиски и политички модели од раните векови и со тоа се развиле Будистичките и Хиндуистичките кралства. Историјата на Индонезија била под влијание на странските сили кои биле привлечени од природните ресурси на земјата. Муслиманските трговци го донеле исламот, а Европејците христијанството и тие меѓусебно војувале за да ја монополизираат трговијата на Островот на зачините Маику за време на големите географски откритија. По холандскиот колонијализам кој траеел три и пол века, Индонезија ја обезбедила својата независност по Втората светска војна. Оттогаш индонезиската историја е турбулентна, со предизвици поставени од природни катастрофи, корупција, сепаратизам, процес на демократизација и периоди на брзи економски промени.

Низ своите бројни острови, Индонезија има различни етнички, лингвистички и религиозни групи. Јаванската етничка група е најголема и најдоминантна во политиката. Индонезија има развиено заеднички идентитет дефиниран со национален јазик, етничка разновидност, религиозен плурализам со муслиманско мнозинство и историја на колонијализам и отпор против колонијализмот. Националното мото на Индонезија „Bhinneka Tunggal Ika“ („единство во различноста“ или буквално „многу, а сепак едно“) јасно ја изразува разновидноста која ја обликува оваа држава. И покрај големиот број на жители и густо населените региони, Индонезија има огромни области со дивина благодарение на кои таа се наоѓа на второто место во светот со најголем степен на биоразновидност. Земјата е богато обдарена со природни ресурси, но сепак сиромаштијата останува широко распространета во современа Индонезија.

Потекло на поимот Името Индонезија потекнува од латинскиот збор Indus и грчкиот збор nesos кои значат остров. Името датира од 18 век уште пред формирањето на независна Индонезија. Во 1850 година, Џорџ Винсдор Ерл, англиски етнолог, ги предложи термините Indunesians и Malayunesians (кој тој го претпочиташе) за жителите на Индискиот архипелаг или Малајскиот архипелаг. Во истата публикација, Џејмс Ричардсон Логан, ученик на Ерл го искористи терминот Indonesia како синоним за индискиот архипелаг. Сепак, холандските професори кои објавувале публикации во Источните Инди не сакале да го користат терминот Индонезија. Наместо тоа тие ги користеле термините Малајски архипелаг, Холандските Источни Инди, познати како Инди, Истокот па дури и Инсулинде.

Од 1900 година, името Индонезија стана поупотребувано во професорските кругови надвор од Холандија и индонезиските националистички групи го усвоија името како политички израз. Адолф Бастијан од универзитетот од Берлин, го популаризираше името преку неговата книга „Indonesien oder die Inseln des Malayischen Archipels, 1884-1894“. Првиот индонезиски научник кој го употребил ова име е Suwardi Suryaningrat ( Ki Hajar Dewantara), кога основал новинарско биро во Холандија во 1913 година, наречено Indonesisch Pers-bureau.

Историја Фосилизираните остатоци од Homo erectus, познати како јавански човек, укажуваат дека Индонезискиот архипелаг е населен од пред два милиони до 500 000 години. Homo sapiens го населил регионот пред околу 45000 години. Австронезиските народи, кои го сочинуваат мнозинството од модерната популација, мигрирале во југоисточна Азија од Тајван. Тие пристигнале во Индонезија во 2000 година п.н.е и како што се ширеле низ архипелагот ги ограничиле староседелските Меланезиски народи во далечните источни региони. Идеалните земјоделски услови и усовршувањето на одгледувањето на ориз во 8 век п.н.е., овозможило развивање на селата, градовите и малите кралства до првиот век од нашата ера. Стратешката позиција на Индонезија поттикна меѓуостровска и меѓународна трговија, вклучувајќи и врски со индиските кралства и Кина кои беа основани неколку века пред нашата ера. Оттогаш трговијата суштински ја обликува индонезиската историја.

Од 7 век од нашата ера, се разви моќното поморско царство Шривиџаја како резултат на трговијата и влијанието од хиндуизмот и будизмот кои кои беа пренесени во Индонезија преку трговијата. Од 8 до 10 век од нашата ера, земјоделската будистичка династија Саилендра и хиндуистичката династија Матарам напредуваа и се намалија во внатрешноста на Јава, оставајќи големи религиозни споменици како што се Боробудур на династијата Саилендра и Прамбанан на династијата Матарам. Хиндуистичкото кралство Маџапхит се создало во источна Јава во доцниот 13 век и под водство на Гаџах Мада, нејзиното влијание се проширило речиси низ цела Индонезија.

Иако муслиманските трговци прво патувале преку југоисточна Азија во раниот исламски период, најраните докази на исламизирано население во Индонезија датираат од 16 век во северна Суматра. Другите индонезиски области постепено го прифатија исламот кој стана доминантна религија во Јава и Суматра кон крајот на 16 век. Претежно исламот се измеша со постоечките културни и религиозни влијанија, кои ја обликуваа доминантната форма на исламот во Индонезија, особено во Јава. Првите Европејци пристигнаа во 1512 година, кога португалски трговци, предводени од Франсиско Сераун, бараа да ги монополизираат изворите на морско оревче, каранфилче и црн бибер во Малуку. По нив дојдоа и холандски и британски трговци. Во 1602 година Холандија ја формираше холандската источно-индиска компанија и со тоа стана доминантна европска сила. Холандската источно-индиска компанија официјално престана да работи во 1800 година поради стечај и владата на Холандија ги прогласи Холандските Источни Инди за национализирана колонија.

Речиси целиот колонијален период, холандската контрола врз архипелагот беше слаба надвор од крајбрежните упоришта. Само на почетокот на 20 век холандската доминација се прошири до границите на она што сега претставува Индонезија. И покрај големите внатрешни политички, социјални и секташки поделби за време на Националната Револуција, индонезијците најдоа единство во нивната борба за независност. Јапонската окупација за време на Втората светска војна го прекина холандското владеење и го охрабри претходно потиснатото индонезиско движење за независност. Два дена по капитулацијата на Јапонија, во август 1945 година, Сукарно, влијателен националистички водач, прогласи независност и беше назначен за претседател. Холандија се обиде повторно да го воспостави своето владеење во Индонезија и вооружената и дипломатска борба заврши во декември 1949 година кога поради големиот меѓународен притисок, Холандија официјално ја призна Индонезија како независна држава (со исклучок на холандската територија Западна Нова Гвинеја која беше вклучена во Индонезија со договорот од Њујорк во 1962 година, и со Актот на слободен избор од 1969 година по наредба од ОН).

Сукарно го насочи своето владеење од демократија кон авторитаризам, и ја одржуваше својата моќ преку балансирање на противничките сили на војската и на Комунистичката партија на Индонезија. Обидот за државен удар на 30 септември 1965 година беше пресретнат од страна на армијата која водеше насилна анти-комунистичка чистка и Комунистичката партија на Индонезија беше обвинета за државен удар и со тоа ефикасно беше уништена. Помеѓу 500 000 и еден милион луѓе беа убиени. Водачот на војската, генерал Сухарто го надмудри политички ослабениот Сукарно, и официјално беше назначен за претседател во март 1968 година. Неговото управување на државата според новиот поредок го поддржа владата на САД, и ги охрабри директните странски инвестиции во Индонезија што претставуваше главен фактор за значителниот економски раст во наредните три децении. Сепак, авторитарниот „Нов поредок“ беше обвинуван за корупција и потиснување на политичката опозиција.

Индонезија беше најтешко погодена земја за време на Азиската финансиска криза во деведесеттите години. Ова го зголеми незадоволството од новиот поредок и доведе до протести низ целата држава. Сухарто поднесе оставка на 21 мај 1998 година. Во 1999 година Источен Тимор гласаше да се оддели од Индонезија по 25 годишната воена окупација која беше меѓународно осудена поради репресијата на жителите од Источен Тимор. По оставката на Сухарто, регионалната автономна програма ги зајакна демократските процеси и во 2004 година се случија првите директни претседателски избори. Политичката и економската нестабилност, социјалните немири, корупцијата и тероризмот го успоруваа процесот, но сепак, во последните пет години економијата е зајакната. Иако односите помеѓу различни религиски и етнички групи се во голема мера хармонични, се појави секташко незадоволство и насилство. Во 2005 година во Ачех се постигна политички договор за решавање на вооружениот сепаратистички конфликт.

Владеење и политика

Индонезија е република со претседателски систем. Како унитарна држава, моќта е концентрирана на централното владеење. По оставката на претседателот Сухарто во 1998 година, индонезиските политички и владеачки структури претрпеа големи реформи. Четири амандмани од уставот на Индонезија од 1945 година ги реорганизираа извршната, судската и законодавната гранка. Претседателот на Индонезија е шеф на државата, врховен командант на националните индонезиски вооружени сили и е главен раководител на државното владеење, политиката и надворешните работи. Претседателот назначува совет на министри кои не мора да бидат избрани членови на законодавното тело. Претседателските избори во 2004 година беа првите избори во кои граѓаните директно ги избраа претседателот и потпретседателот. Претседателот може да отслужи најмногу два последователни мандати кои траат по пет години.

Највисокото претставничко тело на национално ниво е Народното советодавно собрание. Неговите главни должности се поддржување и измени во уставот, свечено назначување на претседателот, официјализирање на главните црти на државната политика. Собранието има моќ да го отповика претседателот. Народното советодавно собрание е поделено на два дома: Собрание на народни претставници кој има 560 членови и Собрание на регионални претставници кој има 132 членови. Собранието на народни претставници донесува закони и ја надгледува извршната власт, партиските членови се избираат со петгодишен мандат преку пропорционална застапеност. Реформите од 1998 година значително ја зголемија улогата на Собранието на народни претставници во националното владеење. Собранието на регионални претставници претставува нов дом за прашања од регионалното управување.