Ристо Трифуновски Брезјанин (Брезно, Tетовско, 1907 – Скопје, 1968) — македонски инфектолог.
Животопис Ристо Брезјанин бил роден во тетовското село Брезно во 1907 година. Тој бил најстариот од трите браќа Ристо, Илија и Диме. Неговиот брат Илија Трифуновски (1913-1986) имал завршено Правен факултет во Белград и бил Републички Јавен обвинител во Социјалистичка Република Македонија а подоцна и еден од првите адвокати во Тетово. Диме Трифуновски, најмалиот брат, имал завршено кројачка академија во Париз и работел како дворски шнајдер при кралот на Кралевството на Југославија. За жал, Диме починал многу млад. Семејството на Ристо Брезјанин своите корени ги влечел од Лазарополе. Нивниот предок Јорго влегол во судир со Османлиите. Имено, се обиделе да му ги грабнат ќерките, при што Јорго во одбрана ги убил Османлиите, го запалил целиот свој имот во Лазарополе и потоа избегал на север сè до селото Теарце. Подоцна, и тука го пронашле Турците, поради што Јорго со семејството се преселил на падините на Шар Планина, во сливот на Теаречка Бистрица. Тука Јорго го оставил своето семејство а тој продолжил да бега од османлиската војска, притоа криејќи се по густите шуми на шарпланинскиот предел. Бил опеан и во народна песна „Доле Јорго, капа ти се гледа“. Семејството Јорговци е основоположник на селото Брезно, за кое било велено „Брезно - комитско гнездо“. При крајот на XIX век, семејството на Ристо се преселило во Тетово каде и ден-денес постои т.н. брезјанско маало. Ристо Брезјанин толку многу се гордеел со своите корени, што и своето презиме го променил од Трифуновски во Брезјанин. Медицински факултет завршил во Букурешт, Романија во 1934 година. Како општ лекар работел во Тетово. Подоцна доаѓа во Скопје и од 1944 година бил лекар на Интерното одделение на Земската болница. Го основал Инфективното одделение, кое подоцна прераснaлo во Инфективна клиника при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1948 година, тој го добил звањето спец. инфектолог, а во 1958 година, примариус. Напишал повеќе учебници за Средното медицинско училиште, каде што предавал, и околу 70 труда за разни области на медицината и здравствената култура во Македонија, а во ракопис го оставил делото „Историја на медицината во Македонија“.„Acta Historica medicinae, pharmaciae, veterinae“, Anno IX, 1-2, MCMLXIX, 29
Наводи
Категорија:Луѓе од Брезно Категорија:Починати во Скопје Категорија:Македонски лекари Категорија:Југословенски лекари Категорија:Луѓе со потекло од Лазарополе