Инвестиционен фонд (англиски: investment fund) е финансиска институција или институционална организација, која врши прибирање на парични средства од повеќе вложувачи и истите ги вложува во краткорочни и долгорочни инвестиции, односно во различни финансиски облици. Суштината на функционирањето на инвестиционите фондови се состои во прибирање на капитал по пат на продажба на неговите акции или документи за удел на населението. Така формираниот финансиски потенцијал потоа фондовите го пласираат во акции и обврзници на трговските друштва и на државата.
Поим на инвестициски фонд Инвестициски фонд претставува институција за колективно инвестирање т.е професионално управувана форми на инвестирање, кој се основа поради здружување на парични средства од физички и/или правни лица, кои потоа се вложуваат на пазарот на капитал во најразлични хартии од вредност: акции, обврзници, записи и сл. Со собраните средства во фондот управува друштво за управување со инвестициски фондови. Имотот на инвестицискиот фонд е во сопственост на неговите членови пропорционално на нивното учество во фондот и тој одвоен од друштвото за управување со инвестициски фондови.
Инвестиционите фондови во пазарните економии играат клучна улога во динамизирањето на пазарите на капитал и на економскиот развој во целина. Тие ја збогатуваат институционалната структура на финансискиот сектор, го потикнуваат штедењето и ефикасноста на инвестициите, по пат на вложувања во најпрофитабилни хартии од вредност. Економиите во транзиција, иако соочени со субоптимални почетни услови, ги прифатија инвестиционите фондови во прилагоден облик, ппри што не изостанаа позитивните ефекти врз нивните финансиски системи, приватизацијата, зголемување на конкурентноста и атрактивноста за странските инвестиции. Така, во 1995, само шест години по основањето на првиот инвестиционен фонд во Унгарија, бројот на фондовите во регионот на Источна Европа нарасна на 80, со портфолио вредност 4,4 милијарди долари.
Првиот национален инвестиционен фонд во земјите во развој бил основан во Јужна Кореја во 1984 година, по што следела експлозија од ваков вид финансиски институции за колективно вложување. Така, според податоците на Меѓународната финансиска корпорација, инвестиционите фондови во земјите во развој денес управуваат со портфолија кои надминуваат 100 милијарди долари.
За правилно разбирање на суштината на овие финансиски институции, потребно е накусо да се изложат нивните предности. Така, концептот на инвестициониот фонд како репрезент на т.н. колективни инвестициони шеми, почива на следниве аргументи: прибирање и концентрација на мали парични суми од страна на голем број лица, што резултира со намалување на поединечниот ризик од вложувањето, и поголема вкупна ефикасност од вложувањето заради фактот што управувањето со средствата се доверува на професионален, високо компетентен управувачки тим.
Значи, суштината на функционирањето на инвестиционите фондови се состои во прибирање на капитал по пат на продажба на неговите акции или документи за удел, на населението. Така формираниот финансиски потенцијал потоа фондовите го пласираат во акции и обврзници на трговските друштва и на државата. Всушност, тие вршат посредување меѓу секторот на населението, како инвеститор, и трговските друштва и државата, како издавачи на хартии од вредност, со цел да го олеснат процесот на купување на хартии од вредност од страна на населението.Factsheet: Investment funds, The Guardian, 15 април 2009.
Инвестициониот фонд има можност за диверзификација на своето портфолио, преку вложување во хартии од вредност на компании со различна ризичност, во различни стопански гранки, географски региони и слично, во зависност од целите на секој одделен фонд. Фактот што управувањето со средствата на фондот е во рацете на професионални менаџери на фондови, значително го ублажува ризикот од носење погрешни инвестициони одлуки, и ја зголемува атрактивноста за купување хартии од вредност од страна на обичните луѓе.
Друштвата за управување со инвестициони фондови и нивните менаџери секојдневно работат со огромни суми на парични средства, што создава можност за злоупотреби од различен вид и карактер. Оттаму, законската регулатива со едновремено воспоставување ефикасни механизми на контрола и супервизија на нивната работа, е од првостепено значење за стекнување и одржување доверба на широките слоеви, потенцијални учесници/штедачи во нивната стабилност и бонитет, како и во компетентноста и чесноста на членовите на менаџерските тимови.
Предности на инвестирањето преку инвестициски фондови Инвестирањето со посредство на инвестициските фондови има низа предности во однос на директното инвестирање во хартии од врендост, како што се:broker.com.mk (пристапено на 20.1.2016) Дисперзија на ризикот – фондовите вложуваат во голем број различни хартии од вредност, со што се намалува ризикот при инвестирањето. Професионално управување – поединечните инвеститори ретко имаат време, знаење или желба секојдневно да анализираат голем број различни хартии од вредност и самостојно да донесат одлука за инвестирање. Од друга страна, инвестиционите фондови располагаат со стручен и искусен кадар кој секојдневно го анализира тргувањето на пазарите за хартии од вредност. Всушност, најголемата разлика меѓу поединечните и институционалните инвеститори лежи во експертизата. Ликвидност – сите вложувачи во отворените инвестициони фондови можат во секој момент да поднесат барање за продажба на својот удел во фондот. Наспроти тоа, при директно инвестирање во акции, секогаш постои ризик сопственикот да не може да ги продадете акциите поради малата ликвидност на пазарот за тие акции. Едноставност при вложувањето – инвестициските фондови овозможуваат едноставен начин на вложување (преку електронско банкарство, преку траен налог и сл.). Притоа, во фондовите може да се вложуваат мали парични износи со кои, често, не може да се купи некој финансиски инструмент на пазарто. На пример, минималниот износ за кој може да се купи удел во фондовите во Македонија изнесува 1.000 денари.
Инвестиционите фондови во Република Македонија Тргнувајќи од повеќекратните позитивни ефекти од дејствувањето на институционалните наспроти поединечните инвеститори, и Република Македонија се определи за прифаќање на овој вид финансиски институции во својот систем. Тоа е сторено со Законот за инвестиционите фондови, на чие донесување му претходeла неколкугодишна работа од страна на експертска група, формирана во рамките на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
Во Република Македонија работењето на Инвестициските фондови и Друштвата за управување со инвестициски фондови е регулирано со Законот за инвестициски фондови (Службен весник на РМ бр. 9/2000 и 29/2007). Во овој закон, инвестициониот фонд се дефинира како здружување на парични средства наменети за вложувања во хартии од вредност, парични депозити и други средства, кои средства се прибираат од вложувачите преку јавен повик за продажба на документи за удел кај отворените, односно акции кај затворените фондови, со кои за сметка на вложувачите управува друштвото за управување со фондови.Закон за инвестиционите фондови, член 4 , „Сл. весник на Р Македонија”, бр. 9/2000 од 10.2.2000 г. Значи, се работи за модел на индиректно вложување, кога заинтересираните вложувачи не вложуваат директно во хартии издадени од трговски друштва или други субјекти, туку тоа го прават посредно, преку вложување во инвестиционен фонд кој понатаму вложува во нивно име и за нивна сметка кај затворениот фонд или во свое име, а за нивна сметка кај отворениот фонд.
Видови инвестициони фондови Во пазарните економии можат да се сретнат различни видови инвестициони фондови. Според начинот на мобилизирање на средствата, основната поделба на инвестиционите фондови е на отворени и затворени инвестициони фондови.
Отворени фондови Отворените фондови немаат својство на правно лице, континуирано издаваат документи за удел и документите за удел се откупливи, односно фондот е обврзан да ги откупи документите за удел во секое време кога тоа ќе биде побарано од страна на нивните иматели. Тоа значи дека бројот на уделите во отворениот инвестициски фонд, како и нето-вредноста на средствата сепроменливи.J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 404. Бидејќи односите меѓу фондот и вложувачите кај отворените фондови најчесто се уредуваат со договор, овие фондови се познати како договорни фондови. Сопствениците на документите за удел во договорните фондови немаат никакви гласачки права во поглед на прашањата сврзани со работењето на фондот.
Затворени фондови Затворените фондови се основаат како правни лица, односно како акционерски друштва, издаваат акции и слично како останатите акционерски друштва, со закон им е забрането да вршат откуп на сопствените акции и нивните акции котираат на берзи или на други регулирани пазари на капитал, а на акционерите им се даваат одредени гласачки права. Бидејќи се формираат како правни лица, тие се среќаваат како корпоративни фондови, инвестициски компании и сл. Овие фондови се одликуваат со непроменлив износ на средства, кој е однапред дефиниран, т.е. не е можно дополнително зголемување или намалување на уделите.
Договорната форма на инвестиционите фондови е карактеристична за Германија и Велика Британија, корпоративната форма се среќава во САД, додека во практиката на Франција познати се обете форми.
Покрај споменатите, се среќаваат и фондови со фиксно портфолио и фондови со флексибилно портфолио. Се работи за тоа дали со статутот и проспектот за оснавање на фондот ќе се дозволи инвестирање само во точно определени хартии (акции, обврзници или други) или пак на друштвото за управување ќе му се остави поголема слобода во изборот на хартиите во кои таа може да вложува. Во развиените пазарни економии се сретнуваат и специјализирани фондови кои вложуваат само во точно определени стопански гранки (авиокомпании, фармацевтска индустрија, компјутерска индустрија и други).Investment fund , Investment Words.
Одлики и правна природа на инвестиционите фондови Имотот на инвестиционите фондови, во споредба со другите „обични“ трговски друштва, е посебен и се состои од хартии од вредност, парични депозити и други средства. Заради таквата посебност, кај инвестиционите фондови доаѓа до радвојување на сопственоста од управувањето. Имено, фондовите се основаат и се управуваат од страна на друштва за управување со фондови, кои се наполно независни и издвоени од фондовите, и нивен единствен предмет на работење е да основаат и да управуваат со фондови. Имотот на фондот мора да се држи и де се прикажува одвоено од имотот на друштвото за управување со фондови. За таа цел, имотот на фондот се држи кај депозитна банка, што ја избира друштвото за управување со фондови, врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност. За да се избегне можниот конфликт на интереси, друштвото за управување со фондови и депозитната банка мораат да работат независно и исклучиво во интерес на лицата кои вложиле во фондовите, и исто друштво не може да врши работи на друштво за управување и депозитна банка.
Сопствениците на документи за удел кај отворените, односно акционерите кај затворените фондови, по правило имаат само имотни права од нивните удели, односно акции, додека членските права, како на пример правото на глас кај затворените фондови, по правило е ограничено. Правата на вложувачите во инвестиционите фондови спрема друштвото за управување ги штити депозитната банка, но тоа не го исклучува правото на вложувачите лично да ги остваруваат своите побарувања. Токму од ваквата поставеност на субјектите инволвирани во работењето на инвестиционите фондови во теоријата се јавува проблемот на утврдувањето на нивната правна природа, а особено на отворените фондови.