Оваа статија се однесува на регионот во Република Македонија. За други значења видете Македонија (појаснување) Западна Македонија — регионот западно од планинскиот масив Јакупица (Солунска Глава), западно од Раечка Река и Селечка Планина, сè до границите со Албанија на запад, дел од границата со Грција на југ и делот на границата со Косово на север. Западна Македонија се одликува со посебни културни, јазично-дијалектни и историски особини. Карактеристична област во овој дел од земјата е Реканскиот Регион (наречен и само Река).

Многу често овој термин се користи во политичка смисла само за регионите на Тетово, Гостивар и Дебар, односно на краиштата претежно населени со Албанци, што е погрешно бидејќи во Западна Македонија покрај овие три региони спаѓаат и следниве градови и нивните околини: Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Кичево, Крушево, Ресен, Македонски Брод и Демир Хисар.

Иако географски гледано денес на картата на Република Македонија градот Прилеп изгледа дека е на средишниот дел, сепак ако се гледа картата на регионот Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија) пред поделбата во 1913, тој ги има етногеографските одлики на западен македонски град.

Демографија Според пописот од 2002 година, во овој регион живееле 763.912 жители.

Од етнички аспект, Македонците живеат на целата територија, додека Албанците претставуваат мнозинско население во целата Полошка Котлина, во градот Дебар, а околу една половина од населението сочинуваат во Кичевско и Струшко (дел од Македонците муслимани се изјаснуваат како Албанци). Помал број на Албанци живеат во градовите Охрид, Битола и Ресен, како и во неколку преспански, битолски, прилепски и крушевски села. Македонското население е поделено во две конфесии - христијани и муслимани, а Македонците муслимани претставуваат најмногубројно население во Реканскиот регион, а исто така во голем број се застапени и во Дебарско, Жупа, Струшко (Поле и Дримкол) и Кичевско и Прилепско. Турците во најголем број живеат во Гостиварско, односно во градот Гостивар и уште во неколку големи села, потоа во Жупа, Преспа, како и во градовите Дебар, Струга, Охрид, Кичево, Битола и Ресен. Ромите се застапени готово во сите градски средини, а Власите живеат во Крушево (20 % од населението), Струга, Охрид, Битола и во неколку битолски села.

Етнички гледано, населението е составено од: Број%Вкупно763.912100Македонци369.11548,3Албанци316.73141,4Турци44.8025,86Роми14.2371.86Власи3.3830.44Бошњаци2.6920,35Срби2.1760.28други10.7761.41

Поврзано Источна Македонија Јужна Македонија Северна Македонија